1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И „морков и стап“ во папката на Хан?

Катерина Блажевска2 јуни 2015

Нема официјални најави со каква стратегија доаѓа Хан, но дипломатски извори не исклучуваат силен притисок за договарање рамка за политички дијалог, која би била мотивирана со помош за интеграцискиот пат на Македонија

https://p.dw.com/p/1FaSq
Фотографија: picture-alliance/dpa/Julien Warnand

Долг медијаторски ден ќе има во Скопје еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан. Портапаролката Маја Коцијанчич најави дека тој доаѓа за на политичките партии на Македонија да им ја пренесе важноста што побрзо да се пронајде решение за политичката криза и потребата заеднички да се справат со клучните предизвици со кои се соочува земјата. Иако други детали за посетата не се откриваат, тешко е да се поверува дека Хан доаѓа само за да ја пренесе истата порака, која и досега многу пати им беше предочена на партиските лидери. Со него во Скопје не доаѓа европратеничката тројка Кукан-Ховит-Вајгл, од која стигна првата медијаторска помош за Македонија. Од ЕУ не ги објаснуваат причините за тоа, а се шпекулира дека станува збор за „одредени несогласувања“ што се случиле на последната средба во Стразбур.

Денешните разговори почнуваат по 9 часот. Според непотврдени информации, Хан прво ќе има билатерални средби со партиските лидери во резиденцијата на евроамбасадорот Аиво Орав. Доколку првичните разговори дадат резултати кои би воделе кон утврдување на рамката за почеток на политички дијалог, тогаш ќе се одржи и заедничка средба со лидерската четворка во Клубот на пратениците.

Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski
Зоран Заев и Никола Груевски

Неофицијален скрининг?

Што има во папката на еврокомесарот Хан?

Неофицијално, според дипломатски извори, има „и морков и стап“: прво, не е исклучен силен притисок за некои од партиските лидери да отстапат од презентираните (непопустливи) позиции, со цел да се договори рамка за почеток на политичкиот дијалог. Договарањето на таа рамка, пак, „би било силно мотивирано со европска помош за заживување на дел од процесите кои сега се во застој, а се од фундаментално значење за продолжување на интеграцискиот пат на Македонија“.

Зад овие најави, се вртат шпекулации за можен почеток на „неофицијален скрининг“ како прва фаза од пристапните преговори на Македонија со ЕУ, со оглед дека такво нешто навести и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференцијата во Софија по минатонеделната средба со бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

„Неформално ќе се отворат 23-тото и 24-тото поглавје за Македонија. Тоа е правосудството и слободата на медиумите. Новинари сте и знаете колку многу тоа значи. Во Македонија правосудството е целосно поклопено од извршната власт, не може да се дојде до правда, а преку 85 проценти од медиумите се под контрола на Владата“, рече Заев.

Скринингот е почеток на претпристапните преговори што и‘ се нуди на Македонија од 2005 година, но тој може да почне само ако Македонија добие датум за преговори од Европскиот Совет. Според домашни експерти, ако тој скриниг биде дел од пристапни преговори и има одлука за почнување преговори, тогаш би значело симнување на блокадата од страна на Грција. Но ако е е тоа некаква замена за вистинскиот скрининг, односно „бај-пас“ за земјата да не ја изгуби препораката за почнување пристапни преговори во извештајот што Европската комисија треба да го објави во октомври, во тој случај, сметаат дека нема да има квалитен исчекор.

Но, неизвесно е дали комесарот Хан денеска ќе успее да ги доближи спротивставените ставови на опозицискиот СДСМ и на владејачкиот ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата го застапува ставот дека за излез од кризата е неопходно формирање преодна влада, а премиерот Груевски деновиве изјави дека „премиер и министри може да избира само тој што ќе победи на избори“. Со тоа уште еднаш го потенцира многу пати искажаниот став дека нема никаква причина за формирање преодна влада, бидејќи земјата има легитимно избрана власт. На прашањето што очекува од денешната средба, Груевски кратко одговори: „Ќе му го кажам тоа на Хан“.

Од ДУИ не го коментираат досегашниот тек на разговорите, но велат дека денеска очекуваат конструктивна улога на сите партии.

„ДУИ дава свој конструктивен придонес, а тоа го очекуваме од сите учесници на денешните разговори, со цел да се договори рамка за почеток на политички дијалог, која ќе овозможи излез од кризата и продолжување на интеграцискиот процес на Македонија“, вели Артан Груби, пратеник и шеф на кабинетот на Али Ахмети.

Mazedonien Denkmal Alexander der Große in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa

Против „тоалет хартија - договор

Очекувања од денешните разговори имаат и повеќе од 80 граѓански организации и активистички групи. Тие обединети во коалицијата „Граѓаните за Македонија“ се обратија до меѓународната заедница пред почетокот на денешната средба, истакнувајќи дека очекуваат враќање на слободата и демократијата, а не уште еден „тоалет хартија - договор“.

„Како фактори кои учествуваат во овие значајни преговори или на кој било начин се инволвирани во оваа криза, треба да имате на ум дека ова не е борба меѓу политички партии. Ова е борба меѓу граѓаните и врхушката на Груевски, ова е борба за враќање на општеството и државата во рацете на граѓаните на Македонија“, соопшти коалицијата.

Тие едногласно бараат итно да се формира преодна влада, која ќе обезбеди пречистување на избирачкиот список, ослободување на јавниот сервис МРТ од контрола на власта, избор на независен Јавен обвинител и организирање слободни и демократски избори, кои ќе ја одразат реалната политичка волја на граѓаните на Македонија.

„Составот на преодната влада е прашање на договор меѓу главните политички партии. Сепак, составот на таа влада треба да ги исклучи сите членови на актуелниот состав на Владата на Македонија, бидејќи се сериозно компримитирани преку нивните зборови и дела регистрирани во сниманите разговори објавени од опозицијата. Затоа, учеството на кој било член на актуелниот состав на Владата во преодната влада може сериозно да го поткопа кредибилитетот на целиот процес и вербата на граѓаните во праведно разрешување на политичката криза“, нагласуваат од коалицијата.

Тие ги охрабруваат напорите на институциите и на државите членки на ЕУ за изнаоѓање на излез од хаосот произведен од долготрајните погрешни политички практики на владејачките партии во Македонија, но и предупредуваат.

„Во овој процес треба да водите грижа за демократските и европски вредности, притоа давајќи го максимумот за искоренување на диктаторските, штетни и деструктивни политички практики за тие во иднина да не се повторуваат. Ова е многу поважно, отколку да се стремите кон смирување на граѓанскиот револт и враќање на државата во 'нормала', која многу скоро би експлодирала во уште поголема криза“, соопштија од коалицијата „Граѓаните за Македонија“, додавајќи дека при некоја идна посета на еврокомесарот Хан и на европските пратеници инволвирани во преговорите во Македонија, и тие би сакале да остварат средба со нив за да ги аргументираат своите ставови и да ја понудат својата помош.