Избори во Франција: Макрон или Меланшон?
11 јуни 2022Додека на неодамнешните претседателски избори главен противник на претседателот Емануел Макрон беше крајната десница на Марин Ле Пен, главниот предизвик со кој се соочува шефот на француската држава на претстојните општи избори на 12. и 19. јуни доаѓа од – левицата.
Нупес е кратенка за „Нова народна еколошка и општествена унија“, новооснована коалиција на политичката левица под водство на 70-годишниот политичар Жан-Лук Меланшон. Посебно многу симпатизери Нупес има во париското предградие Шевили-Лару.
„Ние сме градот“
На плоштадот во тоа јужно париско предградие, од звучниците под црниот павилјон гласно одекнува бас и се губи меѓу високите станбени згради. Малата бина е поставена за локален спортски настан, на кој се натпреваруваат млади. Во останатите павилјони посетителите можат да купат колбаси или да играат шах.
Деветнаесетгодишниот рапер, кој се нарекува Лазак, се ниша на бината во ритамот на музиката, едната рака му е испружена во воздух. „Ние сме градот!“, вика во микрофонот, а со него гласно извикуваат и неколку десетици гледачи.
Меѓу нив е и Рахел Кеке (48) по потекло од Брегот на Слоновата Коска, кандидатка на Нупес во департманот Вал де Марн. Таа работи како собарка во еден париски хотел и во парламентот сака да ги претставува интересите на работничката класа, односно француските граѓани кои не спаѓаат во групата на добростоечки.
Со нивна поддршка Нупес се надева на мнозинство на парламентарните избори. Прогнозите уште не предвидуваат таков резултат, но според мислењето на политиколози, можни се и изненадувања.
„Во парламентот ни се потребни луѓе од работничката класа кои ќе ги застапуваат нашите интереси“, вели Кеке за ДВ, седејќи на клупа во паркот близу бината. Заедно со четири од своите пет деца, таа живее во една од блиските згради.
Гневот на собарките
Кеке, која има и француско државјанство, првпат се кандидира за политички мандат. Но, за интересите на заедницата се залагала и порано: таа и нејзините колешки во јуни 2021. година стигнаа на насловните страници, зашто, по 22 месеци непрекинати штрајкови, ги принудија сопствениците на хотелските синџири Ибис и Акор да попуштат. Имено, беа исполнети речиси сите нивни барања.
„Нашите плати, кои се движеа меѓу 600 и 1.000 евра, пораснаа на 1.300 до 1.900 евра, тоа зборува дека пари има доволно и дека ние, сиромашните во Франција, секако можеме повеќе да заработуваме. Програмата Нупес е направена за луѓе како нас“, вели Кеке.
Меѓу другото, тој левичарски сојуз се залага за месечна минимална заработувачка од 1.500 евра (во однос на сегашните 1.300 евра нето), за одење во пензија со 60 години (наместо сегашните 62) и бара да се ограничат цените на бензин и на одредени производи.
Поддршка од предградието
Со вакви аргументи Кеке се обидува да ги придобие жителите на предградието, чија стапка на сиромаштија е неколку проценти над националното ниво. Еден од нив е и 36-годишната Руфина Оле Не, Кеке ѝ подава леток. „Сѐ потешко е составување крај со крај со нашите мали плати. Но, дали навистина мислите дека работите ќе се променат со Нупес?“ прашува Руфина, која работи како медицинска сестра во една лекарска ординација. Таа има две деца и очекува трето.
„Мислам дека тоа го можеме. Но, за тоа ни е потребна вашата поддршка“, одговара Кеке.
Руфина клима со главата и вели: „Да, тоа звучи убедливо, сепак Вие сте една од нас и знаете како живееме.“
Во тој момент поминуваат две момчиња. „Ние сме на Ваша страна, ќе гласаме за Вас“, дофрлаат со палците нагоре. Кандидатката се насмевнува.
Меланшоновата „Непокорна Франција"
На таква поддршка се надева и Жан-Лук Меланшон, шеф на Нупес. Со својата крајно левичарска партија „La France Insoumise” (Непокорна Франција), 70-годишникот со речиси 22 проценти гласови беше трет во првиот круг од претседателските избори одржани во април годинава.
Претседателот Емануел Макрон победи во вториот круг против Марин Ле Пен од крајната десница. Меѓутоа, на парламентарните избори Макроновиот главен конкурент не е екстремната десница, туку левицата. Според анкетите, Ле Пен ќе освои максимално 40 од 577 места во парламентот.
Левицата би требало во првиот круг да добие дури најмногу гласови. Но, за да влезе во вториот круг, на кандидатот му е потребна поддршка од најмалку 12,5 проценти запишани бирачи. Во вториот круг победува кандидатот со најмногу гласови.
Каков е тој сојуз?
За овие избори Меланшон зад себе ги обедини главните левичарски партии. Својот релативно добар резултат на претседателските избори го искористи како аргумент за ускладување заедничка програма со Социјалистите, Зелените и Комунистите, кои добија по помалку од пет проценти гласови, главно според насоките за „Непокорна Франција.“
Нупес се залага за заштита на животната средина, права на жените и на имигрантите, сака да ги национализира банките и енергетиката и му гарантира работа на секој граѓанин, сака напуштање на НАТО и планира прекршување одредени правила на ЕУ.
Меланшон сака да стане премиер
„Изберете ме за премиер“, ги повикува Меланшон избирачите од основањето на Нупес, иако нема повторно да се кандидира на овие избори. Неговата сметка: ако Нупес освои мнозинство во парламентот, Макрон мора да го именува за шеф на владата, инаку парламентот би изгласал недоверба на владата.
Макрон возврати со интервју во француски регионален весник:
„Ниедна партија не може на претседателот да му наметне претседател на владата.“
Тој исто така укажува на проекциите за вториот изборен круг, кои се засновани на проценките на резултатите од претседателските избори. Според нив, владејачката партија, заедно со партнерските партии, би требало да освои мнозинство места.
Блискост со Путин
За Бруно Котреса, политиколог од Центарот за политички истражувања Цевипоф на Универзитетот на науки По во Париз, логично е дека левицата има помалку шанси во вториот круг.
„Нупес ги обединува сите левичарси гласови во првиот круг, зашто одвај да има спротиставени кандидати од левиот блок“, изјави тој за Дојче веле. „Но, во вториот круг, Нупес има малку гласови во резерва, за разлика од кандидатите на Макрон, кои привлекуваат бирачи од центарот и десницата. Дури и избирачите од левиот центар би можеле да фаворизираат кандидат на Макрон.“
„Меланшон е премногу левичар за некои од овие гласачи и ги одвраќа со своите ставови кон меѓународните сојузи и идеолошката блискост со рускиот претседател Владимир Путин“, објаснува тој. Сѐ до пред руската инвазија врз Украина, Меланшон го идентификуваше НАТО, а не Путин како агресивна страна.
Сепак, експертот не исклучува изненадувања во последен момент. Можно е да се повтори она што се случи во 1997. година, кога на изненадување победи левицата, што доведе до т.н. кохабитација: Франција го имаше конзервативниот претседател Жак Ширак и социјалистичката влада на Лионел Жоспен.
Секако, Рахел Кеке се надева на такво изненадување.
„Ние едноставно мораме да победиме – ние сме единствена партија која се става во положбата на сиромашните во оваа земја“, вели таа.