1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И повторно - омраза кон Евреите

Александар Кудашев/ превод: Ж. Ацеска16 февруари 2015

По нападите врз синагога во Копенхаген, врз еврејски супермаркет во Париз или врз еврејски гробишта, мораме секогаш решително да се спротивставиме на антисемитизмот, смета Александер Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1EcSL
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Dietze

Стравот од исламистичкиот терор цврсто ја држи Европа во канџите. Прво Франција оваа година, потоа Данска, сите се прашуваат каде терористите ќе удрат следниот пат. А дека ќе удрат, веќе никој не се сомнева. Сепак, стравот од теророт не го уништи политичкиот разум, не го истисна. Европа покажува решителност да не потклекне, да не се откаже од сопствените вредности. Европа сака да опстои на идеалот и реалноста на отворено, либерално општество, одлучно да го брани правото на слободно мислење против самонарачените пророци во сам во себе затворен систем на верска држава.

Теророт е насочен против сите нас. Но, на посебен начин тој е насочен против Евреите во Европа. Тој сосема свесно во јануари ги погоди Евреите во еден париски супермаркет, во кој се продаваат „кошер“ производи, а сега во Копенхаген удри врз синагога. На мета на теророт на бесрамен начин се еврејските гробови, кои се сквернават низ цела Европа, а посебно во Франција, веќе со години. Така беше и овој викенд. Токму поради тоа што многумина овие попрво ситни вести ги одминуваат со слегнување на рамената, важно е да се истакне: се обесчестува мирот на умрените, се повредуваат чувствата на луѓе, семејства, роднини, пријатели. Овде станува збор за срамотење на споменот, а тоа е одвратно, сеедно дали извршителите се десничари или исламисти.

Време е Европа да се потсети дека не само што постои еврејско наследство, туку и еврејска сегашност. Во еврејската историја, патем, покрај великаните како Алберт Ајнштајн или Мозес Менделсон, спаѓа и убиствениот антисемитизам, кој со векови оставаше печат врз стариот континент: во Англија, како и во Франција, во време на крстоносните војни, во Шпанија, каде во 1492 година се случи првиот прогон на Евреите, па се‘ до холокаустот извршен од страна на Германците против Евреите.

Alexander Kudascheff DW Chefredakteur Kommentar Bild
Александер Кудашеф, главен уредник на Дојче велеФотографија: DW/M. Müller

Европска обврска

Историјата на Евреите во Европа е историја на прогони, дискриминација, општествено отфрлување, убивање. Затоа Европејците денес треба да се стават во одбрана на Евреите, ако не сакаат да продолжи нивното иселување од овој континент. Во една година од Европа во Израел се иселиле се‘ уште само 30.000 од околу два милиони Евреи, но многумина Евреи незабележано ја напуштаат Европа за да емигрираат во Канада или во САД. Тоа е веќе предупредувачки сигнал.

Европа останува разумна, па и во поглед кон исламистичкиот терор. Речиси нема промена на закони, не се паѓа во хистерија. Стравот од невидливата опасност не ги парализира општествата. Барем досега. Но, Европа и Европејците мора поангажирано да ја водат борбата против омразата кон Евреите. Тие мора на Евреите во нивните земји да им го обезбедат само по себе разбирливото чувство дека се на нивна страна. И онака е скандал што многумина се одамна навикнати на фактот што еврејските детски градинки, училишта и синагоги мора да бидат под полициска заштита. Политички е повеќе од сомнително дали зад т.н. критика кон Израел (како во врска со војната во Газа) не се крие често провоцирачки афектиран анитисемитизам. Но Европа, секој Европеец одделно, мора решително да застане против растечката омраза кон Евреите. Не само на демонстрации или на манифестации, туку во обичното секојдневие.

„Немој да останеш мирен при пролевањето крв на твојот ближен“, се вели во Светото писмо. Не треба да молчиме, туку да настапиме гласно против тоа.