Илегална трговија со кучиња– бизнис тежок милијарди
19 септември 2019„Немој да заборавиш да прашаш од каде им е потеклото." Тоа се последните упатства од Штефан за другарката Клаудија (името е сменето од редакцијата) пред да постават стапица за осомничени илегални трговци на кучиња во Берлин. Полицијата е веќе информирана. Клаудија која повеќе пати глумела мамка за активистот за заштита на животните Штефан Клипштајн, се јавила како заинтересиран купувач. Таа се сретнува со продавачите на кучиња кои планираат во округот Берлин Вединг да продадат мала Малтешка пудлица.
„Кога ќе го дадам договорениот знак брзо да дојдете, во ред?", прашува Клаудија и се обидува да си ја контролира нервозата. Полицијата и Штефан сцената ја набљудуваат од повеќе скривалишта. Тензијата расте. Три лица кои наводно се дел од сцената излегуваат од црна луксузна лимузина. Бараат 500 евра за кутре кое е видливо болно. Дали е вакцинирано не знаат. По неколку дополнителни прашања Клаудија го зема кутрето в рака. Нервозата станува неподнослива. Таа дава знак. Полицајците истрчуваат. „Полиција! Рацете горе!" Нсилните трговци се уапсени.
Клипштајн речиси на дневно ниво бара сомнителни огласи во весник и ја алармира полицијата. Го препознал на прва и овој случај во Берлин. Се потвди дека има нос за измамници: трговците имале дебело криминално досие.
Кучињата како и дрогата?
Толку голема драма за едно мало кутре? Случајот со малтешката пудлица во Берлин е само еден мал дел од она што се довива на сцената со илегалните трговци на кучиња во Германија и Европа. Милиони кучиња годишно илегално се транспортираат низ Европа, болни, невакцинирани, со фалсификувани документи или без никакви. Купувачите се измамени, животните често умираат скоро време потоа.
Трговците притоа заработуваат баснословни суми. Активисти за заштита на животните и некои политичари предупредуваат дека заработката на илегалните трговци со кучиња сега веќе се движи во слични размери како заработката од трговија со дрога. Ренате Зомер од ЦДУ која е поранешна пратеничка во Европскиот парламент, ја потврдува таквата информација и во интервју за ДВ зборува за организиран криминал кој мора да биде сопрен на европско ниво. Тоа мислење го дели и Леа Шмиц, портпарол на Германското здружение за заштита на животните. „Секако дека може да зборуваме за организиран криминал од оние лица кои ги носат кучињата во Германија и тука ги продаваат." Според студија на Европската комисија годишно речиси 550 илјади кучиња илегално се транспортираат преку европските граници. Тоа се само официјалните цифри, односно регистрираните случаи. Реалноста сигурно е многу полоша.
Проблемот интернет
Конкретна калкулација претстави НВО 4 шепи: само преку Ибеј огласи годишно се продаваат околу 2,3 милиони кучиња. Најголемиот дел од нив илегално. Заработката е 700 евра од куче што прави вкупно 1,6 милијарди евра само од Ибеј.
Според организацијата „Европска алијанса за кучиња и мачки" на европско ниво на било кој ден може да се најдат околу 400 илјади огласи за кучиња. Статистиките покажуваат дека дилерите на дрога во Европа годишно заработуваат околу 24 милијарди евра, а проста сметка покажува дека заработката на трговците со кучиња се движи во слични рамки. Според Германското здружение за заштита на животните најголемиот дел илегално увезени кучиа во Германија доаѓа од Романија, па потоа следуваат Унгарија, Србија и Бугарија. Бизнисите главно се одвиваат преку интернет.
Како функционира мафијата за кучиња?
Покрај расните кучиња кои под незаконски услови се размножуваат во Југоисточна Европа и за повеќекратно поголема цена се продаваат во Западна Европа, се развива и друг нелегален бизнис.
Во Југоисточна Европа уличните кучиња не се ретка појава. Многу се ловат и се сместуваат во државни домови каде по одредено време согласно законот се усмртуваат ако никој не ги вдоми. Некои приватни и локални организации за заштита на животните се грижат за таквите кучиња. Сепак или токму затоа што таквата состојба на кучињата предизвикува сожалување кај луѓето, се разви и бизнисот со улични кучиња, односно илегално пренесување во Западна Европа. Леа Шмиц потврдува дека често под плаштот на заштита на животните со таквите кучиња се заработуваат пари.
На Клипштајн му е позната ситуацијата: „Велат дека спасуваат улични кучиња, па 60-70 кучиња им ги даваат гратис од домовите и преку Фејсбук тие се проследуваат до нови сопственици кои воопшто не ги познаваат за одредена висина на надомест. Некои имаат отворено фирми кои се специјализирани на тоа масовно да транспортираат животни од Источна во Западна Европа."
Во принцип идеја која е благородна, само што на тие „спасители" не им е до доброто на животните, туку само за пари. Вмешани се наводни активисти за заштита на животните, на пример од Германија, кои соработуваат со посредници од Источна Европа. Кучиња делумно невакцинирани и со фалсификувани папири се изнесуваат од земјите. Да се трошат неколку стотици евра за вакцини, за легални пасоши и микрочип маркирања би ја намалило заработката.
Корумпирани ветеринари помагаат со фалсификуваната документација. Една позната организација за заштита на кучињата од Велика Британија преку комплексно истражување покажа колку едноставно во Романија трговците добиваат документи од ветеринарите. https://www.dogstrust.org.uk/news-events/issues-campaigns/puppy-smuggling/puppy-smuggling-press-materials
На другиот крај на криминалната спирала
Тоа што Штефан Клипштајн во Германија го прави во Романија го прави неговиот колега Мариус Чирка. Поранешниот банкар си дал отказ на неговото работно место и пред шест години отворил дом за животни. Тој поднесува кривични пријави, се бори против криумчарење животни и се обидува да издејствува промена на законската регулатива. И Чирка и Клипштајн во повеќе наврати биле физички нападнати од измамници.
Криумчарите заработуваат петоцифрени суми со еден единствен транспаорт, вели Чирка за ДВ. „Спасителите” после пишуваат 'ни требаат пари за транспорт.' И Германецот, Италијанецот, Англичанецот плаќаат и така им се собираат по неколку илјади евра. кучињата се сместуваат во негувалиште и птоа се бараат спонзори. Следната етапа е да се најдат пари за наводни вакцинирања, пасоши и слично и така се наплатува по којзнае кој пат, веројатно вкупно околу 20.000-25.000 евра за 30-40 кучиња.
Крај на повидок?
„За мене е фрустрирачки тоа што трговијата со животни сѐ уште не е забранета на интернет," вели Клипстен. Ваква забрана нема на повидок иако илегалната продажба на кучиња е раширен феномен. Во Германија полицијата реагира само на пријава, како во случајот со малтезерите во Берлин. Освен тоа неделно при контрола на автопат се открива илегален транспорт на кучиња – но ова е сосем случајно.
За разлика од Австрија и Швајцарија каде што трговијата со кучиња на интернет е и законски забранета, ниту во Германија, ниту на европско ниво нема конкретни мерки со кои треба да се стопира шверцот со кучиња. И така милиони евра се заработуваат секој месец од нелегална трговија на кучиња од Источна Европа. За време на истражувањето на ДВ, баварската полиција повторно пресретна и заплени шверцувани кучиња од Романија.