1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протерувањето на руските дипломати е тешка стратешка грешка

БГ
28 март 2018

Германскиот весник „Велт“ во вчерашното издание оценува дека солидарната одлука за протерување на руски дипломати од повеќе земји на ЕУ е стратешка грешка која само му оди на рака на Путин и неговата политика на поделби.

https://p.dw.com/p/2v4ew
Russland Die Basilius-Kathedrale ist durch ein Tor am Roten Platz im Zentrum von Moskau zu sehen
Фотографија: Reuters/File Photo/M. Zmeyer

Иако во петокот на самитот на ЕУ сите 28 земји-членки на ЕУ „најостро го осудија“ нападот со боен отров во Солсбери и ја посочија Москва како „најверојатен“ виновник, сепак, речиси половината од ЕУ членките не ја прифатија одлуката за протерување на руските дипломати.

Весникот Велт потсетува дека минатата недела „стратези на НАТО“ изразиле сомнеж дека руската влада навистина стои зад нападот врз екс-агентот Скрипал и неговата ќерка во Велика Британија. „Какви интереси би имал Путин да ги оптоварува односите меѓу двете страни со тоа?“, се прашуваа анонимни претставници на Алијансата.

„Со одлуката за протерување од понеделникот можеби сме поблиску до одговорот: доколку претседателот Владимир Путин е навистина одговорен, нему му успеа со еден едноставен напад да ја подели ЕУ и да предизвика судир околу тоа како Европејците треба да се однесуваат со Москва. И токму тоа беше неговата стратешка цел. Затоа што поделбата, од аспект на поранешниот агент на КГБ, значи и слабост“, пишува Велт.

Infografik Diplomatenausweisung RUS
Инфографика на руската редакција на ДВ за сите земји кои досега протераа руски дипломати

„Вашингтон исфрли 60 дипломати, ЕУ-членките десетина или помалку. Повеќе од симболика од европска страна тоа не може да биде. Тоа е како боцкање со игла. Тоа нема да ја спречи Москва да иницира нови напади со бојни отрови. Тоа го знаат и земјите кои исфрлаа дипломати. Но сакаа да испратат сигнал на солидарност. Но нејасно е дали на крајот зијанот ќе биде поголем од ќарот. Москва би можела ова да го искористи за натамошна опструктивна политика во Сирија, Либија или Иран - односно онаму каде земји како Германија, Италија или САД следат точно дефинирани интереси“.

„Германската влада како и другите земи кои исфрлија дипломати не одговорија зошто изреагирале толку брзо. Која е причината за тоа? Зошто не сакаа да го причекаат извештајот на меѓународните експерти на Организацијата за забрана на хемиско оружје - ако не поради друго, тогаш да се заштитат себеси. По катастрофата со наводното оружје за масовно уништување во Ирак, западноевропските можат тоа да го очекуваат“.

„Можно е Путин во иднина да се обиде преку економски примамливи проекти да ги одвои од европскиот проект земјите како Австрија, Грција и Бугарија, кои одбија да протераат руски дипломати. И колку овие понуди ќе бидат поатрактивни, толку ќе им биде потешко на политичките раководства на овие земји, кои се под голем притисок на индустријата и синдикатите, да ги одбијат овие понуди. Драмата околу шпионот Скрипал ни оддалеку не е завршена“, заклучува Велт.