Зошто уште не се познаваат Македонците и Бугарите?
12 октомври 2020Денешните Бугари и денешните Македонци никогаш не живееја во ист свет. Ниту нивните предци не живееја во иста модерна држава или современ политички сојуз. Затоа тие никогаш немаа реална шанса да се запознаат. И ден-денес тие се доживуваат преку митот за минатото. А дури и нивното најблиско минато е различно, затоа што Југославија не беше Варшавскиот пакт. А ако кон тоа се додаде и затвореноста во сопствената историска митологија, тогаш станува јасно колку сложен е нивниот меѓусебен однос. Доколку и идните генерации Бугари и Македонци не сакаат да ги уриваат кревките мостови меѓу себе, тие треба да го сменат огледалото во кое се огледуваат едни со други. А огледалата на Балканот се прастари, со одамна замаглени стакла. Крајно време е да се заменат со модерни европски огледала.
Страв од соочување со минатото
Зошто бугарската политика во последниве две години гради „барикади“ со материјал од деветнаесеттиот век на патот кон иднината на Македонците во ЕУ? Заради стравот да се соочи со своето најблиско минато! За да се заборави времето кога бугарската држава беше во коалиција со нацистичка Германија, бугарските политичари „вината" ја префрлуваат кај „жртвата“ – кај Македонците! Тие треба да „признаат“ дека до 1945-тата биле Бугари и дека биле „ослободени“, а не окупирани. За Македонците, пак, најсвежата траума е токму Втората светска војна. Таа е невидливиот ѕид меѓу Бугарите и Македонците. Патот на кој би се надминала таа траума и кај Македонците и кај Бугарите може да го отвори само Бугарија. Тој пат не мора да го почнат политичарите. Критичкото соочување со траумата на Втората светска војна најдобро е да го започнат македонските и бугарските филозофи, писатели, антрополози, психолози, историчари. Ќе потсетам само на клучната улога која во германското соочување со минатото во Втората светска војна ја одиграа филозофите како Теодор В. Адорно, но и целата Франкфуртска школа, писателите како Гинтер Грас и Хајнрих Бел. Со делото „Неспособноста да се тагува“, Александар и Маргарете Мичерлих ја поттикнаа во шеесеттите дискусијата во која германската јавност критички се соочи со времето на националсоцијализмот.Таква дискусија е неопходна не само во Бугарија и Македонија, туку и на целиот Балкан. Само критичките интелектуалци, особено филозофите и писателите, имаа досега храброст во Западна Европа да го поттикнат и надминувањето на стереотипите во перцепцијата на Другиот. Осудата на Холокаустот и на војните е во темелот на европското обединување. Споменот на таа војна ги задолжува сите европски народи, критички да ја осудат секоја расна и етничка дискриминација. А дискриминација е и кога друга држава ви диктира кој е вашиот национален идентитет. Дискриминација е кога членка на ЕУ го негира постоењето на еден народ со аргументи кои противречат на европската политика. Кога сака да влијае на другите членки, да не се споменува вашиот јазик? Доликува ли на европски политичари да се однесуваат како бугарските кон Македонците? А токму тоа го пропишува моралниот императив на Имануел Кант, втемелувачот на европското Просветителство. Однесувај се секогаш така, што максимата на твоето однесување да стане правило за другите.
Кој пример го следат Борисов и Захариева?
Замислете си што ќе стане од Балканот кога и другите соседни народи би се однесувале кон Македонија по примерот на Бугарија? Веднаш би се нашле пред нови Балкански војни! Ако сте Македонци, можете ли да поверувате дека имате сродност со Бугарите? Со тие кои безмилосно ја ползуваат неволјата за да ве уценат? Се однесуваат ли така пријателски народи едни кон други? Ќе си посакате ли таков сосед, кога би се доселиле во нова средина? Знаат ли бугарските политичари како се градеа мостовите во ЕУ меѓу соседните народи? Да почнеа Аденауер и Де Гол со уцени и блокади, никогаш немаше да дојде до прочуеното француско-германско пријателство. Да не беше визијата и личното достоинство на Вили Брант, немаше да се отвори патот на кој две децении подоцна паднаа сите ѕидови помеѓу Истокот и Западот!
Други колумни од авторката:
„Ангелот на приказната“ на Вим Вендерс во „Небото над Берлин“
Европска меморија versus бугарска амнезија
Кој пример го следат Борисов и Захариева? Да учеа од Вили Брант, тие ќе знаеја што треба да сторат за да им поверуваат Македонците дека им подале рака за искрено пријателство. Тие ќе сознаеја дека Македонците и Бугарите се два различни народа, обликувани во различни историски искуства. Тие ќе им помогнеа да се запознаат. Во средбата која секогаш се случува на половина пат. Секој народ треба да излезе од затвореноста во себе, за да се отвори кон другиот. Желбата да се запознае другиот народ станува мост над сите препреки на патот. Во случајот на Бугарија и на Македонија уште нема пат меѓу нив ниту во симболична, ниту во буквална смисла. Потешко е да се стигне од Скопје во Софија, отколку од Скопје во Солун. Кон Солун води модерна магистрала, а кон Софија стар и тесен социјалистички пат, полн со дупки и нерамнини. Веќе таа слика говори за долг „застој“ во односите. Уште повеќе, од речникот на бугарските политичари, но и од молкот на бугарските писатели и филозофи, Македонците добиваат впечаток дека тие заборавиле од која причина се градат патишта и мостови меѓу соседите. За да се запозне непознатото во нив!
Луѓето се запознаваат кога се љубопитни едни за други. Кога имаат симпатија и емпатија едни кон други. Не може да имате симпатија за некого, без да ја почитувате неговата личност и неговиот животен пат. Ако за пријателство меѓу две личности треба многу симпатија и почит, тогаш колку мудрост, такт и добра волја изискува долгиот пат на пријателството меѓу два соседни народа како Бугарите и Македонците? Меѓу нив стојат траумите и лузните од историјата. Во неа секој од нив имал различна улога. Како да поверуваат Македонците дека бугарските политичари имаат емпатија за Македонците? Дека горат од желба да ја запознаат нивната особеност и различност? Оти Македонците никогаш не ќе им поверуваат на Бугарите дека имаат искрена желба да ги запознаат во сета нивна особеност, додека им повторуваат дека не постојат. Дека се „измислена нација“. Дека нивниот јазик е химера. Затоа што не бил ништо друго освен „политички преименуван“ бугарски јазик. Замислете си го соседот што доаѓа да ве запознае, велејќи ви дека нема што да му кажете, затоа што тој веќе знае се‘ за вас? Дека не сака да разговара, затоа што јазикот на кој зборувате не бил ваш? И дека дошол да ви каже дека сте добар сосед, само кога ќе се потчините на „неговата вистина"? Може ли новиот сосед да му поверува дека тој му е ближен, дури само како сосед, кога тој агресивно му тврди дека биле ист народ? Се однесуваат ли така ближните едни со други? Тие што ги поврзува љубов и почит, заради свеста за споделеното и преплетеното минато? Со уцени и навреди ли се споделува достоинствено почитта кон предците?
Тоа што бугарските политичари, научници и интелектуалци би го стекнале, доколку имаат смелост критички да се соочат со своето сопствено минато (блескаво и мрачно, како секое минато), е поскапоцено од митот за „бугарска Македонија". Тие би го стекнале пријателството на сегашните Македонци. Бугарските граѓани конечно би ја запознале реалната, модерна Македонија. Со која живеат врата-до-врата, но им останала туѓа, затоа што тие се уште вљубени во својата слика за Македонија.