И што сега, Америко?
30 декември 2020Заштитните бариери на поделбата на власта на крајот одолеаја на неговите луди напади. Жалбите и тужбите не му помогнаа, па дури ниту кај судиите од Врховниот суд кој самиот ги избра. Доналд Трамп ќе мора на 20 јануари да ја напушти Белата куќа. Тоа е причина за олеснување.
Со Џо Бајден, власта ја презема политичка личност која е подоверлива, која се придржува кон етаблираните правила на однесување и која знае колку се ранливи демократските институции.Но, тука е крајот на пресметливоста. Оние кои мислат дека ќе исчезнат духовите на Трамп на 20 јануари, прават, како и многу други, кардинална грешка - сметаат дека Доналд Трамп беше случајност, несреќа, исклучок.
Доналд Трамп не беше случајност
Не, тој не беше тоа. Доналд Трамп и неговиот корумпиран, националистички и расистички начин на водење политика - тоа не беше случајност. Тоа е последица од двопартискиот систем кој пропушти можност да се обнови.
Повеќе:
-Изборниот колеџ потврди: Крај за Трамп, Бајден е нов претседател на САД
-Трамп малку попушти - го започна процесот на пренос на власта
И требаше да биде аларм за будење на сите оние кои сметаат дека инсистирањето на надминатите структури и привилегии обезбедуваат иднина за демократијата. А всушност е обратно. Како и сите успешни популисти, Доналд Трамп од почетокот со слоганот „ние“ против „нив“ успешно собираше гласови.
Изборниот слоган „Америка пред сѐ“ прво имплицираше расистичко ветување дека ќе биде потиснато сѐ што е „странско“ и „неамериканско“. Иако звучи бизарно во едно такво доселеничко општество, тоа значи дека на власт треба да остане мнозински белата заедница. Демографскиот развој во наредните години ќе го засили тоа чувство на губиток на моќ. Духот излезе од шишето.
Борба против елитите
Долгата приказна која Доналд Трамп ја смисли во раната фаза гласеше дека тој ќе се бори на страната на подредените и непривилегираните против елитата. Со политичка кариера подолга од 50 години, Џо Бајден ја отелотворува токму таа елита. Затоа тој нема шанса да ги извлече луѓето од таа шема на пријател/непријател. И тоа води кон третиот, најпостојан и со тоа и најопсен, инструмент на моќ на Доналд Трамп - континуираното подривање на априорната реалност во која има неутрални факти кои не се политички мотивирани, туку едноставно вистински.
Во која постојат научни сознанија кои не се ориентираат на профит, туку се темелат на истражувања. Како воопшто да се допре до луѓето кои се движат само во својот свет на лаги и теории на заговор? Како да завладее заедништво во општеството кое излизга од реалноста?
Крај уште пред почетокот?
Џо Бајден и неговиот кабинет ќе мораат да се борат со брутални внатрешнополитички предизвици. Ако не ѝ успее на неговата партија да победи на изборите за Сенатот во сојузната држава Џорџија на 5 јануари, неговите изгледи на успешен претседателски мандат ќе исчезнат уште пред да положи заклетва на 20 јануари. Бидејќи, републиканците со своите гласови во Сенатот ќе сторат сѐ за да ги бојкотираат сите разумни проекти.
Ако тоа се случи, ќе ги доживееме САД во кои, за волја на вистината, постои политичко водство кое се труди да го најде патот кон старата доверба. Но, притоа владее со народ кој е поделен како никогаш порано и се бори со економски проблеми кои само ја засилуваат таа поделба. Ќе доживееме земја која со години, ако не и децении, е соочена со внатрешнополитичка борба за власт и која и натаму се повлекува од мултилатералните обврски пред сѐ во Европа. Сеедно кој седи во Белата куќа. Тоа е голата вистина на која Европа и Германија мораат конечно да и' погледнат во очи.