1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зојферт: Ердоган ќе си наштети и себе си

Фридел Таубе / Е.М.Фиданоска21 декември 2014

16 новинари во Турција се соочени со обвивнувања за тероризам. Многумина од нив му припаѓаат на религиозното движење на Ѓулен. Гинтер Зојферт во интервју за ДВ оценува дека од тоа ќе страда и имиџот на Ердоган.

https://p.dw.com/p/1E8ER

ДВ: 16 новинари во Турција треба да бидат изведени пред суд. Дали е тоа нова димензија во отворената борба за моќ против новинарите?

Гинтер Зојферт: Борба за моќ против новинарите нема, туку има борба за моќ против политичките конкуренти и против новинарите кои со своето известување и откритија поддржуваат една или друга страна, во случајот - страната на владата или на движењето на Ѓулен. Она што на крајот останува е огромно ограничување на слободата на печатот.

Дел од новинарите работат за медиуми кои се дел од империјата на исламскиот свештеник Фејтула Ѓулен, кој живее во САД. И против него сега има налог за апсење. Зошто токму сега офанзива против него?

Прво, се приближува годишнината од истрагата за корупција. Таа почна во декември 2013-та против, како што се вели, адвокати и полицајци блиски на движењето на Ѓулен. Сега Ердоган се обидува да го диктира развојот на работите со тоа што ќе го изврши решавачкиот удар врз движењето. Тој претходно веќе го „исчисти“ правосудството од приврзаниците на Ѓулен, дејствуваше во полицијата и сега постапува против меидумската империја на движењето.

Дали движењето на Ѓулен е последната опозиција во Турција?

Не може така да се каже. Курдите се многу силна опозиција со која во моментов турската влада преговара. И имаме секуларна опозиција, која не напредува многу што се однесува до нејзиниот рејтинг кај избирачите, но која, како и претходно, е многу гласна.

Какви последици, меѓу другото и економски, ќе претрпи Ѓулен и неговата медиумска империја?

Ова е голем удар. Медиумската империја е силен економски фактор. Таа на Ѓулен му дава глас со кој тој му се обраќа на населението. Уште пред да се преземат мерки против медиумите, беа упатени закани против образовни установи, на пример за помош при учење, со кои беше остварен голем приход и преку кои се регрутираа многу млади луѓе за движењето. Според заканите, во 2015 година е можно затворање на овие установи. Притисокот за запишување во овие училишта веќе сега е многу намален. Тоа значи дека движењето на Ѓулен е многу заслабнато во сите сфери.

Какви последици ќе има обвинението за погодените новинари?

Тоа воопшто не може да се предвиди, со оглед на тоа што овие процеси се одвиваат во недобрата традиција на турското правосудство, што значи не станува збор толку за конкретни престапи, колку за политички престапи. Тие се обвинети дека го ставиле под знак прашалник државниот поредок, дека сакале да ја соборат владата, дека основале терористичка организација. Значи многу идеолошки кривични дела, а малку доказен материјал за конкретни прекршувања на законите.

Меѓу погодените новинари има познати, како што е главниот уредник на тиражниот весник „Заман“. Како реагира јавноста?

Јавноста е вџашена. Првпат во историјата на Турција може да се види како нагласено секуларни сили се залагаат за слобода на новинарите од конзервативниот спектар. Протестираше дури и курдското движење. Независно од идеолошките граници се бараат слободи, слобода на мислење, слобода на печат и се прават побиди да се формира заеднички фронт против владата.

Дали рациите против новинарите ќе се вратат како бумеранг за Ердоган?

Тоа догорочно ќе ја нагризува популарноста на Ердоган и ќе му нанесе штета. Во последната година тој се врати на политика која ни е позната од партијата претходничка на АКП, Партијата на благосостојба - Рефах, која даваше силни исламски и антизападни тонови и која не застапуваше либерални вредности. Оваа политика тогаш можеше да убеди само околу 30% од избирачите. Ердоган се потпира на околу 50% од избирачкото тело (на претседателските избори), но неговата актуелна политика веќе не одговара на овие избирачи. Оттука, сметам дека на наредните избори ќе мора да се смета со намалување на бројот на гласови за Ердоган.

Со оглед на тоа колку Ердоган отворено постапува против движењето на Ѓулен и против печатот, може ли да му се префрли дека го прекршува Уставот?

Мислам дека е така. Со своите интервенции во правосудството тој многу ја нагриза поделбата на власта. Јасното прекшување на слободата на печатот или проширувањето на компетенциите на тајната служба исто така немаат ништо заедничко со нормите на правна држава. Практичното воведување на претседателски систем, тоа што Ердоган како претседател ги води работите на владата и тотално го има потиснато премиерот во позадина, и тоа не во согласност со Уставот. Значи има цела низа прекршувања на Уставот.

Гинтер Зојферт е експерт за Турција и работи за фондацијата „Наука и политика“ во Берлин. Како академски раководител на институтот за Ориентот и подоцна новинар, тој многу години мина во турската метропола Истанбул.