1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов целосно ја повлече аболицијата

БГ6 јуни 2016

Македонскиот претседател одлуката ја донел откако по десет дена ниту еден од аболицираните од него не побарал повлекување на помилувањето. Иванов и натаму смета дека донел вистинска одлука

https://p.dw.com/p/1J1Vd
Mazedonien Gjorge Ivanov Präsident
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Десет дена откако донесе одлука за делумно повлекување на аболицијата, македонскиот претседател Ѓорге Иванов одново се предомисли и одлучи во целост да ги повлече контроверзните помилувања на лица кои беа опфатени со скандалот со прислушкувањето.
„Во овие десет дена бевме сведоци на различни толкувања на оваа одлука на поларизираната политичка сцена и обиди да се освојат ситни дневно - политички поени преку оваа одлука за која како и тогаш, така и сега сум уверен дека ќе придонесе за национално помирување и ќе понуди излез од политичката криза во Република Македонија. Поради ова, денеска донесов одлука да ги поништам и преостанатите одлуки за помилување кои ги донесов на 12 април“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Иванов.
Иванов се најде под голем притисок во домашната јавност и од меѓународниот фактор откако, на 12 април годинава, одлучи да аболицира вкупно 56 лица поврзани со случаите кои произлегуваат од прислушкуваните разговори.
Причината поради која повторно го сменил ставот е во фактот што во меѓувреме ниту едно од лицата за кои и натаму важеше аболицијата не побарало поништувањето на одлуката.
„Меѓутоа и покрај декларативните најави на дел од нив во јавноста дека ќе го сторат тоа, досега ниту еден од помилуваните не поднесе барање за поништување на одлуките за нивно помилување“, се наведува во соопштението.
На крајот на соопштението Иванов вели дека и натаму верува оти аболицијата била исправна одлука, но одлучил да ја повлече поради променетата политичка и безбедносна реалност во земјата.
„На крајот, уште еднаш ќе потсетам дека за разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија. Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции, кои можат да се справат со предизвиците“.