И Германија е дел од војните со своето оружје
1 ноември 2016„Германската влада води ограничена и одговорна политика на извоз на оружје“. Овие зборови можат да се прочитаат на интернет-страницата на германското министерство за економија.
Но, од објавените податоци за извозот на оружје може јасно да се види дека Германија не ги исполнува овие аспирации. Пет од десетте најважни купувачи на германско оружје се лоцирани во зони на конфликти. Но пред сѐ: тројното зголемување на продажбата на оружје на Саудиска Арабија, на речиси 500 милиони евра, ја прави Германија, во најмала рака индиректно, соучесник во војната во Јемен.
За потсетување: во последната година и пол, најбогатата земја во арапскиот свет ја бомбардира најсиромашната земја во регионот. Последицата од оваа интервенција во внатрешниот конфликт во Јемен се илјадници цивилни жртви.
На почетокот на октомври, на пример, 140 луѓе загинаа во воздушен удар на Саудијците врз група цивили во Сана. Болниците се бомбардираат толку често што организацијата Лекари без граници целосно се повлече од земјата.
Според ОН, три милиони луѓе се внатрешно раселени само во Јемен. Повеќе од половината од 25-милионското население на Јемен повеќе нема гарантиран пристап до храна. Воздушните напади на коалицијата, чиј лидер е Саудиска Арабија, воопшто не придонесоа за окончување на конфликтот. Досега, единствените кои профитираа од нападите се Ал Каеда и јеменскиот огранок на „Исламската држава“.
Саудиска Арабија како фактор на стабилност?
Податоците за извозот откриваат дека Саудиска Арабија сега е третиот најголем купувач на германско оружје и опрема. А повеќе од 90 проценти од извозот во таа земја се состоел во опрема за воздухопловните сили: делови за борбени авиони, хеликоптери, авиони, итн. Може ли некој во Берлин да гарантира дека ова оружје не се користи во војната во Јемен?
Ваквиот германски извоз се темели на проценката дека Саудиска Арабија е „стабилизирачки фактор“ на Блискиот исток.Дури и без војната во Јемен, ваквата оценка е во најмала рака проблематична, со оглед дека земјата извезува вахабиски екстремизам и финансира џихадисти. Тврдењето дека при извозот на оружје се „води особено сметка за почитувањето на човековите права во земјата увозник“ делува и смешно кога е во прашање Саудиска Арабија.
Тажната слика која ја отсликува овој извоз на оружје не може да се поправи ниту со горделивата изјава дека биле одбиени 34 барања за купување оружје, со вкупна вредност од 9,6 милиони евра. Само германскиот извоз во Саудиска Арабија за 50-пати ја надминува таа бројка. Извозот само во првите шест месеци изнесувал над 4 милијарди евра, што значи дека процентот на одбиени зделки е едвај 0,25 отсто. Како успеале авторите на овој извештај да дојдат до заклучок дека германската влада „го направила извозот на оружје порестриктивен од порано“ е голема мистерија.