Има ли спас за охридската пастрмка?
4 октомври 2013Со години Охридското Езеро беше без стопан. Во периодот кога Македонија прогласи мораторум за риболов, пастрмката слободно се ловеше на албанската страна од езерото. Рибокрадците немилосрдно се нафрлија на и така осиромашениот рибен фонд, посебно на пастрмката. Таа завршуваше на нелегалниот пазар и во дел од кафеаните на двете страни од езерото кои и покрај забраната ја имаа на мениата. Долго се кршеја копјата: Постои ли иделано решение како да се заштитат езерото и вкупниот рибен фонд во него?
Македонската влада пресече и го даде под концесија. За само една година откако концесионерот „Пастрмка 2012“ го презеде управувањето со Охридското Езеро и воведе физичка заштита, рибокрадаството на најголемото македонско природно езеро тврдат дека е намалено за 90 проценти. Како се случи тоа?
Физичката заштита – спас за рибите во езерото
Ристе Танасоски, сопственик на „Пастрмка 2012“ вели: „Формиравме рибочуварска служба. Вработивме 14 лица и уште толку преку приватна агенција за обезбедување, ангажиравме рибари во Охрид и Струга. Во ова кризно време вработивме вкупно 58 лица. За да ги задоволиме сите услови пропишани во Законот за рибарство и аквакултура набавивме 30 пловни објекти, два глисери и софистицирана опрема за набљудување. Тврдам дека ваква физичка заштита на езерото немало. До сега се поднесени 15 кривични и 30 прекршочни пријави, а во содејство со СВР-Охрид и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство запленивме над 20 километри мрежи и друг риболовен алат.“
Вештачкиот мрест – уште еден начин за спас на пастрмката
Напоредно со ова радува и податокот дека икрата собрана за вештачки мрест на пастрмката од јануари до март годинава е на нивото од пред 10 години. Директорката на Хидробиолошкиот институт во Охрид д-р Сузана Патчева соопшти: „Годинава собравме 1.860 000 зрна икра од кои добивме 1.760 000 подмалдок пастрмка. На крајот од август во езерските води пуштивме 100.000 пастрмки со просечна тежина од 2 до 2,5 грама и долги меѓу 6 и 8 милиметри стари околу 6 месеци. За скоро Охридското Езеро ќе биде збогатено со уште 2 милиони единки пастрмка“. Покрај во Охрид порибување се врши и во мрестилиштето Шум кај Струга.
Неодамна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димоски рече: „Од 2006 година досега во езерото се фрлени околу 14 милиони парчиња пастрмка, а за таа намена се одвоени околу 35 милиони денари.“ Димоски укажа дека комуницира и бара пат за соработка со албанската страна, за да се постигне поголема контрола во ловот на рибниот фонд. Освен кај Тушемиште од 2004 мрест на пастрмка се врши и во селото Лин.
Македонија ја заштитува, во Албанија пастрмката уште се лови
Меѓу Поградец и Лин езерото уште не е под концесија. Освен што се лови илегално, според Танасоски постои и организација во која членуваат околу 300 рибари кои за само 50 евра годишно ловат риба во Охридското Езеро. Оттука и впечатокот дека побрзо се лови, отколку што пастрмката и другиот вид риба можат да пораснат и природно да се оплодат. „Пастрмката е бавнорастечка риба за да порасне и стане полова зрела и се потребни од 5 до 7 години. Поради тоа ние сѐ уште не ја ловиме“, вели концесионерот Танасоски, загрижен за нејзините уништени природни плодишта кои тешко се обновуваат.
И додека пастрмката легално во Охрид речиси и да ја нема, а нејзината чест ја брани белвицата во Тушемишта, првата населба по граничниот премин кај Свети Наум на албанска страна таа се служи. Охриѓани и стружани, особено за викенд ги влече мирисот и вкусот на пастрмката, но и нејзината, за половина пониската цена во кафеаните отколку на македонската страна од езерото.