Израел ги блокира Западниот Брег и Појасот Газа
10 јуни 2016По нападот во Тел Авив, израелската армија ги затвори премините кон Појасот Газа и Западниот Брег, пишува израелскиот весник „Хаарец“, повикувајќи се на коминике на безбедносните сили. Според весникот, мерката стапила во сила на полноќ.
Блокадата би требало да трае до недела на полноќ, кога завршува еврејскиот празник Шавуот. Влез во Израел е дозволен само од хуманитарни или медицински причини. Според „Хаарец“, верниците ќе смеат да отидат на петочна молитва на Брегот на храмовите.
Најавени остри мерки
Израел се закани со преземање остри мерки по завчерашниот напад во Тел Авив. Меѓу другото, треба да се затвори дупката во безбедносната ограда кон Западниот Брег. Освен тоа, најавено е одземање на дозволи за влез на 80.000 Палестинци во текот на месецот на пости Рамазан. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави испраќање дополнителен број војници во окупираниот Западен Брег. Министерот за одбрана Авигдор Либерман нареди и телата на убиени палестински атентатори во иднина да не им се предаваат на семејствата за погреб.
Во средата вечерта во паркот Сарона, во центарот на Тел Авив, двајца палестински атентатори убија четворица Палестинци. Безбедносните сили ги фатија напаѓачите. Притоа еден од нив е повреден. Армијата вчера го опколи селото Јата, во јужниот дел на Западниот Брег, од каде што потекнуваат напаѓачите. Според полициски наводи, тие се братучеди.
Израел, источен Ерусалим и Западниот Брег од минатата есен се цел на бран напади. Притоа, според наводи на агенцијата АФП, загинале 207 Палестинци, 32 Израелци и четворица странци. Најголемиот дел од убиените Палестинци се докажани или осомничени атентатори, кои за своите напади користат главно ножеви. Други починале за време на протести против израелската окупација на Западниот Брег и источен Ерусалим.