1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И ОЈО станува учесник во злосторничко здружение?

8 мај 2017

Од ОЈО не ги објаснуваат правните квалификации, ни лабавите мерки за пратпазливост кон осомничените за насилството од 27 април. Јавноста е гневна што обидите за убиства и телесни повреди се сведени на „учество во толпа“.

https://p.dw.com/p/2ca82
Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Незадоволство и бројни реакции го следат начинот на кој Основното јавно обвинителство (ОЈО) ги третира идентификуваните насилници и актите што тие ги извршиле во „крвавиот четвтрток“ на 27-ми април. Реагираат и граѓани и лица од правосудниот систем.

„Од ОЈО ги гледаат дрвата, а не ја гледаат шумата“, вели адвокатот Александар Тортевски.

„Гледаат фрагменти, а мижат пред големата слика. Немам дилеми дека ова беше злосторничко здружение подготвувано со една цел: да се спречи мирно преземање на власта од страна на парламентарното мнозинство. За да ги затскријат вистинските цели на злосторничкото здружение, беа ангажирани неколку лица да организираат 'спонтани народни' протести, за кои Груевски однапред најавуваше дека не ќе може да ги контролира. За медиумска поддршка на ваквиот план беа ангажирани медиуми кои со години беа наградувани од државни пари, а беше обезбедена и 'научна' поддршка на државниот удар од разни квази-експерти. За извршување на најтешките кривични дела беа ангажирани лица од подземјето и лица со криминален ментален склоп, кои со години се вработувани во државни служби. Правна заштита на целото злосторничко здружение требаше и се уште му укажуваат Марко Зврлевски, Гордана Гешковска и голем број судии од Скопје 1 со што стануваат истакнати членови на здружението“, вели Тортевски.

Мачна вечер на насилство во Скопје

Според него, во ОЈО сега водат постапки кои би се однесувале на меѓусебно тегнење за коса на две жени скарани по прашањето која побрзо ќе наполни вода на селската чешма, а не како за државен удар во чие спроведување се извршени најтешките кривични дела од Кривичниот законик, меѓу кои и обид за убиства.
„Колку за илустрација, лице во Велес доби ефективна казна затвор од 23 месеци, затоа што го пцуел и навредувал соседот во повеќе наврати. А сега ова дело се обидуваат да го сведат на 'учество во толпа' со минимални или условни казни“, споредува Тортевски.

На ОЈО му се брза

Слични ставови делат и судии кои со внимание ја следат постапката.

„Изгледа како да брзаат да ја завршат постапката. Според сите индиции, постапката се турка во насока осомничените да признаат вина за 'учество во толпа' и да се постигне спогодба, што потоа судот треба да ја прифати, со ретки минимални казни затвор од два-три месеци и најмногу со условни казни“, вели поранешен судија. 

Според него, и предложените мерки за претпазливост доволно говорат за односот кон насилниците. Домашен притвор вчера добија две лица, од кои едното е она што ја нападна пратеничката Радмила Шекеринска. Во соопштението на ОЈО, за мерката кон едно од осомничените лица, како аргумент се посочува „обемната медицинска документација за неговата здравствена состојба“.

„Ако лицето имало толку обемна медицинска документација, односно имало тешка здравствена состојба, како било здраво и силно кога требало да упаѓа во парламентот и да врши насилство“, реагираат граѓани на социјалните мрежи. Реакции се множат и поради тоа што дел од евидентираните насилници, по распитот во полициска станица беа пуштени дома. Во однос на овие случаи, од МВР велат дека само ги следат насоките што им ги дава ОЈО. 

Mazedonien Skopje Ausschreitungen Parlament Parlamentarier
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

„На 05.05.2017 година на службени разговори биле повикани уште три лица, две од Скопје и едно од Велес. Од страна на Јавниот обвинител била дадена насока, по завршување на потребните проверки и службени разговори, лицата да бидат пуштени од полициска станица, а документираниот доказен материјал за истите, да им биде презентиран во нареден, претходно договорен период во просториите на ОЈО. По разгледувањето на презентираниот доказен материјал во ОЈО, од нивна страна ќе бидат дадени насоки кога да им се поднесе кривична пријава и на кој начин ќе се обезбедат истите лица, во смисла дали ќе бидат повикани или ќе бидат лишени од слобода со претходно издадени наредби од ОЈО“, соопшти МВР.

Притисоци врз надлежните

Oбвинителката од Основното јавно обвинителство - Скопје, Гордана Гешковска не е достапна за коментар околу правните квалификации и чудниот аршин за предложените мерки на пратпазливост кон осомничените. Мандатот и истекува на 15-ти мај, а медиумите шпекулираат дека ќе и биде продолжен за уште шест месеци.ВМРО-ДПМНЕ, партијата чиј лидер експресно ги осуди насилствата и побара насилниците да бидат изведени пред суд, многу брзо ги релативизираше таквите заложби. На 2-ри мај партијата ги предупреди институциите „да не приведуваат недолжни луѓе“.

„Треба да се разграничи неколкучасовно влегување на граѓани во парламентот заради насобран револт и гнев од предавничките, антидржавни и кукавички политики на СДС, од нанесувањето тешки телесни повреди. МВР и Обвинителството треба да се свесни дека за да некого приведат или да изнесат пред суд, треба да имаат цврсти докази за сторено кривично дело. Го предупредуваме и министерот во МВР, да не врши притисок на вработените во министерството по секоја цена да апсат што повеќе луѓе без основа. Само еден невин уапсен е голем преседан за кој ќе се бара одговорност, доколку се докаже дека бил приведен без основ и докази“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Mazedonien Skopje Ausschreitungen Parlamentssturm
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Партијата истото го повторуваше и во изминатите неколку дена, што во правосудни кругови се толкува како директен притисок и закана до надлежните институции.

Адвокатот Тортевски, преку авторска колумна им упати повик на сите јавни обвинители во Македонија да не потклекнуваат под притисоци: „Излезете и оставете ги Зврлевски и Гордана (Гешковска -н.з) сами нека се удават во злосторничкото задружение! Не бидете нивни соучесници! Ова го должите на сопствени деца и на сопствените родители кои ве школуваа за да раздавате право. Имате историска одговорност пред себе си и заклетвата што ја дадовте! Можеби неколку месеци нема да земете плата, но ќе заработите гордост и достоинство со кои вашите наследници со генерации ќе се гордеат!“