Земјите-учеснички не се откажуваат од „Јужен поток“
12 декември 2013Бугарија нема да се откаже од проектот „Јужен поток“, и овој проект ќе се случи, потврдил бугарскиот министер за економија и енергетика Драгомир Стојнев во Брисел .
Стојнев и неговите колеги од земјите од ЕУ, кои се дел од проектот за гасоводот „Јужен поток “, имаa работен појадок во седиштето на Европската комисија во Брисел, каде домаќин беше комесарот за енергија Гинтер Eтингер.
По средбата Стојнев соопшти дека Бугарија го постигнала тоа што го сакала. „Имено, Европската комисија треба да биде водечка во преговорите со руската страна. Оваа наша позиција беше поддржана и од Словенија и Унгарија, како и од Австрија. Сметаме дека комесарот Eтингер треба да ги штити интересите на сите земји членки. Јас јасно изјавив дека за нас тоа е еден исклучително важен економски проект кој ќе создаде илјадници работни места во Бугарија и проект кој ќе придонесе за економскиот раст, и ние нема да се откажеме од него“, изјавил Стојнев.
Словенечката премиерка Аленка Братушек во пресрет на состанокот изјави дека во периодот кога нејзината земја го потпишувала договорот, тој одговарал со законодавството на ЕУ.
Анонимни извори во ЕУ, за агенцијата Бета, велат дека е нејасно што е спорно во договорите за „Јужен поток“, кога тој во ништо не се разликува од Северниот тек, кој Германија го изгради заедно со Русија.
Проектот „Јужен поток“ предвидува цевките на гасоводот да минуваат низ Бугарија, Италија, Грција, Унгарија, Словенија и Австрија. Претходно овој месец, Европската комисија соопшти дека меѓувладините договори со Русија не одговараат на европското законодавство, а Комисијата инсистира договорите да бидат преддоговори.
Портпаролот на еврокомесарот Eтингер појаснил дека Брисел нема да ја сопре изградбата и дека ќе направи конечна проценка кога гасоводот ќе биде изграден и пуштен во акција. Тогаш би биле преземени кривични постапки, доколку не е запазен принципот на отворен пристап, ако цените за пренос на гориво не се утврдени од независен орган и ако производителот и добавувачот на гориво не се различни од сопственикот на гасоводот.