1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Зошто на Харви Вајнстин му истече времето?

Кејт Фергусон
26 мај 2018

Половина година по обелоденувањето обвиненија за сексуално злоставување, филмскиот магнат Харви Вајнстин е обвинет. Да беше роден порано, ќе се извлечеше, коментира Кејт Фергусон.

https://p.dw.com/p/2yM7i
USA New York - Harvey Weinstein stellt sich der Polizei
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Ozdil

Да беше роден декада или две порано, постоеја шанси Хаври Вајнстин да се извлече. Вчераутро, додека поминуваше покрај толпата новинари и гледачи на патот кон полицијата во Њујорк, ова мисла можеби и му минала низ главата.

Не е тешко да се замисли и дека можеби го пцуел духот на времето. Ако се земат предвид сметките на десетици жени, тој во својот професионален живот има научено дека сѐ додека имаш моќ да ги понижуваш или да ги замолчуваш со пари, жените се комодитет кој лесно може да се контролира.

И тогаш, на возраст од 66 години, кога се подготвуваше за поглед наназад на својата блескава кариера во Холивуд, времето одеднаш истече. За човекот кој својот живот го помина во контролирање на приказните, тој момент веројатно претставувал голем шок. Се чини од нигде-никаде жени чии кариери и тела ги контролирал лесно, веќе не беа подготвени да ги читаат сценаријата кои тој ги подготвуваше за нив. И, на негов ужас, нивните гласови се слушаа и што е уште поважно - се засилуваа.

Зошто сега?

Што се случи? Зошто по првпат раширеното сексуално злоставување на жените стана прашање за јавна дискусија? Додека Харви Вајнстин продолжува да ја чеша главата, еве две можни објаснувања.

Првото лежи во моќта на двата збора кои го симболизираат движењето кое бара промени: Me Too.

Во психологијата, теоријата на „првиот следбеник“ вели дека за нова идеја да тргне, неопходно е за нејзе да биде придобиен барем еден следбеник. Самопрокламираните лидери нема да направат напредок во ширењето на револуцијата доколку не уверат никого да ги следи. Откако ќе го придобијат „првиот следбеник“, идејата добива валидност и се намалува ризикот да се биде исмеан од страна на другите за застапување на таква идеја.

Kommentatorenbild *PROVISORISCH* - DW Reporterin Kate Ferguson
Кејт ФергусонФотографија: DW/K. Ferguson

Согласно ваквата теорија, првата жена која вели „Me Too“ има еднаква моќ како и онаа која рекла „Ова се случи“. Во овие два магични збора жртвата слуша: „Не си сама“. И што е уште посуштинско - светот слуша: „Таа не е сама“. Така конверзацијата е родена, а движењето почнува.

Втората причина поради која светот конечно вели „што е доста, доста е“ има врска со видливоста на оние кои обвинуваат и оној кој е обвинет. За жал, кога доаѓа до сексуално злоставување, не сите жртви или извршители се третираат еднакво. Случајот на Вајнстин беше покриван како што беше покриван поради степенот на познатост на жените кои му биле плен, како и степенот на неговата сопствена слава.

Веројатно ќе ве изненади податокот дека движењето Me Too датира од 2006 година. Се роди за да им се даде поддршка на жртвите на сексуално насилство, од кое натпропорционално беа погодени жените кои немаат бела боја на кожата од сиромашните слоеви на општеството. Беа потребни 12 години и понижување на моќни бели жени за визијата да стане вирален хаштаг.

Вајнстин е само почетокот

Да немаме илузии - Харви Вајнстин се предаде не заради жените кои го обвинуваат за силување, туку заради промената на духот на времето. За него времето истече. Но многу ранливи жени и натаму страдаат во тишина ширум светот, чекајќи трпеливо на нивното #MeToo-движење. Секој од нас треба да обезбеди тоа да почне што е можно побрзо.