1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија, ЕУ и руската нафта

Николас Мартин
15 април 2022

Прво јаглен, сега нафта? И покрај барањата од Украина, ЕУ досега не можеше да се договори за забрана за увоз на руска нафта. Зошто на Европејците им е толку тешко?

https://p.dw.com/p/49zgo
BdTD Belgien | Friedenszeichen in Brüssel
Протести во Брисел со порака „Стоп за Путиновата нафта“, 22.03.2022Фотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP Photo/picture alliance

За украинскиот претседател Володимир Зеленски е јасно: „Нафтено ембарго против Русија е нешто што мора да се направи“. Секој нов пакет санкции што не вклучува нафта ќе биде „прифатен со насмевка“ во Москва, гласи мантрата од Киев упатена кон ЕУ. Но, по запирањето на увозот на јаглен, ЕУ не сака да го прекине и увозот на нафта. Преголем е стравот од економски штети. Германскиот канцелар Олаф Шолц во средата (13.04.2022) повторно отфрли ембарго на ЕУ за нафта. Таков чекор веќе презедоа САД, Канада и Австралија.

Германскиот центар за сурова нафта

Зошто стравот во Германија е толку голем? Колку тешко може забраната за увоз да ги погоди Германија и ЕУ? Во Швет на ова прашање веројатно може да се даде многу прецизен одговор. Местото во германската покраина Бранденбург е, така да се каже, германски центар на сурова нафта, барем за источна Германија. Според сопствени наводи, речиси 90% од бензинот, керозинот, дизелот и нафтата за греење во целиот регион доаѓа од таканаречената ПЦК-рафинерија. Таму руската сурова нафта се преработува во речиси 20 различни горива.

„Ние ги придвижуваме Берлин и Бранденбург“, се вели на интернет страницата на рафинеријата. Како и многу рафинерии, и овде нафтата доаѓа директно од Русија, преку нафтоводот Дружба. Преработката е целосно прилагодена на високиот процент на сулфур во руската нафта. Префрлување на други квалитети е релативно скапо. „Ако рафинеријата во Швет веќе не се храни со руска нафта, во голем дел од источна Германија нема да работи ништо“, изјави пред неколку дена инсајдер за весникот „Ханделсблат“.

Овде годишно се преработуваат околу 12 милиони тони сурова нафта - тоа е повеќе од една третина од годишниот увоз на нафта од Русија. Според истражувањето на радио Бајеришер Рундфунк, годишно од Русија се увезуваат околу 30 милиони тони сурова нафта. Во последниот квартал од минатата година, Германија на Москва ѝ плати повеќе од милијарда евра само за нафта.

 Brandenburg - Druschba - Öl-Pipeline
„Пријателство - Дружба“ стои на цевките во рафинеријата ПЦК во Швет, преку кои доаѓа руска нафта (22.01.2018)Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

ЕУ и црното злато од Русија

Во 2019 година, ЕУ една четвртина од потребите ги покри со нафта од Русија. Во Германија од нафта доаѓа 36% од потребната енергија, што ја става земјата некаде во средината во Европа. Работите се поинакви во Малта, Кипар и Грција, на пример. Во Грција, според европските податоци, нафтата има удел од повеќе од половина во енергетскиот микс. Во Малта и Кипар е повеќе од 80 проценти. Голем дел од увозот таму доаѓа од Русија поради географската близина. Во текот на последните преговори за санкции на ниво на ЕУ, Унгарија, Германија и Австрија се спротивставија на забрана за увоз на руска нафта. Шведска, Данска и Финска, исто така, сè уште имаат тешкотии околу ова прашање.

Сè на сè, нафтата за ЕУ, барем теоретски, е полесно заменлива ​​од гасот, бидејќи е релативно лесно да се товари на танкери и да се транспортира низ целиот свет, вели за ДВ Кај Екерт од Информативната платформа за енергија. За разлика од таканаречениот течен гас (LNG), инфраструктурата за ова е достапна. Сепак, со тоа нафтата ќе поскапи. „Нафтата од Русија се испорачува преку гасоводот Дружба по прилично стабилна цена на транспорт. Ако сега се увезува од други земји, тоа би било можно да се прави речиси исклучиво по морски пат, а таму транспортните трошоци се повисоки, а роковите за доставување - подолги. Тоа ќе се одрази на цената“, вели Екерт.

Infografik Länder mit den meisten Ölreserven EN
Земји со најголеми резерви на нафта

Нафтена дипломатија во време на војна

Но, дали нафтата воопшто може да се замени за краток временски период? Според Меѓународната агенција за енергија (МАЕ), ЕУ во 2021 година од Русија секојдневно увезувала 2,2 милиони барели сурова нафта и 1,2 милиони барели нафтени деривати. Кај Екерт претпоставува дека е можно тие количества да се добијат и од други региони. Германија и ЕУ во моментов бараат алтернативи. Германскиот министер за економија Роберт Хабек неодамна беше во Емиратите. Може ли Венецуела или Иран да бидат следни? Ако е така, старите санкции ќе треба да се укинат. Барем САД се демократски партнер на ЕУ, кој веќе го зголемува обемот на производство.

