Зошто Горбачов го смени ставот кон Путин?
11 ноември 2014Канцеларката важи за остар критичар на политиката на Владимир Путин кон Украина, додека Михаил Горбачов, на изненадување на многумина, ја брани таа политика. Горбачов никогаш и не криеше дека го гледа Крим како дел од Русија. Сецесијата на Украина и Белорусија во 1991 година од тогашниот Советски Сојуз и тој, како и претседалот Путин, го смета за историска грешка, која му ја префрла на неговиот наследник Борис Јелцин.
За одбележување е жестината со која Горбачов во меѓувреме го критикува Западот: тој предлага нов почеток во односите меѓу Берлин и Москва, но правецот притоа е јасен: Западот е тој што треба да го промени курсот, а не Путин. Пред неговата посета на Берлин, Горбачов изјави дека е задоволен од тоа што Путин подобро од било кој ги штити руските интереси. Притоа, тој и натаму остро го критикува и Путин. Кога во 2013 година рускиот претседател нареди упади во канцелариите на невладините организации, Горбачов му порача: „Доколку некој сака диктатура, нека оди таму каде што веќе постои диктатура“.
Прашањето е од каде тогаш доаѓа промената на ставот, особено доколку се има предвид дека Путин го смета Горбачов за главен виновник за распадот на СССР? Мнозинството Руси исто така.
Сакан во Германија, омразен во Русија
Трагедијата на Горбачов е токму во тоа што е многу ценет во странство, а омразен дома. И поради тоа е огорчен. Тој беше задолжен да го реформира, а не да го растури Советскиот Сојуз. Тој очигледно го потцени експлозивниот потенцијал содржан во тоа дека моќта веќе не беше централизирана кај Комунистичката партија. Покрај внатрешнополитичките проблеми, нему му недостасуваше и надворешно-политички концепт, па на крајот мораше да го прифати и обединувањето на Германија и нејзиното членство во НАТО. Дома се’ уште му забележуваат поради тоа.
И Горбачов и Путин жалат поради распадот на СССР и во тоа се единствени. Она по што се разликуваат се нивните ставови во односот кон земјите од поранешниот источен блок и советските републики. Горбачов во 1988 се дистанцираше од доктрината на Брежњев. Тоа им овозможи на земјите од Варшавскиот пакт самите да си ја одредат својата државна форма. Оваа слобода ги овозможи слободарските револуции во источна Европа. На крајот, Студената војна заврши, а Германија беше повторно обединета. Тоа ја зацврсти неговата популарност на Западот и особено во Германија, и таа трае и денес. Човекот кој ги воведе Гласност и Перестројка беше и сѐ уште е добредојден гостин во Германија. Тоа се покажа и на годинашната прослава на 25-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид.
Тоа што Горбачов сега го зема во заштита Путин и го критикува Западот е во спротивност со неговите принципи. Но, тој овде нема биде критикуван поради тоа. Германија му е премногу благодарна.