1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илинден - нов тест за македонцките работи

2 август 2019

„Сите сме деца на Илинден“ е мото на прославата за заедничките вредности кои ги обединуваат сите граѓани, порачува Владата. Наспроти тоа, некои заговараат паралелни прослави, зачинети со говор на омраза.

https://p.dw.com/p/3ND1h
Mazedonien Mazedonier Menschen Skopje Mazedonische Garde Madezonische Flagge
Фотографија: MIA

Под мотото „Сите сме деца на Илинден“ во Скопје, Пелинце, Смилево и Крушево почнува празнувањето на втори август, Илинден, симболот на вековната македонската борба за слобода и државност: 116 години од Илинденското востание и 75 години од Првото заседание на АСНОМ. Како и секоја година, централната свеченост за државниот празник е резервирана за славното Крушево и ќе започне во 10 и 30 часот со положување цвеќе пред споменикот на Мечкин Камен, по што напладне обраќање ќе има премиерот Зоран Заев. Од Владата потенцираат дека мотото „Сите сме деца на Илинден“ е концепт кој ги опишува заедничките вредности кои ги обединуваат и поврзуваат сите граѓани во земјата. Но сенка врз ваквите заложби и вредности фрлија повици за одржување на паралелна „македонска прослава на Мечкин Камен, и со македонски знамиња а не со ‘вентилатори'".

Тие не се заинтерсирани ни за културно уметничка програма во која ќе настапат ансамблот „Танец“,КУД „Емин Дураку“ и хорот „Крушево", туку планираат своја „музика“.

„Со себе понесете труби и разни свирчиња. Инаку, свирчиња ќе се поделат и на Мечкин Камен. Не наседнувајте на какви било провокации и заплашувања, не ни можат ништо. Македонија е на Македонците, никогаш Северна, само Македонија“, се вели во повикот.

Mazedonien Denkmal Alexander der Große in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa

Да се почитува јавниот ред и мир

Растечкиот говор на омраза, како и хушкачки повици во изминатите денови, од кои дел и со заканувачки пораки за највисоки државни функционери, ги вознемирија граѓаните и ги мобилизираа граѓанските организации да повикааат на мирна и достоинствена прослава. Невладината организација „Цивил“ побара од институциите веднаш да ги санкционираат сите поединци и групи што шират омраза и повикуваат на насилство.

„Бараме од институциите да реагираат остро, решително и ефикасно, а на одговорност да ги земат и највисоките раководни структури на политичките партии што посредно или непосредно ги охрабруваат радикалните поединци и групи во земјава“, порачаа од  „Цивил", потенцирајќи дека таквите примери се последица од воспоставената неказнивост од минатата власт, но и неказнивоста што продолжила и по падот на режимот. 

Се огласи и Министерството за внатрешни работи кое ги повика граѓаните достоинствено да го прослават овој значаен датум од историјата.

Mazedonien Nationalfeiertag - Ilinden
Фотографија: MIA

„Министерството апелира до граѓаните, особено оние што ќе присуствуваат на организираните прослави, да го почитуваат јавниот ред и мир. Полицијата, согласно законските обврски и надлежности, ригорозно ќе реагира на сите обиди за нарушување на јавниот ред и мир и сигурноста на граѓаните.   

Со начинот на кој ќе го прославиме овој голем ден, достоинствено и чесно да покажеме дека ја почитуваме историјата и ја сакаме сопствената татковина“, порача МВР.

Неопходно е обединување и заедништво

Во Крушево веќе се пристигнати голем број гости од други градови, кои се надеваат дека ќе сведочат на празнување достојно за делата на Илинденците, но и на силно единство на граѓаните. Таква порака вчера испрати и Јордан Цеков - Дане, учесник во НОБ, кој ја имаше честа претпразнично да биде посетен од шефот на државата, Стево Пендаровски. Во пресрет на празникот, 98-годишниот Цеков упати порака до сите граѓани, особено помладите генерации, дека е неопходно обединување и заедништво.

Без такво заедништво не би биле можни ни победите на неговата генерација. Тој бил командант на Третата македонска ударна бригада, која  на втори август 1944 година била задолжена за непосредно обезбедување на Првото заседание на АСНОМ. Во повоениот период бил и пратеник во Собранието на Народна Република Македонија, автор е на 18 книги кои сведочат за настаните од минатото, и носител на голем број воени одликувања. Цеков истакна дека му претставува особена чест да го прими претседателот во својот дом, а во разговорот потсетил на сите премрежија и предизвици со кои се соочувале антифашистичките борци.

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: Petr Stojanovski

Ним денеска ќе им оддаде почит делегација од Кабинетот на претседателот на државата - пред спомениците на АСНОМ, на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, и на Никола Карев. Претседателот Пендаровски ќе положи цвеќе пред Споменикот на паднатите борци од НОБ, а ќе им оддаде почит и на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски, и на генералот Михајло Апостолски. Потоа во вилата Водно во 11:15 часот ќе се одржи церемонија, на која ќе се обрати шефот на државата и  претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците, Никола Стојановски, во присуство на претставници на институции, политички партии и членови на дипломатскиот кор. Покрај ова, организираната прослава ќе се одржи и во Смилево, како и во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, каде што ќе се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери.