И за интернет постои „бон-тон“
23 јули 2011Поголемиот дел од учесниците на курсот во Хамбург не знаат многу за социјалните мрежи. Она што го слушнале досега од медиумите ги прави скептични.
„Ако еднаш се вклучиш во некоја мрежа, тогаш ќе останеш во неа за секогаш“, вели овој млад човек.
„Имам колеги, кои се вклучени на ’Ксинг’. Тука се поставува прашањето на која мрежа се пријавувам и од која причина. Имено, на ’Ксинг’ се пријавуваат луѓе, кои сакаат да бидат онлајн само од професионални причини.“
„Јас би бил повнимателен, за да не поканам за пријатели погрешни луѓе“, вели трет учесник на курсот.
И покрај тоа голем интерес
Но, и покрај големата скептичност младите луѓе се заинтересирани за овој вид медиум и сакаат да држат чекор со модерното време на компјутерите. За време на курсот насловен како „Справување со Веб техники 2.0“, што се одржува центарот во Хамбург, раководителот на курсот Александер Чојлин дава корисни совети за ракување со овој вид онлајн понуда:
„Се’ што правите, имено исто како и во животот, треба добро да размислите пред да ставите нешто на интернет.“
За да одбегнете навреме да не направите некаква глупост потребен ви е прирачник за однесување во социјалните мрежи. Значи треба да се придржувате до правилата за однесување за да одбегнете некаква караница или нетрпение. Адолф Фрајхер во 1788 година ја напишал книгата „За односот со луѓето“ и од тогаш важи за татко на бон-тонот. Неговите следбеници од Советот на германскиот прирачник напишаа 12 основни правила за однесување во социјалните мрежи.
Добри манири
Најактуелни засега се добрите манири на корисниците. Ова го покажува и зголемениот интерес за курсевите за добро основно однесување во онлајн светот.
„Прирачник за однесување, звучи некако класично, но сметам дека е убаво да се разберат некои правила и форми за комуникација. Имено, комуникацијата е поинаква, таа се одвива многу брзо и покрива само еден мал дел. А, потоа треба повторно да се одлучиме дали ќе телефонираме со некого или, пак, ќе четаме на интернет“, објасува Александер Чојлин.
Доколку некој се определи за користење на социјалните мрежи, како медиум каде ќе се презентира себе и ќе контактира со луѓето, тогаш мора да внимава на стилот и љубезноста, сигурни се експертите за однесување при германскиот совет за бон-тон. Така на пример, не значи дека ако некој службен партнер не седи лично наспроти вас, не треба да го персирате. Соодветното обраќање во електронската комуникација е многу позитивно, се вели во кодексот на заштитниците на доброто однесување, што содржи 12 точки.
Искреноста се цени
Во социјалните мрежи искреноста многу се цени. А, таа започнува уште при уредувањето на личниот профил.
„Треба ли да го користам моето лично име или не? Јас, лично сакам да бидам автентичен, а тоа е и вистински тренд во социјалните мрежи. Да се презентирате како личност е добро и исправно. Не треба да се прави она што се правеше пред неколку години, да се измислува некаков карактер, туку ние сега сме личности, кои имаат свое мислење и тоа е добро што е така“, вели Чојлин.
Тој самиот е пријавен кај Фејсбук, Ксинг и Твитер. Меѓутоа, приватните и службените контакти строго ги дели: „Постојат трикови и можности што ги користам за тоа. На Фејсбук има листи или групи кај кои целно може да се подесат некои елементи на комуникацијата. Ова многумина не го знаат. Така на пример, има можност дури и шефот да го прифатите како контакт, меѓутоа сепак да не му ги покажувате сите лични фотографии, туку само одредени работи.“
Внимателно со фотографиите
Но, во секој случај на интернет не треба да се објавуваат воопшто никакви непристојни фотографии, како на пример пијанство на некоја забава или пак, речиси гол на плажа. Освен тоа, треба да се штити и приватната сфера на другите. Никој не сака случајно да види фотографии од себе објавени на интернет. Правото на сопствени фотографии важи и за социјалните мрежи. Токму кога се работи за фотографии, некој пријател може многу брзо да ви стане непријател. Друг проблем е тоа што многу брзо може да се загуби прегледност во мрежата, како на пример со кого се’ сум пријател.
„Ќе ве излажам, имам 200 или 300 пријатели... не знам точно. Во секој случај сите луѓе сум ги видел, но немам лични контакти со сите 300 луѓе, само со некои“, вели Марсел Лис, учесник во курсот за однесување во социјалните мрежи. Тој веќе неколку години е пријавен на Фејсбук. На почеток сакал само да одржува контакт со пријатели во САД. Но, Алексадер Чојлин и за него има еден совет:
„Квалитетот на интеракцијата зависи од кругот на пријателите, односно какви контакти имаш. Јас мислам дека, како и во приватниот живот, луѓето треба да ги негуваат, но и да ги раскинуваат пријателства. Во тоа не гледам никаков проблем. Треба да се почитува фактот кога луѓето ќе се одалечат и се’ помалку контактираат. Тоа е ОК. Тогаш треба да се прекине оваа врска.“
Во принцип за секој од нас важи правилото: и во дигиталниот свет треба да се вклучи здравиот човечки разум.
Автор: Жанин Албрехт / Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска