Земјотрес во ЦДУ: Меркел ја губи моќта
11 февруари 2020Најавената оставка на претседателката на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Анегрет Крамп-Каренбауер и нејзиното откажување од кандидатурата за канцеларската позиција ја погоди несигурната во себе партија, која по некои прашања е дури и дезориентирана. Но, земјотресот е уште поголем.
ЦДУ почнува да се препнува. Другата досегашна народна партија, СПД, се влечка одамна и во потрага е по својот курс и суштина. Како што некогашната шефица на СПД, Андреа Налес пролетта 2019 година, по 13 месеци раководење со најстарата германска партија, го предаде кормилото, така сега Крамп-Каренбауер најави свое заминување по само 14 месеци на чело на ЦДУ.
Имиња, шпекулации, гласини
И сега? Имиња, имиња, имиња, шпекулации и гласини. Но, тука не станува збор само идниот лидер на ЦДУ и кандидатурата за канцелар. Станува збор за многу повеќе. Партијата мора да расчисти со тоа како се разбира себеси и какво е единството во нејзините редови. Зашто, ЦДУ одамна не делува како една партија, а тоа се покажува во Тирингија и на сојузно ниво, на интернет и во секојдневната работа, во соработката и сѐ почестите судири. Пред само 11 недели, на партискиот конгрес на ЦДУ во Лајпциг, Крамп-Каренбауер, која по постојаните критики бараше отворен разговор, беше поздравена со аплаузи.
Германија е соочена со година на одлука. Ќе се одлучува не само за прашањето дали и како ЦДУ сака да остане народна и среднорочно владеачка партија на сојузно ниво. Не, во прашање се наследениот парламентаризам во Германија, значењето на партиите, партиската дисциплина и слободата на разумот на пратениците. И, предмет на дебата е пред сѐ прашањето дали и како Ц-партиите (партии кои во своето име содржат 'христијанска') ќе им пристапат на деснопопулистичките сили и екстремните политички струи.
Крамп-Каренбауер својата одлука ја образложи со „силните центрифугални сили“ во општеството, за што е потребна силна ЦДУ со единствено раководство. На крајот на краиштата, се работи за иднината на демократијата во Германија. Речиси 71 година по основањето, Сојузната република е соочена со тест, исправена е можеби пред крајот на својот досегашен партиски систем. Други политички табори, меѓу нив и силните Зелени, не ја преземаат, или сѐ уште не ја преземаат, оваа улога од досегашните народни партии.
Растечка нестабилност
На крајот на јануари претседателот Франк-Валтер Штајнмајер зборуваше на седницата на Бундестагот на која им беше оддадена почит на жртвите на националсоцијализмот. Тој упати предупредувачки зборови кон новата десница и кон „старата уништувачка идеологија“, кон „лошите духови од минатото“ кои денес „се јавуваат во ново руво“. „Се плашам дека не бевме доволно подготвени за тоа, но токму тоа е нашиот тест денес! И тој тест мора да го положиме“, рече Претседателот. Притоа, тој не зборуваше за одделни партии. Штајнмајер ја опомена целата политика и општество.
Растечката нестабилност која доаѓа со најавата за оставка на Крамп-Каренбауер и потрагата по вистинскиот курс, е удар за Германија и тоа во времиња во кои истовремено понесигурен станува економскиот развој и гнојат социјал-политички фрактури. Времиња во кои политиката ширум светот поради американскиот претседател Трамп и други популистички владетели се чини нестабилна како никогаш досега од падот на Ѕидот. Времиња во кои пост-Брегзит Европа се ниша и во кои Германија, од јули, презема претседателство со ЕУ. Германија меѓународно е соочена со предизвици како никогаш досега, а национално е станата несигурна како што одамна не била.
Канцеларка на заминување
Досега често се зборуваше дека е „одѕвонет“ крајот на канцеларувањето на Ангела Меркел. Тоа почна уште со повлекувањето од функцијата шефица на ЦДУ, на крајот на октомври 2018 година, и назначувањето на Крамп-Каренбауер за нејзина наследничка шест недели потоа. И, оттогаш тие констатации не престануваат. Во политичката понеделничка бура во Германија тој „ѕвон“ навистина можеше да се слушне: Ангела Меркел останува канцеларка и политички суверен, но таа е само канцеларка на заминување. Нејзината моќ во партијата и со тоа и нејзиното време во Канцлерамтот се ближат кон крајот. А, таа веќе го нема во свои раце процесот на „уредено заминување“. Канцеларка на заминување и ЦДУ-лидерка на заминување - и двете работи не се гаранција за политичка стабилност годинава.
Речиси по секој земјотрес следуваат афтершокови. Во германската политика ќе стане многу понемирно, и тоа во многу пошироки рамки од оние на прашањето на лидерство во ЦДУ. Ќе стане понемирно и повозбудливо. Тој тест Германија допрва ќе мора да го положи.