1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски не може да победи?

16 септември 2020

За мене и после првиот пораз на локалните избори во 2017 година беше јасно дека овој тим не може да извојува победа. За тоа има повеќе причини кои се особено врзани за лидерот. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/3iXOX
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Некои велат дека големиот Алберт Ајнштајн лудоста ја дефинирал на следниот начин: Лудост е да ја повторуваш истата работа одново и одново и да очекуваш различен резултат. Некои велат дека сепак ова не е мисла од него туку од некој друг. Но, тоа и не е толку важно, важна е константата која оваа мудрост ни ја носи, иако таа има и доста варијации кои повторно водат кон истиот заклучок. Една од тие варијации на тема е уште една дефиниција според која лудост е постојано да ја повторуваш истата грешка и да очекуваш различен резултат.

Фризирани анкети

После поразот на локалните избори во кои во голема мера учествуваше истата партиска екипа на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот личен пораз како носител на листата во град Скопје, следеше негов нов пораз на гласањето за референдумот за промената на државното име, пораз во парламентот при гласањето за уставните измени, па потоа нов пораз на претседателските избори, уште еден пораз на локалните избори во Охрид и Ново село, пораз во парламентот при гласањето за двотретинскиот закон за јавното обвинителство, за на крај овој поход од порази да кулминира со најтешкиот пораз, поразот на парламентарните избори. 

Неуспехот на парламентарните избори е најтежок пораз бидејќи тоа се најважните избори за секоја партија, а дополнително во случајов ја отежнува ситуацијата и тоа што лидерот лично, но и најблиските околу него го убедуваа членството дека ќе победат со 10-12 пратеници разлика во однос на конкурентскиот СДСМ.

Други колумни од авторот:

-Мегаломанијак

-Бели марамчиња за селекторот

-Обединување под нови постулати

Во нашите вмровски кругови нашироко се зборува за тоа кога лично Мицковски непосредно пред изборите на истакнати членови на партијата им презентирал „фризирана анкета“ од една агенција според коja ВМРО-ДПМНЕ убедливо води на изборите, за после изборите да „заборави“ дека ја презентирал таа анкета и на истите тие да им каже дека агенцијата која ја правела анкетата всушност ги погодила резултатите од изборите. Да знаеш дека губиш, а на членството и на блиските соработници вклучително и на бившите и актуелните пратеници да им кажуваш дека убедливо водиш сметам дека не е мудро лидерство.

Нови костуми за нови порази

За мене и после првиот пораз на локалните избори во 2017 година беше јасно дека овој тим не може да извојува победа. За тоа има повеќе причини кои се особено врзани за лидерот.  

Прво, не е голем работник, повеќе сака да филозофира отколку да делува.

Второ, го губи времето на непродуктивни сплеткарења, кафеански седенки и озборувања.

Трето, не знае да состави тим, ниту пак да селектира и привлече квалитетни кадри.

Четврто, нема способност да менаџира со сложени операции, ниту пак да постави организација која ќе функционира.

Петто, склон е да верува во завери и конспирации и често делува без да ги провери информациите од повеќе извори.

Шесто, има огромна суета и неприродно силна желба за моќ (власт).

Седмо, нема харизма. Не е дека нема позитивни квалитети, но и тие се сериозно засенети од фактот што лесно отстапува од дадениот збор.

Во изминативе неколку недели сретнав неколку луѓе на кои им ветувал дека ќе бидат носители на пратенички листи, а потоа не само што не ги ставил за носители, туку воопшто не ги ставил ниту на пратеничка листа. Да не зборувам за тоа на колку луѓе им ветил дека ќе ги направи пратеници со зборовите: оди купи си нов костум, те ставам на листа. Костумите си останаа нови, а измамените партиски членови, пратеници не станаа. 

Бојкот во Штип?

Сега за неколку месеци не чекаат нови локални избори во Штип. Градоначалникот на Штип, г-динот Бочварски беше избран за министер во владата, прв роден штипјанец кој живее и работи во Штип што станал министер во владата после долго време. Само овој факт му носи дополнителни поени на СДСМ во Штип за локалните избори. Да не зборувам за фактот што локалните избори доаѓаат само неколку месеци по составувањето на влада на СДСМ, што исто така не е во прилог на ВМРО-ДПМНЕ. И тука некаде завршуваат атрибутите на СДСМ за Штип- нема проекти, нема нови фабрики, нема со што да се пофали. Жалната вистина е дека и покрај ова, шансите СДСМ повторно да победи во Штип се големи и единствената причина за тоа е слабиот тим на ВМРО-ДПМНЕ на национално ниво. Од друга страна, истиот тој тим на ВМРО-ДПМНЕ со истата тактика, со иста реторика, претоварени со багаж од многу последователни порази, се надеваат на различен резултат, односно на победа. Да потсетам, лудост е да ја повторуваш истата работа одново и одново и да очекуваш различен резултат. Повторувајќи ги истите грешки очекуваат различен резултат овој пат. Да беше до нивната упорност ќе беше добро, ама за жал не е.

Претпоставувам дека и некој друг им ја спомнал дефиницијата за лудост, па сега веројатно ќе се обидат да одат со добро познатата им тактика на бојкот. Несигурни во себе, а сигурни во неповолниот исход од изборите за Штип, многу е веројатно дека ќе посегнат по ова крајно недемократско оружје- бојкот. Или однапред ќе најават дека ќе ги бојкотираат изборите за Штип или ќе влезат во изборната трка, па потоа демек за реклама ќе си префрлат и поделат неколку милиончиња буџетски пари на лично нивните портали, за потоа неколку денови пред денот на гласање под изговор дека изборите не се фер и демократски да се повлечат од изборната трка за да не загубат. Јасно е како бел ден дека бојкотот на изборите за Штип или повлекувањето од изборите неколку дена пред гласањето не е ништо помалку од уште еден голем, но и срамен пораз. Затоа, ве молам на ова немојте ни да помислувате. Сепак ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија.

Nordmazedonien | Demonstration Oppositionspartei  VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Окрупнување?!

Не знам кој полу-стратег ја измисли тезата за буткање на СДСМ од власт на рати. Ако го плаќа ВМРО-ДПМНЕ веднаш да го избрка и да си ги бара парите назад, но и да му бара надомест за претрпената штета за угледот на партијата. Ако пак оваа мудрост доаѓа од лидерот, во тој случај е друга ситуација и тоа нема сигнификантно значење во неговото политичко CV полно само со порази.

До сега од ративе кои ги најави лидерот, веќе плативме седум. Наскоро во Штип треба да ја платиме и осмата рата. Уште колку рати треба да платиме за да победи ВМРО-ДПМНЕ? Некако имам чувство дека лидерот и неколкуте околу него се луксузираат на туѓа сметка, а членството, но и граѓаните им го плаќа цехот со секоја рата. Како намерно да работат против сопствената партија. Не ќе да е ова чесно, а уште помалку честито.

Ми личи дека окрупнувањето на опозицијата со дел од раководството на Интегра е дело на истиот полу-стратег што измисли дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го руши СДСМ на рати. Искрено, тоа што  лидерот на спектакуларна прес- конференција се обиде да прикаже окрупнување на опозицијата со  тоа што во ВМРО преминаа неколку луѓе од Интегра, по што следеше реакција од претседателот на партијата Интегра дека станува збор за човек кој бил избркан од партијата заради сексуално малтретирање на некои сопартијци, навистина не можам да го коментирам. Срамно е.