1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Игранката почна: Унитети ќе ги оспорува изборите!

25 октомври 2016

Партијата Унитети која пред шест дена потпиша договор за коалицирање на изборите на 11-ти декември, денеска истите ќе ги оспорува пред Уставниот суд. Аналитичари се сомневаат во игри диригирани од „големите партии“.

https://p.dw.com/p/2Rf95
Mazedonien wählt einen neuen Staatspräsidenten
Фотографија: MIA

Откако парламентот се распушти и партиите веќе ги почнаа подготовките за предвремените избори, партијата Унитети вчера најави дека денеска ќе побара од Уставниот суд оценка за уставноста на предвремените избори, бидејќи смета дека нивното распишување е неуставно.

„Политичката партија Унитети преку својот пратеник Зулфи Адили, утре (25.10-н.з) во 11 часот, ќе достави до Уставниот суд, Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за распишување на предвремени избори за пратеници, од страна на претседателот на Собрание на Република Македонија. Со оваа Иницијатива се оспорува Решението за предвремени парламентарни избори бидејќи без балансирање на изборните единици се крши Член 22 од Уставот на Република Македонија кој гарантира еднаквост на избирачкото право, како и Член 51 од Уставот. Со ова Решение се кршат и норми од Изборниот законик. Со ова, изборите се антиуставни и незаконски“, најави Унитети преку соопштение.

До распуштањето на Собраниетопартиите не успеаја да договорат и усвојат законски измени со кои во други изборни единици ќе бидат префрлени дел од гласачите од „шестката“, во која ги има повеќе од законски дозволениот максимум. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, прв најави дека со нерешавањето на тој проблем изборите ќе бидат незаконски и дека неговата партија ќе ги оспори. Но, се повлече од таквата намера по средбата со амбасадорот на САД, Џес Бејли, на 20- ти октомври, најавувајќи дека нема да прави проблем, „за да не биде алиби за некој што навистина не сака да има избори“.

Mazedonien Protest vor dem Verfassungsgericht in Skopje Sicht von der alten Steibrücke
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Има ли тројански коњ?

Извори од албанскиот блок во овој момент не можат да проценат дали потегот на опоициската Унитети е „нивен“ или диригиран од некој друг, чија цел е да се создаде атмосфера на несигурност во одржливоста на изборниот процес. Во моментов, подгреани се и сомнежите дали раководството на Унитети има некакви заткулисни врски со неговата поранешна матична партија ДУИ, бидејќи само пред неколку дена потпиша договор за заеднички настап на изборите на 11-ти декември во коалиција со Движењето за реформи - ДПА и со НДП.

Од друга страна, и нивниот коалициски партнер, опозициското Движење за реформи-ДПА, вчера се пофали дека кај нив преминале петмина членови на опозициското движење „Беса“. 

Од движењето Беса, пак, појаснуваат дека се работи за преминување на само еден член, кој истиот чин јавно го прави по трет пат, па сметаат дека настанот не заслужува сериозен третман. Но, прстот го вперуваат во ДУИ.

„Ние во 'Беса' не сакаме да се занимаваме со деманти на неточни информации, особено кога доаѓаат од опозициски партии кои не се наш таргет на делување. Наш таргет се владините партии и ние сме фокусирани на политичка битка само против нив, како и за позитивна кампања по прашањето за нашата платформа и изборна понуда. Имено, оваа јавна манипулација ја сметаме како атак од страна на ДУИ“, велат од „Беса“.

Според аналитичарите, видливо е дека се прават потези кои треба да внесат недоверба меѓу опозициските партии на Албанците и да го демотивираат нивното обединување, а не е тешко да се претпостави кој би имал корист од тоа.

„Во време кога од албанската опозицијата се очекува да се здружи за поразување на политиките на ДУИ, да се пофалиш дека кај тебе преминале пет члена од друга опозициска партија, е повеќе од тажно, но и многу индикативно. Сомнително е и што Унитети само пред шест дена потпиша договор за коалицирање на изборите на 11-ти декември, а денес истите ќе ги оспорува. Не исклучувам дека некој добил улога на Тројански коњ“, вели познавач на состојбите во албанскиот блок.

DUI-Parteiführung
Фотографија: DW/S. Toevski

Преговори во опозициската десница

Бавно оди и обединувањето во македонската опозициска десница. На вонреден состанок на Извршниот комитет, ВМРО-Народна партија вечерва ќе го кристализира ставот по прашањето дали ќе настапи самостојно на парламентарните избори или во коалиција, и со која. Според лидерот на партијата, Љубчо Горгиевски, засега доминира ставот за коалицирање со опозицискиот центристичко- десен блок на Коалицијата за промени и правда, во која се Демократскиот сојуз, Фродем, Демос и МОРО-Работничка партија, а на која се очекува да се приклучат и Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски и Достоинство на Стојанче Ангелов.

„Вечерва уште еднаш ќе ги разгледаме аргументите и состојбите и ќе искристализираме став за нашиот настап на изборите“, велат од ВМРО-НП, чии работни групи имаат разговори и со опозициската десница, но и со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде што исто така добиле „фер понуда“ за изборно коалицирање. Од партијата најавуваат дека најдоцна до петок мора да се донесе конечната одлука.