Знаци на рецесија на германското стопанство
8 октомври 2014Производството на германската индустрија во август е за пет проценти помало отколку во јуни, а нарачките се намалени за шест проценти. Ова е најголем пад од кулминацијата на економската криза на почетокот на 2009 година. Особено силно е погодена браншата која се смета за мотор на германското стопанство: производителите на инвестициони добра - значи машиноградбата и производството на постројки.
Сојузното министерство за економија зборува за „фаза на слабост“, но истовремено се обидува да ја направи сликата помалку мрачна, повикувајќи се на фактот дека август е месец на годишни одмори. Смирувачките тонови од политиката дејствуваат како самохрабрување, оти овие бројки не се единствените индиции за тоа дека доаѓа период на рецесија.
Расположението на раководните структури на германските претпријатија, кое редовно го мери институтот Ифо, во изминатите месеци стануваше се’ помрачно , а уште полошо е кај вложувачите во акции и аналитичарите. Дури и готовноста на купувачите за трошење, која досега секогаш се наведуваше како доказ за добрата економска состојба во Германија, во последно време два пати последовно опаѓа. А сега, значи, тој тренд ја зафати и индустријата која е посебно зависна од извозот. Кога на стопанството во странство не му оди како што треба, опаѓа и побарувачката на производи од Германија.
Меѓународниот монетарен фонд штотуку ја намали својата прогноза за конјунктурата на светското стопанство. Состојбата во големите земји во подем, како Кина и Бразил, останува тешка, а конфликти како и санкциите против Русија или борбата против теророт во Ирак и Сирија дополнително ја зголемуваат несигурноста. Најважна причина за падот сепак е долготрајната криза во Европа. Две третини од германскиот извоз одат во Европската Унија, голем дел од тоа во земјите од зоната на еврото.
Добро за Европа?
Бројките покажуваат: без силни европски соседи германското стопанство нема голема иднина. Во таа смисла лошите вести од Германија можат да се покажат како добри за Европа. Имено, ако и германската влада осознае дека највисок приоритет мора да има решение на кризата во еврозоната. Досега таа се ограничуваше на тоа, германскиот модел самозадоволно да го фали како пример за углед и кризните европски стопанства да ги притиска за уште поостри напори за штедење и реформи.
Канцеларот Ангела Меркел секогаш се спротивставуваше на вистински солидарни појдовни решенија: од европските обврзници - значи, заедничка државна обврзница, па се’ до едно заедничко осигурување на штедните влогови кај банкарската унија. Според американскиот економист и носител на Нобеловата награда за економија Џозеф Штиглиц, кризната политика форсирана од Германците досега не може да се пофали со успех - економијата во Европа стагнира, невработеноста е висока, социјалните системи во многу земји се ослабени, а се зголемува приливот во националистичките партии.
Секако, многу е неверојатно дека сигналите за рецесија што наидува ќе доведат до промена на ставот на германската влада во врска со Европа. Но, тоа сепак би било во интерес на Германија. Оти, само е прашање на време кога кинеските производители ќе прават машини и постројки кои ќе бидат сериозна конкуренција на германските производи. Ако Европа дотогаш не се опорави, и во Германија ќе стане непријатно.