Има ли одамна лек против коронавирусот?
8 јануари 2021Можеби против коронавирусот SARS CoV-2 воопшто не мора да се пронаоѓа нов лек. Можеби против него помагаат веќе постоечки лекови.
Предноста на постапката со име „Repurposing“, односно пренамена на лекови кои веќе имаат дозвола, е очигледна - тоа е не само поевтино, туку е пред се' многу побрзо, затоа што може да се прескокнат долгите фази на клиничко тестирање.
Кој лек на крајот ќе се покаже како најдобар? За тоа мора да се почекаат неопходните тестови и одлуки на надлежните здравствени институции.
Сите експерти предупредуваат од опасноста од нуспојави, особено во случаи кога лекот се зема без консултација со лекар.
Три различни групи лекови
Антивирусните лекови блокираат или спречуваат размножување на вирусите кои се пробиваат во белите дробоови. Антивирусни лекови, на пример, се развиени во борбата против нормалниот грип, хепатитис Ц, но и против ХИВ-вирусот, еболата и пред се' против САРС и МЕРС, болести кои исто така се предизвикуваат од коронавируси. Се тестираат и лекови против маларија, кои постојат одамна, а чија ефикасност против вирусите е откриена неодамна.
Имуномодулаторите ги ограничуваат одбранбените реакции на телото, значи се гружат имунолошкиот систем да не реагира прекумерно и да не му нанесе дополнителна штета на телото. Вакви имуномодулатори, на пример, се развиени за третман на артритис или воспалителни болести на цревата.
Лековите за заштита на белите дробови треба да спречат намалено снабдување на крвта со кислород од белите дробови. На пример, има развиено лекови против идиопатска белодробна фиброза, кај која доаѓа до размножување на врзното ткиво помеѓу белодробните меури и околните крвни садови и тоа доведува до крутост на белите дробови.
Лекови против САРС, МЕРС, ебола, грип
Се разбира, логично е прво да се пристапи кон пренамена на антивирусните лекови кои веќе се употребуваат против други коронавируси. И болестите САРС (Severe Acute Respiratory Syndrome) и МЕРС (Middle East Respiratory Syndrome) се предизвикани од коронавируси. А, новиот коронавирус SARS-CoV-2 важи за варијанта на предизвикувачот на САРС од 2002 година.
Во лабораториски истражувања против коронавирусите кои предизвикуваат САРС и МЕРС дејство покажа и лекот Ремдесивир, создаден инаку во борбата против еболата. Но, ремдесивирот, создаден од американската фармацевтска компанија Gilead Sciences, не беше доволно уверлив во клиничките студии. Во студијата ACTT-1 на американскиот Национален институт за алергии и инфективни болести (НИАИД) се покажа дека лекот го крати времетраењето на болеста, но не можеше сигурно да се докаже дека ја намалува и смртноста. Затоа, ремдесивирот се дава пред се' во раната фаза на болеста, кога во преден план е размножувањето на вирусот.
Вистинска возбуда, прво во Азија, а потоа и ширум светот, предизвика јапонскиот лек против грип Авиган, кој во себе содржи фавилавир, супстанција која од 2014 година имаше дозвола за употреба во Јапонија, а сега има дозвола и во Кина.Овој антивирусен лексе употребува за нормален грип, затоа што спречува вирусна РНК-полимераза и како и ремдесивирот би требало да делува против различни РНК-вируси. Во 2014 година лекот беше успешно користен против еболата. Во 2016 година јапонската влада достави ваков лек како ургентна помош во борбата против еболата во Гвинеја. Според актуелните сознанија, лекот може да го скрати времетраењето на болеста, но има силни нуспојави.