А тука е и ОПЕК. Краткорочно, нафтениот картел би можел да произведе дополнителни два милиони барели, вели за ДВ Барбара Ламбрехт, експертка за суровини во Комерцбанк. Но, проблем претставува членството на Русија во проширениот круг ОПЕК +, вели Ламбрехт: „Тука досега не се ризикуваше прекин. Наместо тоа, постепеното проширување на производството на нафта се задржува до крај“. Генералниот секретар на ОПЕК неодамна на ЕУ ѝ даде негативен одговор и рече дека не може да ја замени руската нафта која ја увезува Унијата.

Infografik Öl-Importe EU DE
Од кои земји се увезува нафта во ЕУ (изразено во проценти)

Нафтата е главниот извор на приходи на Путин

Приходите од нафтата на Русија сочинуваа околу 30 отсто од рускиот државен буџет минатата година. За споредба, гасот, кој е многу потешко да се замени, сочинува само шест отсто од годишниот буџет на Москва. Според пресметките на европскиот тинк-тенк Бругел, ЕУ во моментов дневно увезува нафта во вредност од 450 милиони евра. Доколку овој приход изостане, тоа може значително да ја ослабне Москва.

Спорно е колку брзо Москва може да ги замени загубите со нови партнери. „На Русија ѝ треба време да бара нови пазари“, вели експертката на Комерцбанк, Ламбрехт. Покрај тоа, руските гасоводи во ЕУ, кои се значително поевтини за транспорт - како што е нафтоводот Дружба - веројатно веќе не би можеле да се користат.

Според тоа, на краток и среден рок, Москва е во преодна фаза слична на онаа на ЕУ. Затоа, централното прашање е дали Москва може да ги продаде руските нафтени резерви кои ќе останат непродадени во ЕУ. Кај Екерт претпоставува: „Можеби со намалување на цените, но нафтата ќе продолжи да ги наоѓа своите купувачи.“

Дали спасот е во Казахстан?

Прашање на цена

Кина би можела да одигра клучна улога во сето тоа. Гладот ​​за енергија таму е сè уште голем. Комерцбанк забележува дека Индија веќе купила „значајни количества“. Сепак, нови купувачи се наоѓаат само „постепено“, нагласува Ламбрехт. Дневното производство на нафта во Русија е намалено. Со новите партнери, трговските патишта би биле подолги „и како резултат на тоа, танкерите би биле подолго на пат. Тоа врзува капацитети. Освен тоа, бродовите на многу бродарски компании во моментов не влегуваат во руски пристаништа поради безбедносни причини и за да се зачува имиџот.“

Сепак, повеќето експерти се согласни дека забраната на ЕУ за увоз може уште повеќе да ги зголеми цените на нафтата. За Русија, зголемената цена на нафтата може да го компензира недостатокот на приход од извозот во ЕУ. Доколку тоа се случи, саканите ефекти ќе исчезнат. Но, ако Русија и на среден рок продаде значително помалку нафта и цената се стабилизира, целта на ЕУ би била постигната и Путин би бил силно погоден.

Германија има резерви

Вака или онака, деновите на евтина нафта преку нафтоводи од Русија се избројани. Министерот за економија Роберт Хабек сака Германија до крајот на годинава да стане „практично независна“ од увозот на руска нафта. Сè уште не е јасно како тоа може да се постигне. Проширувањето на обновливите извори на енергија трае подолго, ситуацијата со алтернативните извори сѐ уште не е разјаснета. Ваква слична ситуација има најверојатно во многу земји во ЕУ. Но, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, неодамна јасно стави до знаење дека се работи на брзо решение за проблемот со нафтата. „Ништо не е тргнато од дневен ред, вклучително и санкциите за нафта и гас“, рече Борел.

Доколку увозот престане порано, Германија има национални нафтени резерви, создадени поради нафтената криза пред 50 години. Тие би биле доволни за 200 дена без руска нафта, стои во документ на германското Министерство за економија, цитиран од весникот „Ханделсблат“. Но, од документот произлегува и дека во планирањето не биле вклучени квалитетот на сурова нафта и опциите за транспорт. Тоа значи дека токму за места кои се зависни од нафотоводите, како што е Швет, би можело да има големи проблеми при евентуално запирање на увозот на руска нафта.

Сепак, економската штета би била прегледна, барем за Германија. Но, отпорот во Берлин е поврзан и со друг страв: од некои кругови се вели дека се стравува оти Путин, при запирање на увозот на руска нафта, би го исклучил гасот. Тоа би имало огромни последици за многу земји, особено за Германија.