1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Зошто Јоахим Лев сега треба да поднесе оставка

Јоша Вебер
28 јуни 2018

Успехот е само моментална слика. Вчера извонреден, денес веќе неконкурентен. Елиминацијата на Германија од СП во Русија е досега најголем пораз на Јоахим Лев, кој треба да го ослободи патот кон иднината, смета Јоша Вебер

https://p.dw.com/p/30SX2
FIFA Fußball-WM 2018 in Russland | Südkorea vs. Deutschland | Joachim Löw, Bundestrainer
Фотографија: Andreas Gebert/dpa/picture-alliance

Зошто возбуда? Тоа можеше да се види однапред. Светскиот шампион е само сенка од себеси. Уморен, невешт, безидеен, ранлив. Сето ова беше германската репрезентација во мечевите во последните седум месеци. По квалификацијата на Светското првенство без вистински противници во групата од ноември 2017 година следеа три нерешени натпревари, два порази и една и тоа среќна победа против  67-та по ранг репрезентација во светот- Саудиска Арабија. „Подготовките не беа добри“, вели Лев денес - и  со тоа прилично потценува. Горката елиминација од Светското првенство во групната фаза по два порази во три натпревари не е пех, ни лоша среќа, ниту пак несреќен синџир на неповолни околности. Заслужено е. И тоа е точката за крај на континуираното тонење.

„Последната убедлива игра ја прикажавме есента 2017 година. Тоа е малку одамна", точно оцени Матс Хумелс по натпреварот кој ја маркираше најниската точка на падот на шампионите. Овие 0: 2 (0: 0) против Јужна Кореја ја разоткрија вџашувачката безнадежност на германската игра. Без идеи, и покрај големите имиња како Крос или Озил. Безопасни по голот, бидејќи ниту еден од тројцата номинирани напаѓачи Вернер, Гомез, а да не зборуваме за Милер, не беа во форма. И без стабилност, бидејќи дури и врвните одбранбени играчи како Хумелс, Боатенг и Кимих правеа незамисливи грешки. И сето тоа против, да бидеме искрени, просечни противници.

Повеќе

-Фотографија на денот: Тагата на германскиот навивач

-Германија во грч пред натпреварот со Шведска - сѐ или ништо

-Фудбалската репрезентација е слика на Германија

Мексико и Јужна Кореја ја поразија Германија, против Шведска емоциите од победа во последен момент ги засенија очигледните слабости. Елиминацијата од Светското првенство беше само прашање на време. Сега некои новинари дрдорат за проклетството на бранителот на титулата, бидејќи четири од последните пет светски шампиони испаднаа во групната фаза на наредниот Мундијал. Какви глупости. Магија сигурно не беше во игра, никој не го проколна германскиот тим да испадне. Од друга страна, она што беше забележливо е самозадоволството. Борбениот дух на неговиот тим бил во ред, рече тренерот. Не, за жал воопшто не беше така, господине Лев.

Weber Joscha Kommentarbild
Јоша Вебер, автор на коментарот

Светските шампиони делуваа целосно сити и со тоа стапнаа во истата стапица како веќе претходно и Франција, Шпанија или Италија. Гладта за успех беше згасната, придржувањето кон докажаните не донесе нов успех. Така беше и кај светскиот шампион Германија. Победата на младата екипа на Купот на конфедерациите беше сигнал кој во голема мерка беше игнориран. Новата, гладната генерација која играше таму се покажа добро, но тоа не беше доволно за вистински настап на Светското првенство. Таленти како Јулијан Брант влегуваа само во завршните фази од мечевите, други пак, како Лерој Сане, мораа да останат дома.

Зад сите овие одлуки стои Лев, кој сега вели: „Јасно е дека јас морам сега да ја преземам одговорноста за тоа“. Тешко е сега можеби најуспешниот германски селектор да се обвини дека потфрлил, конечно тој Германија меѓу 2006 и 2016 секогаш ја предводеше до најдобрите четири тимови на светските и на европските првенства. Но средствата на Лев се сега исцрпени. Нему не му успеа да ја мотивира екипата. Тој не можеше на натпреварите да изнесе тим во добра телесна кондиција. Во три мундијалски натпревари тој не пронајде успешен план Б. Дури и ако претседателот на Германскиот фудбалски сојуз, Рајнхард Гриндел побрза да му даде поддршка на Лев, ова не е момент за „само така натаму“.  На германската репрезентација ѝ е потребен пресврт, како кај играчите така и кај тренерскиот штаб.