Им одзвони ли на даночните оази?
7 ноември 2017Секој од нас се обидува да го намали даночниот товар колку што е можно. Во тоа ни помагаат сметководители и неброена литература на тема: како да се заштеди на данок. Тоа е сосема разбирливо, особено кога, како во Германија, државата доста длабоко им бркнува во џебот на граѓаните. Затоа повеќето се обидуваат од даночната управа да добијат колку што е можно пари назад. За обичниот даночен обврзник, тоа се по правило мали износи. Но сепак, тука е и малото задоволство и чувство дека нешто сепак се вратило назад.
Нештата се поинакви кога се работи за големи износи. Глобалните концерни како Амазон, Фејсбук, Епл и други. И германските фирми регистрирани на франкфуртската берза се добро познати по праксата за избегнување на плаќање данок. Цели армии правници не работат ништо друго, туку само бараат дупки во системот кои ги користат за зголемување на профитот или подобро речено - за избегнување плаќање данок. А тука се и супербогатите на овој свет, кои не би биле толку богати да не знаеле како да го уплатат најмалиот можен данок.
Чесни и нечесни даночни обврзници
Секако дека сега огорченоста и бесот на јавноста е голем: против богатите, против мултинационалните компании, против целиот систем. Но факт е и дека повеќето од она што мрежата од 400 новинари го извлекоа на површина е целосно легално. Даночните оази се легални (се уште). Не е забрането да се користат дупките во законите. И на крајот на краиштата, не може сите случаи да се изедначуваат. Многу богати Германци ги плаќаат редовно и во целост своите даноци. Сѐ уште, дури 43 отсто од парите од данокот потекнуваат од само два милиони, од вкупно 40 милиони даночни обврзници во Германија.
Но, секако дека има многу црни овци и секако дека државата мора да даде се од себе за да собере доволно даноци. Последната голема финансиска криза во добра мерка ги испразни благајните ширум светот. Доколку фирмите не се прикажуваа за посиромашни одошто се, Германија би собирала 30 отсто поголем данок на добивка. На ниво на ЕУ таа бројка е најмалку 20 проценти. Водечките индустриски земји и растечките економии во групата Г20 заедно со ОЕЦД потпишаа низа мерки кои треба да го оневозможат затајувањето на данок. Но, на тие мерки им треба време за да почнат да делуваат.
Одржување на притисокот
Затоа е важно низ нови откритија да се одржува притисокот врз оние кои донесуваат одлуки. Но треба исто така да се биде искрен и да се постави прашањето: што се случи откако пред две години избувна скандалот Панама пејперс? Не многу. Исландскиот премиер даде оставка, директорите на Мосак-Фонсека се во затвор, но не поради затајување данок, туку поради корупција. Низ светот се водат над 6.500 истраги поврзани со Панама пејперс. Даночните управи на темел на откритијата успеаја дополнително да соберат (само) 80 милиони евра данок.
Сето тоа не ја намалува важноста на огромната работа која ја завршија истражувачките новинари. Но, правосудството не е во рацете на новинарите, тука државата мора поенергично да реагира. Од даночните управи и правосудните органи мора да дојде одлучувачкиот импулс. Доколку капиталот е мобилен и лесно ги преминува границите, тогаш и даночните инспектори мора да делуваат меѓународно, независно од границите. Нужни се единствени стапки на данок и, по можност, исти услови за бизнисмените. Но, со оглед на тоа дека во моментов владее сосема спротивна состојба, а државите, за да привлечат инвестиции, се натпреваруваат во давање даночни олеснувања, даночните мешетари и натаму ќе имаат лесна задача.