„И едните и другите најрадо би не испратиле на Марс“
11 април 2014Во Србија постојат бројни здруженија на бегалци и невладини организации кои прават напори за решавање на станбените и останатите прашања за сите бегалци, меѓу нив и околу 40 илјади од Хрватска. Покрај тоа дефинитивно решение за нив не е најдено ни 20 години откако официјално го добија статусот на бегалци. Овој процес ќе биде дополнително отежнет и забавен со препораката на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР), велат претставниците на овие здруженија и невладини организации. Тие објаснуваат дека низа проекти, а посебно Регионалната станбена програма во која учествуваат БиХ, Хрватска, Србија и Црна Гора и чија цел е конечно решавање на станбеното прашaње на бегалците.
„Статусот на бегалци не треба да биде вечен. Станува збор за привремена категорија која завршува. Сепак, уште не гледаме конкретни решенија, односно згради, куќи, објекти наменети за тие луѓе. Не ми е докрај јасно зошто препораката дојде во овој момент“, изјави за ДВ извршниот директор на невладината организација Група 484, Владимир Петронијевиќ.
„Регионаланата станбена програма би требало да се спроведува во наредните пет години и да доведе до укинување на бегалскиот статус“, објаснува помошничката на комесарот за бегалци во Србија, Данијела Поповиќ Роко. Таа стравува дека по препораката на УНХЦР би можел да биде намален интересот на донаторите и на другите земји во регионот за ваквите проекти. „Откако Хрватска минатата година влезе во ЕУ, нејзните буџети за станбено згрижување драстично се намалени, така што прашање е што можеме да очекуваме“, вели таа.
Некои и натаму живеат во нехумани услови
Претседателот на Коалицијата на здруженија на бегалците, Миодраг Линта позитивно ја оценува одлуката на министерството за надворешни работи на Србија да ја отфрли препораката на УНХЦР и укажува на тешките егзистенцијални проблеми со кои до денес се соочуваат некои од бегалците. „Во неофицијалниот колективен центар „Котеж“ живеат 15 семејства со 35 членови. Условите се катастрофални. Побаравме од државата да го легализира, но ни реакоа дека не можат да го сторат тоа, така што тие луѓе буквално се препуштени самите на себе“, вели Линта.
Меѓу жителите на центарот „Котеж“ е и Милан Прусац кој избега од Хрватска во 1995 година. Тој не сака да се врати во Хрватска, ама во Србија и натаму не наидува на доволна поддршка од страна на надлежните институции. „Син ми заврши електротекника, ама нема работа. Сакаат да не исфрлат од центарот, а не ни се обезбедени никакви услови“, вели тој.
Од околината на Задар пред 20 години избегала Ана, денес адвокатка во Белград. Нејзиното семејство успеало да добие средства за обнова на куќата која им била урната, а нејзината мајка стекнала пензија во Хрватска. Таа нема намера да се враќа во Хрватска, а не верува во искреноста на некои организации кои се занимаваат со решавање на проблемот со бегалците.
„Интерес за иднивидуалните судбини немало никогаш. На почетокот на кариерата работев во една невладина организација, која им даваше правна и психолошка помош на бегалците. Имавме проекти кои беа финансиски ограничени. Водев евиденција за тоа колку луѓе доаѓаа, што бараа. Го запишував секој случај поединечно - кои се нивните проблеми и потреби. Мислев дека тоа е корисен извештај, но тој се сведуваше само на бројки, а луѓето никаде ги немаше“, вели Ана.
Една од најважните работи за обезбедување на сигурно враќање на бегалците е постојаниот дијалог меѓу Хрватска и Србија, нагласува Миодраг Линта. „Важно е активирање на постоечките меѓудржавни договори, меѓу другото и за имотот“, нагласува тој.
Љубов кон земја без национални обележја
Не може да се предвиди уште колку време ќе пројде додека дефинитивно не бидат решени проблемите на сите бегалци, на кои помош и натаму им е потребна. Многумина кои во 90-те години во Србија имаа статус на бегалци во меѓувреме добија српско државјанство, а некои заминаа да живеат во странство. Тамара Ж. на 15 годишна возраст во 1991 година дојде од Загреб во Белград. Денес живее во Холандија.
„Станот во Хрватска ни е одземен според законот кој одредува дека ако во него не се живее 6 месеци може да биде одземен. Денес татко ми се надева дека по пат на 'станбеното згрижување' ќе добиеме барем нешто, некаде во Лика, од каде што потекнуваат моите родители. Постојат милион пречки, реални и нереални, кои го оневозможуваат враќањето... Можеби некогаш и едните и другите најрадо би не префрлиле на Марс, вели понекогаш татко ми“, објаснува Тамара.
Таа нема намера да се врати во Хрватска, иако и натаму е поврзана со местото во кое се родила.
„Татко ми би сакал да се врати. Би сакал да се врати, бидејќи таа емоција за земјата во која си роден, без апсолутно никакви географско-национални обележја е неопислива со зборви“, вели Тамара. Сопствена слобода и мир таа пронајде во Холандија. „Сепак и натаму имам кнедла во грлото кога ги гледам несреќните лица на мајките кои одат на гробиштата. Мајки, само мајки, бидејќи мајка си е мајка, без оглед на која вера ѝ припаѓа. И натаму срцето ми се разигрува кога ќе помислам на загребскиот стан, најдобриот видиковец во Лика или брезата под станот на баба ми... Но, залудно го смирувам“, ја завршува својата приказна Тамара.