Има ли Грција причина за славје?
28 јули 2017На прв поглед бројките предизвикуваат добро расположение: Грција неделава на пазарот на обврзници, по тригодишна апстиненција, ќе добие свежи кредити во висина од три милијарди евра.Според грчкото Министерство за финансии, добиени се понуди во висина од повеќе од 6 милијарди евра. Каматната стапка изнесува 4,6% за период од пет години. Целосен успех? Така барем смета владата во Атина. Пласирањето обврзници е „важен чекор и почеток на крајот (на кризата, н.з.)“, рече премиерот Алексис Ципрас во интервју за телевизијата Алфа.
Премиерот изрази задоволство поради наводно ниската каматна стапка и „високото ниво“ на инвеститори. Поинаку кажано: не шпекуланти и „банкрот-мршојадци“, туку инвеститори кои размислуваат долгорочно би инвестирале свои пари во грчки обврзници, претпоставува премиерот.
Меѓутоа, Панајотис Петракис, професор по економија на универзитетот во Атина, предупредува дека фактите треба да се гледаат трезвено. Успешниот пласман на обврзници е позитивен чекор, но е само почеток на долгиот пат во насока на самофинансирање, опоменува економистот во разговор за ДВ. Сѐ уште се неизвесни важни работи: „Во догледно време мора да се разјасни дали ќе има олеснувања за долговите на Грција, дали грчките банки се докажано стабилни и, не како последно, дали политичкиот ризик во земјата конечно исчезнува. Тоа се важни работи.“
Што се однесува до актуелната катамна стапка од 4,6%, таа е малку пониска од стапката при последната емисија на петгодишните обврзници во кризната 2014 година, меѓутоа нејзината висина не треба да се потценува со оглед на ниските камати во Европа и фактот дека „Германија дури и добива пари од инвеститорите за да им ги заштити заштедите“.
Судир околу кризната 2014-та
Особеност на грчката политика е навраќање на минатото и повлекување остри линии на поделба на пријатели и непријатели. Така е и сега. Прашањето - дали сегашното пласирање обврзници е под подобри услови отколку она во 2014 година, се анализира нашироко. Уште тогаш конзервативниот премиер Самарас најави брзо враќање на Грција на пазарот на капитал, но не можеше да го оствари ветувањето.
Денес шефот на конзервативците, Кирјакос Мицотакис зборува за „три загубени години“ за кризната земја и го обвинува Ципрас, кој на валаст е од 2015 година, дека многу скапо ја платил пробата за враќање на пазарот на капитал. Во секој случај, трошоците за најновото пласирање обврзници се значително повисоки отколку во 2014 година, критикува Мицотакис.
Политикологот Јоргос Цогопулос укажува дека и Самарас во последните месеци од своето владеење ги одолговлекувал ветените реформи. Сепак: „Состојбата во Грција пред три години се чинеше генерално подобра. Поранешните пакети за штедење веќе имаа покажано ефекти, а и луѓето тогаш не беа толку уморни од реформи како што се денес“, оценува Цогопулос за ДВ.
Враќањето на Грција на пазарите може да успее само ако земјата засилено спроведува реформи. Панајотис Петракис не верува во чуда, туку во напорна реформска работа: „Реформите носат пораст, со што станува поднослив товарот од долгови. Но, за тоа е неопходно време“, нагласува Панајотис Петракис