1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Европскиот парламент го осуди француското вето

БГ/ ДПА
22 октомври 2019

Жестоки критики во Европскиот парламент поради ветото на францускиот претседател Емануел Макрон на самитот на ЕУ. Осуда на блокадата стигна од повеќе фракции во парламентот

https://p.dw.com/p/3Ricp
EU-Parlament: Ursula von der Leyen - Wahl zur Kommissionspräsidentin
Фотографија: Imago/Z. Cheng

Првиот човек на парламентарната фракција на конзервативците во Европскиот парламент Манфред Вебер ја критикуваше минатонеделната одлука на самитот на ЕУ кој не успеа да даде согласност за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Пред пленумот на Европскиот парламент во Стразбур, Вебер оцени дека се работи за историска грешка и голем удар за веродостојноста на ЕУ.
„Овие земји мора да добијат европска перспектива“, рече Вебер, кој инаку беше и водечки кандидат на европските конзервативци на изборите за парламентот на ЕУ. Тој директно ги обвини францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте дека се спротивставувале на одлуката за двете балкански земји.

Критики за одлуката дојдоа и од групата на европските либерали на која и припаѓа и партијата на Макрон. Дачијан Цилос рече дека не може да се замисли силна Европа, а да не е отворена кон соседите, посебно кон оние кои веруваат во неа можеби и посилно отколку некои земји членки.

Најостри во критиките кон Макрон беа од групацијата на Зелените

„Емануел Макрон го поздравивме како голем Европеец. Но како одминува времето, сфаќаме дека не е ниту голем, ниту Европеец“, рече Филип Ламбертс од Зелените.

Поддршка, Макрон доби од Групацијата на конзервативци и реформатори. Холанѓанецот Дерк Јан Епинг му се заблагодари на францускиот претседател за блокадата и затоа што не дозволил повторно да влезат земји „како Романија“ во ЕУ. 

И претседателот на ЕК во заминување, Жан Клод Јункер уште еднаш ја критикуваше одлуката. ЕУ остава впечаток дека дава ветувања кои потоа не ги исполнува, рече Јункер пред парламентот.

И претседателот на Европскиот совет во заминување, Доналд Туск повтори дека одлуката е погрешна.
„Јас верувам дека одлуката беше погрешна и отворено и директно им го кажав тоа на лидерите. Се надевам дека лидерите ќе се навратат на ова прашање пред Самитот во Загреб, во мај идната година“, рече Туск пред пратениците.

Одлуката на ЕУ одново ја критикуваше и словенечкиот министер за надворешни работи Миро Церар во интервју за агенцијата Асосиејтед Прес.

„Го загубивме кредибилитетот и сега последиците можат да бидат многу тешки“,предупреди Церар.
„Знаеме дека регионот на Западниот Балкан не е стабилен. Постојат различни интереси во регионот, кои, секако, доаѓаат од многу силни држави“.

„Оттука, ЕУ мора да стори се што може за да го прифати регионот, да продолжи со процесот на проширување и да ги започне преговорите со Северна Македонија и Албанија што е можно побрзо“, вели Церар во разговорот за АП.