1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изморената Ангела Меркел

Бернд Ригерт
14 ноември 2018

Сето веќе беше слушнато. Нови идеи во својот говор пред Европскиот парламент, германската канцеларка не изнесе. Сигналот повеќе гласеше: сочекајте го мојот наследник, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/38Cvv
Frankreich Strassburg - Angela Merkel im Europaparlament
Фотографија: Reuters/V. Kessler

Францускиот претседател Емануел Макрон за многу пријатели на ЕУ долго важеше за извор на надеж. Со младешки полет, тој подготви серија реформски проекти за продлабочување на европската интеграција во надворешната, одбранбената, монетарната и економската политика. Со страст и моќ на убедување ги разви своите визии. Во дело овие инспирации меѓутоа треба да ги спроведат други. Пред сè, од сојузната влада во Берлин се очекува да му помогне на Макрон така што радосно ќе ги оживотвори неговите идеи. Но, играта не е толку лесна.

Во канцеларскиот кабинет реагираа прилично воздржано на смелите иницијативи од Париз. Ангела Меркел си постави за цел, идеите на Макрон да ги редуцира на изводливото. Таа уште еднаш јасно го истакна ова во својот говор во Европскиот парламент во Стразбур. Уште еднаш ги повтори и реформските чекори кои веќе беа договорени во неколку наврати со Франција: европски интервентни сили кои некогаш конечно ќе прераснат во „вистинска“ европска армија; банкарска унија која ги заштитува штедачите од ризици; инвестициски буџет во еврозоната и солидарна политика за миграција и азил.

Меркел пропушти шанса

На француските критики дека Германија го блокира напредокот, таа се осврна индиректно. Никако поинаку не може да се разбере нејзиното ветување дека има намера да се постигнат конкретни резултати во оданочувањето на дигиталните компании и во банкарската унија до средината на декември. Распоредот на активностите веќе беше договорен со францускиот партнер Емануел Макрон во Мезеберг во јуни.

Ангела Меркел во Стразбур го повтори она што е веќе одамна познато. Нови предлози, па дури и визии, цел, кон која треба да се развива ЕУ, не излегоа од устата на Меркел. Таа ја пропушти шансата во Европскиот парламент да го скицира нејзиното европско наследство. Остана само на опомената до Полска, Унгарија, Италија и другите да се придржуваат кон правилата и владеењето на правото. Солидарноста беше централниот поим во нејзиниот главен говор. Сето тоа е веќе чуено.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Канцеларката во говорот во Стразбур го цитираше досега единствениот германски претседател на Европската комисија, Валтер Халштајн. Тој во 1969 година рече дека европскиот проект е „невидена смелост“. Оваа смелост ѝ недостасува на Меркел.

На Канцеларката ѝ беше сосема јасно дека ова ќе биде нејзиниот последен голем говор пред демократскатското претставништво на 500 милиони граѓани на ЕУ. Откако се откажа од претседателството на нејзината Христијанско-демократска унија, деновите на Ангела Меркел во канцеларскиот кабинет најверојатно се избројани. Меѓутоа, Германија како најголема членка на ЕУ,  и без канцеларката Меркел, која повеќе од 12 години се залагаше за стабилност и прагматизам, и натаму ќе игра одлучувачка улога во ЕУ. Меркел за себе рече дека била прилично воздржана и се грижела за изводливото. Со оваа канцеларка, стана јасно вчера во Стразбур, веќе не се придвижува многу. Тромата патка уште еднаш замавта со крилата.

Во исчекување на новата канцеларка

Емануел Макрон, францускиот претседател, кој самиот се наоѓа под голем внатрешнополитички притисок , ќе мора да почека малку за следниот партнер (или партнерка) од Берлин. Дали промената, а со тоа и новиот импулс, ќе дојде пред изборите за Европскиот парламент во мај 2019 година, не е јасно. Токму овие избори, на кои треба да се спречи популистичките противници на ЕУ да освојат многу гласови, Макрон си ги зададе како цел. Проевропската предизборна кампања со канцлеларката на заминување ќе биде тешка.

Едно е сигурно - и следниот шеф или шефица на германската влада нема сосема да ги прифати како свои идеите на Макрон. Во ЕУ секогаш станува збор за компромис. Тоа е силата на Европа. Освен тоа, Франција и Германија не одлучуваат сами. Исто така, мора да се земат предвид и интересите на останатите  26 земји членки. Ова го истакна Ангела Меркел во Стразбур. Претседателот Макрон ќе ја чуе пораката.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија