1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идејата и промоторите на „Илирида“ прегазени од времето

Катерина Блажевска16 септември 2014

Најавата на „Република Илирида“ во албанската етничка заедница ја сметаат за „будалаштина“, а политиколозите во неа препознаваат само обид на јавна сцена да се врати група маргинализирани политичари

https://p.dw.com/p/1DCnC
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Република Илирида“ е голема будалаштина, несериозна идеја прегазена од времето, а во јавноста ја пласираат луѓе кои немаат никаков кредибилитет кај Албанците. Вака без исклучок реагираат соговорниците на Дојче веле, по изјавата на некогашниот лидер Партијата за демократски просперитет (ПДП) Невзат Халили, кој за вчера најави прогласување на „Република Илирида“, но наводно под притисок на меѓународниот фактор го одложил тој чин.

„Не се откажуваме од Илирида, од нејзиното прогласување, но по неколкуте средби со претставници на меѓународниот фактор одлучивме овој чин да го одложиме, а јавноста ќе биде навремено известена“, изјави за весникот „Лајм“ самопрогласениот претседател на „Република Илирида“, Невзат Халили.

За гененерал на националната гарда на „Илирида“ бил номиниран Хамди Ндрецај-Пантер, кој најавил дека републиката ќе има армија, полиција и други државни институции. Тој ја повика владата на „ПЈРМ“ да не го предизвикува албанскиот народ, да не провоцира и да не се противи на неговото право на самоопределување. „Генералот“ ги предупредил институциите и партиите во Албанија, Косово и Македонија, дека републиканската гарда ќе работи во одбрана на човековите права и граѓанските интереси во „Република Илирида“.

Срам за Албанците

Во албанската етничка заедница ја игнорираат најавата на Халили. Не вреди да се коментира, вели соговорник од партија на Албанците во Македонија.

„Искрено, се срамам со име и презиме да ја коментирам оваа најава. Пред четири години, истата ’република’ беше прогласена среде Тетово, во Домот на културата. Не знам кој ги инструира, кој ги манипулира, но кој и да го прави тоа, треба да знае дека нивните идеи никој од Албанците не ги смета за сериозни. Има меѓу нив неколку запалени глави, пред се‘, од редот на неколку незадоволни поранешни припадници на ОНА, но тие не го претставуваат расположението на Албанците. Ова е голема будалаштина. Седнале тројца луѓе, решиле да прават 'република' и си поделиле функции - јас ќе бидам претседател, ти командант на гарда, ти бирај што сакаш...Ова ги засрамува Албанците генерално, бидејќи необјективно ги претставува како луѓе кои не знаат што е држава и државност, како луѓе кои немаат свест за суверенитет и современи интеграции“, вели соговорникот.

Спротивно на ова, Идриз Синани, кој е дел од раководниот тим во т.н. република, тврди дека имаат голема поддршка меѓу Албанците. Недостапноста на Халили за образложување на проектот, тој ја оправдува со најава дека за два дена јавноста лично од „претседателот“ ќе биде целосно информирана за сите детали за новата република.

Mazedonien Skopje Statue von Alexander dem Großen
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

„За два дена се‘ ќе се знае. Прогласувањето на републиката не е одложено на подолг рок. Ќе ја прогласиме најдоцна за четири-пет дена. Таа ќе биде целосно аполитична“, изјави Синани за ДВ, но не одговори како може да биде аполитична кога најавуваат функционирање на парелелни институции. Синани не открива и за која функција е номиниран. Засега се претставува само како актуелен претседател на невладиниот Меѓународен форум за човекови права за Македонија, и порачува дека е време да престане дискриминацијата на Албанците, која досега била, а и понатаму е е повод за бројни демонстрации.

„Не правиме ништо друго, освен што ќе ја активираме волјата на Албанците изразена на референдумот од 1992 година, на кој, 99,9 отсто од нив се изјазнија за самоопределување, односно за формирање на независна Република Илирида. За републиката се изјаснија 400.000 Албанци и таа бројка не може да се занемари“, вели Синани.

Не знае дали и денес постои истото расположение и дали би го постигнале истиот процент, но е уверен дека кога ќе биде прогласена републиката, во неа своето место ќе го најдат сите Албанци. Тврди дека за идејата ги информирале странските амбасади и ОБСЕ. На прашањето дали од таму добиле охрабрување за идејата, Синани вели: „Не можам да речам дека тие не‘ охрабрија. Побараа да го одложиме тоа, но доста е од одлагање, бидејќи треба време републиката да профункционира. Ние ги информиравме за се‘ и им објаснивме дека Илирида нема да биде опасна, а за истото официјално ќе ја информираме и Владата“.

Обид за враќање на сцената

Невзат Халили не е непознат во македонската јавност. Тој беше заштитен знак на референдумот на Албанците од 10 и 11 јануари 1992 година, на кој тие се изјаснуваа за политичка и територијална автономија. Државата го прогласи референдумот за нелегален. Неговиот сон преточен во проектираната желба за „Република Илирида“ беше прекинат кон крајот на 1993 година со случајот „Паравојска“, кој обелодени сецесионистички планови и оружје наменето за одбрана на „Илирида“. Халили, кој беше суден за тој случај обвинуваше за монтиран процес. И по 22 години не се откажа од истата идеја, со таа разлика што неговите некогашни приврзаници одамна се откажаа и од него и од идејата. Зошто повторно ја воскреснува „Илирида“ од пепелта?

Според политиколот Горан Јовановски, тоа е типично однесување за поранешни политички „икони“ кои во меѓувреме го изгубиле значењето и влијанието во политиката.

„Времето ги става на голем тест и луѓето и идеите. Идеите на некои лица кои порано ја држеа палката на сите настани во нивната етничка заедница, а кои најчесто беа одбележани со силен национализам и радикализам, времето ги прегази. Под наплив на нови, помодерни политички субјкти, тие, од некогаш главни, станаа неважни и маргинализирани. Денес очајнички се борат да го употребат макар и најмалото незадоволство за да го вкалкулираат во нивните радикални 'програми за спас' и со тоа да привлечат внимание за повторно да се вратат на сцената. Тоа не е ништо друго, освен очајнички обид да се промовираат како фактор кој се‘ уште не го кажал последниот збор, да бидат уважени и 'големи играчи'. За жал, најчесто не сакаат да ја прифатат реалноста дека таа приказна одамна е завршена“, вели Јовановски.

Социолозите потсетуваат дека поминаа времиња кога електоратот се „палеше“ на националистички идеи. Политичкиот и општествениот контекст денес се насочени кон евроинтеграциските процеси и тешко поминуваат политички фигури чија единствена понуда им е радикализмот. Според социологот Илија Ацески, денес нема ни интерес ни енергија за реализација на националистички проекти.

„Во македонската ставарност, особено во албанската заедница, не поминуваат веќе вакви идеи. Тие немаат реална подлога ни во Албанија, ни во Косово, ни во Македонија, а најмалку кај меѓународниот фактор. Има постојано ваков тип најави и албанска и од македонска страна кои бараат нешто да се преиспита. Од некои македонски партии повикуваат да се ревидира Охридскиот договор, некои од албанската заедница повикуваат на формирање на Илирида. Тоа се само јалови обиди за да се испита пулсот на граѓаните. Но, сигурно е дека нема ни енергија, ни реален интерес за реализирање на вакви проекти“, дециден е Ацески.