1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Ердоган ретерира?

Даниел Хајнрих
26 октомври 2021

Заканата за протерување на десет западни амбасадори од Турција се чини засега е повлечена. Турскиот претседател Ердоган зборува со попомирлив тон. Што се крие зад конфликтот?

https://p.dw.com/p/42Axn
Türkei Rede Präsident Erdogan vor der AK Partei
Фотографија: Mustafa Kamaci/AA/picture alliance

Што точно се случи?

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во текот на викендот од Министерството за надворешни работи побара да ги прогласи за непожелни личности амбасадорите на десет држави, меѓу кои и Германија. По седницата на владата вчеравечер, тој даде попомирлива изјава и рече дека амбасадите направиле „чекор на повлекување од клеветењето на земјата“. Ердоган верува дека амбасадите во иднина ќе бидат „попретпазливи во своите изјави во однос на сувереното право на Турција“.

Оваа изјава на Ердоган доаѓа по соопштенијата на американската амбасада и други западни претставништва дека се држеле до членот 41 од Виенската конвенција за дипломатски односи да не се мешаат во внатрешните работи на земјата. Набљудувачите, пак, зборуваат за „стратешка двосмисленост“, која на „Ердогановите креатори на мислење им дава можност да тврдат дека Западот капитулирал, додека англиската верзија создава впечаток дека Западот си останал на своите позиции во врска со човековите права“. 

Дипломатите претходно заеднички побараа ослободување на турскиот бизнисмен и филантроп Осман Кавала, кој е веќе четири години во затвор без пресуда. Европскиот суд за човекови права уште во декември 2019 година побара ослободување на Кавала.

Повеќе: Ердоган се бори да остане на власт

Кои се политичките причини?

Ердоган сака да го сврти вниманието од внатрешнополитичките проблеми на земјата, оценува експертката за Турција од Хамбург, д-р Шарлоте Јопиен. Турскиот претседател, како што вели таа, е под силен притисок, неговиот рејтинг во текот на изминатите месеци беше во постојано опаѓање. Анализата на експертката се поклопува со бројките на независниот институт Аврасија. Тој објави дека партијата на Ердоган, АКП, во моментов нема ниту цели 30% доверба.

Оваа слабост се чини како да ја обединува и раскараната опозиција во земјата. Кемалистичката ЦХП и национал-конзервативната Ији Парти (Добра партија, н.з.) заедно имаат доверба од над 40%. Освен тоа, тука се и неколку други помали анти-Ердоган партии, како и прокурдската либерална ХДП, чиј рејтинг е околу 10%, па шефот на државата и неговата партија би морале дури и да стравуваат од резултатите на наредните претседателски и парламентарни избори.

Türkei Kemal Kilicdaroglu Vorsitzender der CHP und Meral Aksener Vorsitzende der IYI Partei
Слабоста на Ердоган се чини како да ја обединува и раскараната опозиција во земјата (фото: Кемал Киличдароглу од ЦХП и Мерал Аксенер од ИЈИ)Фотографија: DHA

Зошто се намалува рејтингот на Ердоган?

На омиленоста на Ердоган ѝ штети пред сѐ лошата економска ситуација. Стапката на инфлација во меѓувреме изнесува 20%, корупцијата се зголемува, а вредноста на турската лира постојано паѓа. На почетокот на неделава за еден американски долар се добиваа рекордни 9,59 лири. Ердоган, пак, објаснува дека вредноста на лирата се зголемува. 

Повеќе:

Турција: Авторитаризам на грбот на економијата

Турција: Кога цената на кромидот ќе се вивне до небо...

Последиците од губењето на вредноста на валутата се големи: поскапува извозот кој е важен за земјата, многу Турци имаат земено кредити во долари кои сега веќе не можат да ги враќаат, а инфлацијата ги зголемува трошоците за секојдневна потрошувачка.

Türkei Istanbul | Geldwechselgeschäft | Türkische Wirtschaft
Менувачница во Истанбул - лирата постојано паѓаФотографија: picture-alliance/AP Photo/L. Pitarakis

Имало ли слични конфликти?

Сеедно дали се работи за дипломатската криза предизвикана од затворањето на германскиот новинар Дениз Јуџел, или спорот со САД и Франција околу „геноцидот“ на Ерменците во Османлиското царство во текот на Првата светска војна - ова ни оддалеку не е првпат Ердоган да се обидува да ги обедини приврзаниците околу себе преку некој скандал.

Притоа, радо презема мерки против земји кои наводно сакаат да ја држат Турција „мала“ и против медиуми кои, како што вели, и онака известуваат само погрешно. Тактиката на поларизација е дел од постојано исти калкулации. Таа се заснова на тоа дека курс на конфронтација насочен кон надвор наидува на плодна почва кај многу националистички ориентирани Турци. На тој начин и опозицијата би требало да биде натерана да зазема некаква „национална линија“.

Какви се реакциите на конфликтот?

Овојпат се чини калкулациите на Ердоган не наидоа на посакуваниот одговор од страна на опозицијата. Политичките противници не штедат остри критики на сметка на Ердоган. Шефот на најголемата опозициска партија ЦХП, Кемал Киличдароглу, вели дека претседателот се обидува да го сврти вниманието од „огромниот пад на економијата, за кој тој е виновен“.

Türkei Osman Kavala, prominenter Angeklagter in Istanbul
Дипломатите заеднички побараа ослободување на турскиот бизнисмен и филантроп Осман КавалаФотографија: ANKA

Слично аргументира и претседателот на Партијата на иднината, Ахмет Давутоглу, кој порано беше министер за надворешни работи и премиер во мандатот на Ердоган. Во случајов не се работи ниту за Осман Кавала ниту за независноста на правосудството, туку Ердоган само сака да поларизира, смета Давутоглу.

Кои опции му преостануваат на Ердоган?

И покрај големите внатрешнополитички критики и притисокот однадвор, турскиот претседател и натаму има средства за вршење притисок - на пример, НАТО-државата Турција да ја приближува и натаму кон Русија. Анкара веќе купи од Москва систем за противвоздушна одбрана С-400, и покрај тоа што сојузниците протестираа и против недвосмислената поинаква желба на САД. Вашингтон одби да ѝ достави на Турција борбени авиони од типот Ф-35.

Сега во Претседателската палата во Анкара се размислува, освен системите за противвоздушна одбрана, од Русија да се купат и борбени авиони. Тоа не е за занемарување, зашто Турција располага со втора по големина армија во западниот одбранбен сојуз.