И Ивермектинот се смета за наводно чудотворно средство против короната, пред се' во Латинска Америка, зашто лекот за паразитски болести кај животните и луѓето е евтин и може да се купи без рецепт. Лекот се користи всушност за болести како шугата или болести предизвикани од паразити. Откако австралиски научници во јуни 2020 година во стручниот магазин „Антивирусни истражувања“ пишуваа дека во рамките на студија изведена во клинички услови, ивермектинот го намалил значително присуството на SARS-CoV-2 во телото, почна вистинска хистерија по овој лек. Меѓутоа, црвсти докази за неговата ефикасност и натаму нема. Светската здравствена организација и Американската агенција за лекови ФДА не препорачуваат употреба на ивермектинот во борбата против Ковид-19 и предупредуваат од нуспојави. Потребни се натамошни тестови за да се утврди дали лекот е соодветен за спречување и третман на коронавирусот или Ковид-19. И јужноафриканската Агенција за лекови САХПРА на крајот на декември 2020-та предупреди од употреба на лекот. Како што се вели, нема докази за неговата безбедност и ефикасност и нема клинички студии кои ќе оправдаат негова употреба.
Лекови против маларија
Откако американскиот претседател Трамп се изјасни за употреба на Хлорокин во лекувањето на Ковид-19, голема возбуда предизвика одамна познатиот лек против маларија Ресохин. Тестови направени во Марсеј покажале дека хлорокинот спречува размножување на новиот коронавирус, со што се намалило присуството на вирусот кај пациенти со тежок тек на болеста. Потоа се тестираа и други лекови против маларија, кои имаат слична супстанција - Хидроксихлорокин.
Меѓутоа, во меѓувреме повеќе студии покажаа дека овие супстанции не помагаат против SARS-CoV-2. Резултатите од истражувањата објавени во стручното списание „Nature“ од страна на научници од Германскиот центар за истражување примати (ДПЗ), берлинската клиника Шарите и Универзитетската клиника Бон, покажуваат дека хлорокинотне е соодветен лек за третман на инфекција со SARS-CoV-2 - тој едноставно не делува.
Лекови против ХИВ, рак, мултипла склероза, астма...
Големи надежи се врзуваа и за лекот против ХИВ со комбинација на супстанциите Лопинавир/Ритонавир. Лекот Калетра на американската фармацевтска компанија AbbVie веќе се тестираше против Ковид-19 во Кина, Тајланд и Сингапур. Резултатите, меѓутоа, не се недвосмислени и мора да се прават уште истражувања.
Според Сојузот на фармацевтски компании кои вршат истражувања, како можни лекови против коронавирусот се тестираат и различни супстанции за имунитет. Дел од супстанциите кои веќе имаат дозвола или се наоѓаат во експериментална фаза се и Леронлимаб, лек против ХИВ и рак на градите, потоа два лека првично наменети за лекување МЕРС, како и Брилацидин, лек наменет за терапија на воспалителни болести на црвата и воспаленија на усната слузница.
Покрај тоа, се истражува и ефикасноста против новиот коронавирус на голем број супстанции кои веќе имаат дозвола или се во фаза на истражување, а се наменети против грип, мултипла склероза, рак на гради, артритис, астма, хепатитис...
Веќе се користи антиинфламаторниот лек Дексаметазон. Студиите имаат покажано дека овој кортикостероид ја намалува за околу една третина смртноста на тешко болните пациенти кои се упатени на кислородна поддршка.
Во Кина на пациенти кои имаат Ковид-19 и се со актуни проблеми на белите дробови им се давал и Финголимод и лекот против рак Бевацизумаб. Се вели дека кај пациенти со SARS-CoV-2 кои имаат оштетувања на белите дробови се употребува и Тоцилизумаб, кој инаку се употребува на ревматски артритис и други форми на артритис.
Клинички студии со супстанцијата Камостат Месилат планира и германски конзорциум под раководство на Германскиот центар за истражување примати. Овој лек, кој во Јапонија има дозвола за употреба против воспаленија на панкреасот, инхибира ензим од клетките на белите дробови кој е есенцијален за продирање на вирусот SARS-CoV-2.