Речиси најдобри непријатели
17 февруари 2014Може ли да му се верува на Иран? Кога ова прашање би му се поставило на израелскиот претседател Шимон Перес тој сигурно би одговорил со „не“. „Иран е центар на теророт во нашето време“, предупреди Перес уште во јануари, во говорот на Светскиот економски форум во Давос. Израелскиот претседател е убеден дека Иран и натаму ја снабдува со оружје шиитската милиција Хезболах во Либан и верува и натаму дека Иран тежнее да се стекне со атомско оружје, иако иранскиот претседател Рохани тоа неодамна повторно го отфрли. Така во Ерусалим со години наназад помалку или повеќе отворено се шпекулира за можен превентивен воен напад врз иранските нуклеарни постројки.
Посебно гласни беа шпекулациите кога претседател на Иран беше Махмуд Ахмадинеџад. Тој непрекинато настапуваше против Ираел, изразуваше сомнежи кон холокаустот и ја осудуваше израелската окупација на палестинските области. Наследникот на Ахмадинеџад, Рохани, сега испраќа помирливи пораки. Додуша, ни Рохани не го признава правото на постоење на Израел, но сепак се дистанцира од антиизраелските изјави на својот претходник. Покрај сето тоа, односот меѓу овие две земји е одбележан со длабока недоверба. Меѓутоа, тоа не беше отсекогаш така.
Заеднички интереси
Само еден ден откако на 14 мај 1948. година беше прогласена државата Израел, таа веќе се наоѓаше во војна со соседните арапски држави. Израелците успеаја да го одбијат арапскиот напад. Палестинската војна јасно му покажа на основачот на Израел, Давид Бен Гурион, во какво непријателско опкружување мора да опстане неговата земја. Со оглед на тоа, Гурион разви доктрина според која Израел мора да создава сојузи со неарапските држави во регионот, како што е Турција или либанските христијани, но и Иран.
И во Техеран на почетокот на 50-те години на минатиот век со сомнеж се гледаше на растечкиот арапски национализам, дотолку повеќе што Иран од 1953 година се разви во диктатура врз која големо влијание имаа САД. За Техеран, формирањето на Израел, поддржуван токму од страна на Вашингтон, беше добредојдена политичка противтежа. „Меѓу тие две држави затоа завладеаја одлични односи“, вели Хенер Фиртих. Така Израел обучуваше ирански експерти за земјоделство, испорачуваше техничка помош и помагаше при формирањето и обучувањето на персиските безбедносни сили. Иранскиот шах го плаќаше тоа со нафта, која на Израел му беше неопходна за натамошен економски развој: „На крајот на 70-те години, Иран покриваше 80 насто од израелските потреби за нафта. Така значи беше создадена суштинска врска меѓу двете земји“, додава Фиртих.
Таен договор од 80-те години
Исламската револуција во Иран на почетокот на 1979. година ѝ стави крај на таа соработка. Ајатолахот Хомеини остро го критикуваше Израел поради окупацијата на палестинските области. Едвај дојден на власт, тој веќе ги укина сите договори со Израел. Кога Израел во 1982. година се вмеша во либанската граѓанска војна и неговите трупи навлегоа во јужниот дел на земјата, и Хомени во Бејрут ја испрати Револуционерната гарда за да ја поддржи тамошната шиитска милиција. Затоа до денес, тогаш основаната милиција Хезболах важи за продолжена рака на Техеран во Либан.
Сепак, додека тензиите меѓу Иран и Израел беа се‘ поотворени, заживуваше тајна соработка меѓу двете земји. Повод беше иранско-ирачката војна која започна во септември 1980. година. Сѐ уште под впечатокот на револуцијата во Техеран, речиси комплетниот западен свет го поддржуваше Ирак, кој беше извонредно добро вооружен од страна на САД. Наспроти тоа, Израел во режимот на Садам Хусеин гледаше закана и застана на страната на Хомеини. Спред истражувањата на Институтот за национална безбедност во Тел Авив, Израел само во првите три години од војната му испорачал на Иран оружје во вредност од 500 милиони долари. „ Во војната со Ирак, работите не се одвиваа добро за Иран“, вели експертот за Блискиот Исток, Хенер Фиртих. Тој наведува дека во раните 80-ти години залихите со оружје и муниција на Иран биле пред крај. „Затоа очајнички се бараше испорачател кој би бил подготвен да достави оружје направено според американска технологија“, вели Фиртих. Израелската понуда добро му дојде на Иран, кој во таа војна беше инфериорен.
Меѓутоа, ајатолахот Хомеини се заблагодари на друг начин. На почетокот на 80-те години се појавија гласини дека Ирак се обидува да произведе атомска бомба. Како за Техеран, така и за Ерусалим, тоа беше закана која не можеше да се прифати. Иранската тајна служба им проследи на ираелските воздушни сили важни информации, благодарејќи на кои во 1981. година беше бомбардиран ирачкиот нуклеарен реактор Осирак, со што, како што се претпоставува, ѝ беше нанесен тежок удар на ирачката атомска програма.
Двете страни се обидуваа таа прикриена соработка да ја одржат во тајност. „Ни Иранците, ниту Израелците немаа интерес тоа да допре во јавноста“, вели Фиртих. Сепак, во ноември 1986. година САД ги потресе аферата „Иран-контра“. Така на виделина излезе дека Вашингтон со години му продавал тенкови и противвоздушни ракети на Иран, за на тој начин да ги финансира десничарските бунтовници во Никарагва. Исто така беше откриено дека тој договор за продажба на оружје бил постигнат во најголем дел благодарение на Израел.
Конечен прекин
Со оглед на тие откритија и на крајот на ирачко-иранската војна во 1988 година, дојде до конечен прекин на односите меѓу Израел и Иран. Имено, заедничкиот непријател Ирак беше затетеравен, а три години подоцна со операцијата „Пустинска бура“ режимот на Садам Хусеин беше во целост заслабнат. Од иранска гледна точка веќе немаше причини за одржување на соработката со Израел. Освен тоа и палестинското прашање сѐ повеќе се наметнуваше во надворешнополитичкиот фокус на Техеран. „Станува збор за константа во иранската политика - палестинското прашање да се издигне од арапски во исламски контекст“, вели Хенер Фиртих: „Доколку тоа се претвори во прашање на сите муслимани, а не само на Арапите, тогаш Иран смета дека ќе има одредена водечка улога. И тоа не сака да го испушти.“
Иранско-американскиот експерт за Блискиот Исток, Трита Парси, оди и чекор понатаму. Тој уште во 2007. година оцени дека ривалството меѓу двете држави не е ништо невообичаено. „Но проблемот со Израел и Иран е во тоа што тоа ривалство во меѓувреме доби егзистенцијална димензија: Иран прогнозира уништување на еврејската држава, Израел му го одзема правото на Иран да поседува атомско оружје и активно да учествува во напорите за промена на режимот во Техеран. Со оглед на тие предуслови, како што вели Фиртих, во догледно време не треба да се смета на подобрување на односите меѓу Израел и Иран.