„Извонредно шоу“ за Доналд Трамп
3 јуни 2019Претседателскиот авион не беше уште целосно слетан на пистата на лондонскиот аеродром Стенстед, а контроверзите околу посетата на американскиот претседател Доналд Трамп, веќе беа влезени во вториот круг. Садик Кан, градоначалникот на Лондон е глупав „губитник“, напиша Трамп на Твитер.
Додека претседателот на САД со сопругата и неговите четири деца со хеликоптер леташе кон американската амбасада во Лондон, градоначалникот на британската престолнина возврати. Тој нападите на Трамп ги нарече „детинести“ и недостојни за еден претседател. Претходно, тој на Трамп му префрли дека „како нов фашист на 21 век“ ги поддржува десничарските популисти во Велика Британија.
Британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант на аеродромот ги спушти рамената и рече дека тоа е стилот на претседателот Трамп, кој го познаваме. Патем, тој, како што рече, се согласува со Трамп дека повиците на опозицијата да се игнорира посетата на американскиот претседател се целосно претерани.
„Извонредна претстава“
„Му реков: подготвивме извонредно шоу за Вас“, изјави Хант, мислејќи притоа на кралската програма на посетата, која треба да понуди сјај и гламур за семејството Трамп. Претседателот Трамп со британската кралица се среќава на ручек и на државен банкет. Со нејзиниот син, принцот Чарлс, се состана на чај.
Семејството Трамп е само трето семејство на американски претседател кое е повикано на фамилијарна државна посета кај Кралицата Елизабета Втора. Другите две беа семејствата на Џорџ Буш помладиот и на Барак Обама.
Инаку, посетата на американскиот претседател на Лондон би можела да ја закомпликува нестабилната политичка ситуација во Велика Британија, каде премиерката Тереза Меј ја напушта позицијата за неколку дена и каде што се води огорчена борба за нејзин наследник кој треба да ја изведе земјата од ЕУ, оценуваат американските и британските медиуми.
И пред да ја започне посетата на Велика Британија, Трамп ги поткопа дипломатските норми така што ја потресе тамошната, и онака, неизвесна политичка ситуација, пишува „Њујорк тајмс“.
Весникот пренесува дека американскиот претседател рекол оти наредниот британски премиер треба да се „оддалечи“ од обидот да постигне договор за повлекување од ЕУ и на преговорите со ЕУ треба да оди популистот Најџел Фараж, додека премиер би можел да биде поранешниот министер за надворешни работи Борис Џонсон.
Во интервју за лондонскиот Сандеј тајмс Трамп ја критикуваше премиерката Меј која е на функција уште оваа недела, по најавата за своја оставка минатиот месец откако британскиот парламент повеќепати го одби нејзиниот план за Брегзит.
„Њујорк тајмс“ оценува дека со приближувањето на рокот за излез на Велика Британија од ЕУ се зголемува неизвесноста околу наследникот на Меј и оти коментарите на американскиот претседател го зголемуваат степенот на нестабилност.
Повеќепати одложуваната посета на Трамп, која започнува денеска со голема кралевска помпа и други активности, се совпаѓа со најниската точка на Брегзит, оценува „Вашингтон пост“. Весникот додава дека посетата би можела дополнително да ја закомпликува ситуацијата поради упорното навивање на Трамп за излез на Велика Британија од ЕУ и неговите теории како тоа не треба да се изведе.