1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЗНМ: Слободата на медиумите во Македонија е сериозно загрозена

СН/жа/макфакс3 мај 2014

На 3-ти Мај, Светскиот ден на слобода на печатот, новинарите во Македонија немаат причина за прославување затоа што слободата на изразување и независноста на медиумите се сериозно загрозени, наведува ЗНМ.

https://p.dw.com/p/1BtKH
Фотографија: Fotolia/sahua d

Во соопштението на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) по повод Светскиот ден на слободата на медиумите уште се наведува: „Иако македонскиот устав го гарантира правото на слободата на говорот и на информирањето, овие основни човекови права за жал се неостварливи. Водечките медиуми во Македонија се пристрасни и непрофесионални, кои место да ја информираат јавноста за состојбата во општеството, станаа пропагандно средство на владејачката структура“, стои во соопштението.

Ваквата оценка, наведува ЗНМ, ја потврди и Извештајот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ и на Советот на Европа, кои го мониторираа начинот на известување на медиумите за изборите и кои забележаа дека медиумите известуваа пристрасно во корист на власта. Освен тоа, стои во соопштението, Македонија во последните седум години падна за 87 места на Индексот за слобода на изразување на Репортери без граници.

„Ваквата состојба е резултат на погрешните медиумски политики спроведени уште од осамостојувањето на земјата, кои за жал ескалираа во последните години. Томислав Кежаровски е единствен новинар во Југо-источна Европа осуден со казна затвор за напишан текст, а Зоран Божиновски е единствен новинар во Европа обвинет за шпионажа. Носителите на високи јавни функции се уште ги користат тужбите за клевета и навреда да ги заплашуваат новинарите и да ги одвраќаат да истражувааат. Казната за неделникот Фокус од шест илјади

евра за наводна клевета на Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање претставува еклатантен пример на неспроведување на

праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, пишува во соопштението.

Од таму велат дека новите медиумски закони во целост не се усогласени со препораките на Советот на Европа и европските стандарди и дека истите не обезбедуваат независност на Агенцијата за медиуми и Македонската радио телевизија, а во нив се предвидени високи казни за медиумите и има обид да се дефинира професијата новинар.

Освен тоа, велат од ЗНМ, нема законско решение за транспарентно отчетно трошење на јавните пари во медиумите.

„Ова тешка состојба во медиумите може да се промени само со радикални мерки. Апелациониот суд треба сериозно да ја преиспита пресудата против новинарот Томислав Кежаровски, а Јавното обвинителство треба да го повлече обвинението за шпионажа за новинарот Зоран Божиновски. Сите носители на јавни функции и политичари веднаш да ги повлечат сите тужби за навреда и клевета против новинари. Граѓанскиот суд во Скопје треба стриктно да ја примени праксата на Европскиот суд за човекови права кога одлучува за тужби на јавни личности

против новинари. Идната Влада веднаш да пристапи кон измени и дополнувања на медиумските закони за да се корегираат сите слабости во нив. Таа треба да прекине веднаш со рекламирање во медиумите додека не се донесе законско решение за транспарентно трошење на јавни пари во медиумите и врз основа на јасни критериуми“, потенцира ЗНМ во соопштението по повод 3 Мај - Денот на слободата на медиумите.