1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илхан Ќучук: Во пакетот „4+1“ клучот е во единицата

16 март 2022

Важен момент за започнувањето на преговорите се билатералните односи, а клучот е токму во единицата - како да бидат гарантирани правата на Бугарите, вели известувачот за РСМ во ЕП.

https://p.dw.com/p/48Xz0
Türkei | Ilhan Kyuchyuk
Фотографија: Muhammed Selim Korkutata/AA/picture alliance

Војната во Украина и стравувањата од нејзини рефлексии во Западен Балкан, го ставаат прашањето за евроинтеграција на регионот во врвот на предизвиците во актуелниот момент. Илхан Ќучук, бугарски европратеник од ДПС/групата на Алијансата на либералите и демократите за Европа, и известувач за Република Северна Македонија во ЕП, вели дека за ова прашање се говорело и на неодамнешниот Дипломатски форум во Анталија. На таа тема тој разговарал со шефот на македонската дипломатијата Бујар Османи, поранешниот македонски премиер Зоран Заев, претседателката на Косово, Вјоса Османи, членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, шефовите на дипломатиите на Азарбејџан и Турција...

„Настаните покажуваат дека Западниот Балкан е многу ранлив на влијание од трети страни (...) Продолжуваме да ја повторуваме и поддржуваме тезата дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во НАТО и ЕУ треба да биде стратегиска цел на Бугарија, за да може да имаме регион кој е безбеден, просперитетен и соодветен на високите европски стандарди. ЕУ во најголем степен го обезбедува тоа, а НАТО во најголем степен ја осигурува безбедноста. На оние кои велат - сега не е време за таков разговор, би им го кажал токму спротивното: сега повеќе од кога било е понеопходно да се води тој разговор и да бидат преземени конкретни активности“, вели Ќучук за бугарското Радио „Фокус“.

Важни билатералните односи

Запрашан дали „брза процедура“ би била погодна и за земјите од Западен Балкан, исто како што се заложил за Украина, известувачот за РСМ децидно вели – да!

„Да, затоа што Западниот Балкан е многу чувстителен на надворешно влијание. И ако држави кои имаат големо влијание можат да си дозволат да дестабилизираат една држава како Украина, зошто да не можат да го направат тоа и во нашиот регион, токму во Западен Балкан“, вели тој.

Во однос на прашањето за РСМ смета дека „има добра можност која треба да се искористи на максимално брз начин“. Новите влади во Софија и во Скопје, според него, даваат основи за конструктивен разговор.

„И веднаш да кажам - националистичките сили да не го плашат бугарскиот гласач, со тоа дека Северна Македонија утре ќе биде примена во ЕУ. Тоа е процес. Единственото нешто за кое станува збор во оваа ситуација, е да бидат исполнети одредени критериуми. А тие критериуми Македонија до голем степен ги има исполнето. Важен момент за започнувањето на преговорите се билатералните односи. Има прагматичен формат '4+1' кој треба да биде разгледан многу внимателно, и како што секогаш сум велел, клучот е токму во единицата - како да бидат гарантирани правата на Бугарите, како и правата на Хрватите и Црногорците. Кажано уште поедноставно - како да биде најдено европско решение, за да може идентитетот на секоја заедница да биде впишан во преамбулата на македонскиот Устав. На тој начин ќе биде обезбеди нужниот спокој, за да биде создадена позитивна клима и добар наратив за поинтензивен проток и разрешување на нерешените прашања“, вели Ќучук.

Разговорите со Бугарија за прашањата од пакетот „4+1“ ќе продолжат на 23 и 24 март, кога, како што најави министерот Османи, во посетата на Скопје ќе дојде бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска.

Bulgarien Bulgarischer Pass
Најголемиот дел од оние кои лани добиле бугарско државјанство или 51 % процент - биле граѓани на Северна МакедонијаФотографија: BGNES

Лани 7.696 Македонци добиле бугарско државјанство

Впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е еден од условите, кој според бугарскиот претседател Румен Радев, освен што ќе доведе до гарантирање на нивните права, треба да биде и задолжителен услов за давање согласност од страна на Бугарија за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. А во контекст на аргументацијата за тоа, официјални лица честопати лицитираат со бројката на Бугари во Северна Македонија. Колкава е таа официјално?

Според податоците од Комисијата за бугарско државјанство објавени во бугарски медиуми, во 2021 година со тоа право се стекнале 15.171 лице. Најголемиот дел од оние кои лани добиле бугарско државјанство или 51 % процент - биле граѓани на Северна Македонија (7.696). Следат граѓани на Украина со 10% (1.547), потоа 8% од Албанија (1.269), 8% од Турција (1.145), 7% од Србија (1.053), 7% од Молдавија (1.127), 3% од Руската федерација (479) и 6% други од вкупно 55 држави, меѓу кои од Израел, Сирија, Ерменија, Ирак, Виетнам....

За разлика од 2021 година, кога 7.696 државјани на Северна Македонија добиле бугарско државјанство, во 2020 година таа бројка изнесувала 9.098, а во 2019 година 5.628.

Агенцијата Бгнес минатиот месец објави дека за последните 15 години бројот на Македонци со бугарски пасоши изнесува 86. 566, што е над половина од вкупниот број на сите други кои досега добиле бугарско државјанство - 162. 865 лица.