GM Opel
27 август 2009„Опел“ доминира во понудата на „ЏМ “во Европа - 73 проценти од сите автомобили што ги продава се од „Опел“, или идентични - од „Воксхол“. Во Западна Европа тој удел е уште повисок, а само во Источна Европа марката „Шевролет“ остварува бројки вредни да се споменат, и тоа најчесто, пак со некогашни конструкции на „Опел“. Значи, не можеше да се очекува дека „ЏМ“ лесно ќе се откаже од „Опел“, без кого американскиот концерн не би го ни имало на „стариот континент“. Оттука, и долгото ценкање и гласини дека „Опел“, сепак, нема да биде продаден, или ако веќе, тогаш само привремено на некој финансиски инвеститор. Штефан Брацел, високошколски професор по автомобилска економија од Бергиш Гладбах, нагласува: „Не смее да се потценува дека со ’Опел‘ би заминал еден важен дел од ’ЏМ’. Ако ’ЏМ’ сака и натаму да игра глобална улога, според мене, има потреба од европски оддел. Оттука и постојаните обиди наново да се провери дали сепак е можно, барем подоцна, повторно да се обезбеди мнозинско учество во ’Опел‘.“
Без „Опел“ нема ноу-хау за „даунсајзинг“ на моторите
Во време на скапа нафта, автомобили од мала и средна категорија се посебно барани, а такви нема во понудата на „ЏМ“. Без „Опел“ американскиот концерн ќе нема ноу-хау за таканаречениот „даунсајзинг“ кај моторите, односно како да се намали волуменот на моторите, да се зголеми нивниот капацитет и истовремено да се намали потрошувачката. Во развојните центри на „Опел“ со 6500 техничари, инженери и дизајнери, се креирани продукциони системи и конципирани цели фабрики. Таму настана и фабриката во Ајзенах, која долго време важеше за најмодерна во „ЏМ“ и според чиј пример се градени фабрики на „ЏМ“ во Полска, Кина, Тајланд, Бразил и Аргентина.
Но, трошоците за развој, продукција и продажба на еден модел на автомобил треба да се поделат на колку што е можно поголем број промероци, за цената на секој од нив да биде поднослива, а за тоа не се доволни еденипол милион возила, колку што произведува „Опел“ годишно. Во браншата, како минимум се сметаат пет милиони возила - поради тоа беше и „Фиат“ заинтересиран за „Опел“, поради тоа „ЏМ“ не сака да се откаже од „Опел“ и поради тоа „Магна“сака со преземање на „Опел“ да напредува на пазарот во Русија, кој расте со двоцифрени стапки на пораст.
Автор: Михаел Браун / Зоран Јордановски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска