1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто популистите не се добри политичари?

Кај-Александер Шолц/превод: З. Јордановски15 јули 2016

Во Велика Британија се повлекуваат, во Германија се разоруваат самите себе си. Популистите во Европа се бламираат кога ќе треба да се докажат, смета Кај-Александер Шолц.

https://p.dw.com/p/1JNdu
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Примерот од Велика Британија покажува дека популистите се како невоспитани деца кои земаат колку што може повеќе играчки, со нив удираат наоколу додека не ги искршат, а потоа гледаат кон мама со широко отворени очи или алтернативно се упатуваат кон наредниот куп играчки. Најџел Фараж и Борис Џонсон беа таква клика.

А во Германија? Тука актуелниот спор меѓу Фрауке Петри и Јерг Мојтхен околу лидерството во партијата Алтернатива за Германија (АфД) открива една натамошна карактеристика: популистите во најголем дел се егомани и ретко се во состојба да работат тимски. Германските егомански популисти, освен тоа, сакаат секогаш тие да се во право, да бидат најдобри и да го имаат последниот збор.

Но, можно е сепак човек силно да се бори и покрај тоа да остане фер. Барем политичарите би требало тоа постојано да го имаат на ум. Ние не сме во „Куќата на картите“, иако тоа изгледа примамливо.

Политиката е способност за компромис

Треба ли навистина такви лица да се борат за иднината на нашите социјални системи или дури и за заедништвото во Европа? Без било каква способност за компромиси? Без споделување на одговорност за решение зад кое под одредени околности и не стојат стопроцентно? Без да размислат какви долгорочни последици имаат нивните решенија?

Scholz Kay-Alexander Kommentarbild App
Кај-Александер Шолц

И Ангела Меркел неодамна направи таква грешка, кога во 2015. година ги „отвори“ германските граници за бегалците од Балканската патека, без тоа да го договори со другите држави на ЕУ од нејзиниот исток. Резултат на тоа беше нова дипломатска ледена ера. Но, Меркел учи од грешките. По Брегзитот таа бргу побара разговор со Варшава и за тоа од полскиот главен град доби насмевки, кои со месеци недостасуваа.

Значи, каков тип на политичари ни требаат во иднина? Прагматичарите на власт и компромис се навистина најчесто мудри, но веќе честопати не успеваат да ги придобијат оние кои сакаат да бидат емоционално заврбувани. Тие тогаш се ориентираат кон популисти и радикали – тоа повеќе од јасно го покажуваат кризата на ЕУ и подемот на многу такви партии.

Силни шефови – навистина некаков плус?

А какви лидерски фигури претпочитаат популистите и радикалите? Според природата на нештата, некој силен шеф кој ќе диктира се`, независно колку тоа и да изгледа анахроно. Но, белја е ако има повеќемина такви. Тогаш тие се сведуваат само на ниво на егомани, кои во најлош случај се заплеткуваат во интерни борби за превласт – што токму го демонстрира АфД.

Како идеален тип останува само една мешана форма: некој кој редовно ѕирка во испитувањата на јавното мислење и според нив го насочува своето политичко дејствување, со што е популист на најдобар начин. Но, истовремено тоа постапување го претставува како целосно безалтернативно и така се продава како силна фигура. Во својата партија е целосно неспорен и со тоа навистина безалтернативен, оти привремено е незаменлив. Со својата канцеларка Германија, всушност, има сосем извонреден избор.