1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто е важно да си ветиме „во новата година ќе...“?

Габи Ројхер / Е.М.Фиданоска1 јануари 2015

Што воопшто е „добра“ намера за новата година? Кои цели во животот навистина не‘ тераат напред? Како добрите намери и замисли можат да помогнат за развој, објаснува авторката и тренер Кордула Нусбаум.

https://p.dw.com/p/1EByd
Фотографија: Fotolia/Marco2811

Кордула Нусбаум е тренер и експерт за креативно хаотично време и самоменаџирање. Таа во средиштето ги става талентите на луѓето и со своите семинари и книги поттикнува на избирање сопствен пат. Дека во тоа е успешна, потврди и потрошувачката организација и фондација Штифтунг Варентест, каде нејзината книга со совети за менаџирање на сопственото време е прогласена за најдобра.

На крајот на секоја година Кордула Нусбаум со онлајн-акција ги повикува своите клиенти и учесници на нејзините семинари да ги напишат своите добри намери за новата година. Во книгата „Сепак е можно!“, која ќе излезе од печат во март 2015-та таа дава совети и стратегии како да се остварат соништата, целите и лудите идеи.

ДВ: Госпоѓо Нусбаум, оваа анкета за добрите намери ја спроведувате со години. Дали е нешто променето во тоа што луѓето си поставуваат за задача за наредната година?

Кордула Нусбаум: Долги години беше така што луѓет велеа: побрзо, повисоко, подалеку, да се постигне повеќе, да се гради кариера. Во тој дел забележувам јасна промена. Во фокусот сега се други вредности. Тука се вбројуваат односите со другите луѓе, или барањето работа која прави задоволство. На моите семинари забележувам дека се‘ повеќе луѓе велат: подобро помала заработувачка, но да имам повеќе време за себе, за пријателите и за работи кои имаат смисла.

Cordula Nussbaum
Кордула НусбаумФотографија: privat

Дали прави разлика ако една добра намера почнува со „морам задолжително“ или пак почнува со „сакам“?

Апсолутно има врска како почнува. За мене најдоброто прашање е: „Зошто?“ Ако ја земеме класичната добра намера да се престане со пушење и ако се постави прашањето зошто, тогаш многумина велат „затоа што ме нервира веќе долго и затоа што сакам“. Но тоа не е силно „зошто“. Силно „зошто“ би било, на пример, ако имам деца и син ми ми рече: „Смрдиш на чад, со тебе не сакам веќе да се гушкам“. При класичните новогодишни добри намери вакви силни причини најчесто нема.

Како да се исполнат целите кон кои се стремиме поради силно „зошто“?

Чекорот кој следи по прашањето „зошто“ е: „Што можам да сторам за барем малку да тргнам во таа насока и да дејствувам прагматично?“ Ако сериозно сакам да почнам со спорт, прво треба да си поставам мали цели, на пример веднаш да престанам да користам лифт и да одам по скали пеш. Тоа се работи кои добро може да се вклопат во секојдневието. Секогаш препорачувам да не се поставуваат високи цели, како трчање три пати неделно. Тоа е често тешко да се интегрира во секојдневието. Ако се пријавите во фитнес студио и сакате навистина да се занимавате со спорт, треба да размислите кога и по колку часа тоа ќе го правите, за да можете да издржите во остварување на целта.

Deutschland Mann raucht eine Zigarette
Една од најчестите новогодишни добри намери е да се престане со пушењеФотографија: picture-alliance/dpa

Дали со трагањето по раководни насоки во животот, следењето цели и желба за остварување на соништата сме во потрага по вечна среќа?

Основниот двигател на се‘ што правиме е желбата да бидеме среќни. Патот дотаму за секој од нас е различен. И со тоа доаѓаме повторно на почетокот на овој разговор - големото прашање „зошто“. Што од тоа што го правиш те прави навистина среќен? Така всушност стигнуваме до целите кои потоа можеме и вистински да ги реализираме.

Symbolbild Labyrinth
Ако правецот е вистински, сеедно е каде ќе се вкотвиме, вели НусбаумФотографија: Fotolia/Bertold Werkmann

Вашата наредна книга, која од печат излегува во март 2015-та се вика „Сепак е можно!“ Во најавата велите: „Возбудлив среќен живот е нешто што не може да се испланира.“ Значи, сепак да ги оставиме настрана добрите намери?

Не! Она што мислам е дека не можам точно да кажам што ќе правам во наредната година или за три години. Тоа што имаме цели во извесна мерка е нешто што сме го научиле во текот на животот, но нашиот живот не е сценарио или кутија со делови кои потоа ги комбинираме. Добри намери во смисла: „за што горам, што ми е важно“ е нешто што не‘ носи на вистинскиот пат, но на тој пат мора да бидеме секогаш отворени за нови шанси и можности кои се нудат. Ако тргнам на марш во вистинска насока, ако сум во вистинскиот океан, тогаш е сосема сеедно на кој остров ќе се вкотвам, се‘ додека коридорот е вистинскиот. Добрите намери ни се неопходни за воопшто да тргнеме на марш.