1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Индија-Пакистан: Повеќе од проблематични односи

Пенди Ашатош
28 февруари 2019

Тензиите помеѓу Индија и Пакистан ескалираа откако Њу Делхи изведе воздушни напади на територијата на Пакистан. ДВ потсетува на турбулентната историја меѓу двата соседа - нуклеарни сили.

https://p.dw.com/p/3ECCY
Symbolbild | Indien Pakistan Freundschaft
Фотографија: picture-alliance/dpa/epa/H. Tyagi

Крвава поделба (1947): Односите помеѓу двата соседа се напрегнати уште од самиот почеток, кога Британците го поделија индискиот потконтинент на секуларна, но главно хиндуистичка Индија и Пакистан со мнозинско муслиманско население. Поделбата предизвика безредија и колективно насилство во регионот и доведе до една од најголемите човечки миграции во историјата.

Ескалација на конфликтот во Кашмир (1947-48): Индија и Пакистан остро спореа за контролата врз Кашмир - кралство со муслиманско мнозинство, управувано од хинду махараџа - дури и пред нивната независност од Велика Британија. Но, спорот ескалираше откако кашмирскиот владетел Хари Синг се врати во Индија во замена за помошта од Њу Делхи да се одбрани од нападите од страна на армијата на пакистанските племиња. Настаните доведоа до прва отворена војна помеѓу двете земји поради Кашмир.

Резолуција на ОН (1948): Индија го доведе спорот околу Кашмир во Советот за безбедност на Обединетите нации, кој усвои резолуција која повика на одржување референдум за решавање на статусот на Кашмир. Но, Советот за безбедност со референдумот постави услов за повлекување на пакистанските трупи и намалување на индиското воено присуство во спорниот регион. Војната заврши со примирје со посредство на ОН, но Пакистан одби да ги повлече своите војници. Демаркационата линија за прекин на огнот суштински го подели Кашмир, така што двете страни контролираа делови од некогашното кралство, но со аспирации да го контролираат во целост.

Индо-Пакистанска војна (1965): И покрај неколкуте обиди за решавање на Кашмирскиот спор и намалување на тензиите, двата соседа ја водеа својата втора војна за спорниот регион. Кратката војна заврши со уште еден  прекин на огнот постигнат со посредство на ОН. Двете страни се вратија на своите претходни позиции.

Војна околу Бангладеш (1971): Индија и Пакистан водеа и трета војна, овојпат поради Источен Пакистан. Конфликтот заврши со пораз на Пакистан и формирање на државата Бангладеш.

1972 - Präsident Pakistans Zulfikar Ali Bhutto mit Premierministerin Indira Gandhi
Индира Ганди и Зулфикар Али Буто во СимлаФотографија: imago/ZUMA/Keystone

Договор од Симла (1972): По поразот на Пакистан во војната во 1971 година, индиската премиерка Индира Ганди и пакистанскиот лидер Зулфиќар Али Буто се сретнаа и потпишаа договор во индискиот планински град Симла. Демаркационата линија за прекин на огнот во Кашмир е наречена Линија на контрола (ЛоЦ), а двете страни се согласија да го решат спорот преку преговори.

Вооружен отпор во Кашмир (1989): Бунт за независност во делот на Кашмир под контрола на Индија избувна по спорните државни избори. Побуната ескалираше во текот на наредната деценија, делумно поттикнато и од насилството од страна на индиски војници во справувањето со бунтовниците. Индија го обвини Пакистан за поддршка на бунтовниците преку обезбедување на оружје и обука. Пакистан го негира ова тврдење. 

Конфликт во Каргил (1999): Двата соседа, во меѓувреме нуклеарни сили, влегоа во вооружен конфликт откако милитантите од другата страна на демаркационата линија презедоа контрола врз клучните стратешки позиции во делот од Кашмир под индиска контрола. Индија ги истера милитантите, но го обвини Пакистан за поддршка на нивниот упад. Дипломатските придобивки направени по историскиот состанок во Лахоре меѓу премиерите на двете земји со тоа беа уништени и Индија ги прекина односите.

Напад врз индискиот парламент (2001): Тензиите меѓу Индија и Пакистан достигнаа повторно достигнаа високо ниво по терористичкиот напад врз индискиот парламент. Индија за нападот обвини терористички групи со седиште во Пакистан и распореди војници на границата кон соседната земја. Исламабад возврати реципрочно. На тензиите им беше ставен крај со меѓународно посредување.

Прекин на прекин на огнот (2003): Двете страни се согласија за прекин на огнот долж демаркационата линија. Примирјето сѐ уште е во сила, но двете земји се обвинуваат меѓусебно дека повремено го прекршуваат.

Pakistan Indien Anschläge von Mumbai Taj Hotel
Сцена од нападот во хотелот Таџ во Мумбаи Фотографија: picture-alliance/dpa

Напади во Мумбаи (2008): Вооружени напаѓачи извршија неколку напади во финансиската метропола на Индија, Мумбаи, во кои загинаа повеќе од 150 лица. Пакистан призна дека нападите можеби биле планирани на негова територија, но гласно го негираше индиското тврдење дека Лашкар-е-Таиба, терористичката група зад нападите, била поддржувана од страна на пакистанската разузнавачка агенција. Индија по нападите ги прекина сите разговори со Пакистан. Њу Делхи опстојува на тврдењето дека „тероризам и разговори“ не можат да одат заедно.

Хируршки напади (2016): Напорите на индискиот премиер Нарендра Моди и неговиот пакистански колега Наваз Шариф да започнат нови разговори ненадејно беа прекинати по нападот врз база на индиската војска од страна на пакистанската терористичка група Џаиш-е-Мохамед. Индија се одмазди за убиството на 19 нејзини војници со спроведување на „хируршки напади “ врз наводни терористички логори од другата страна на демаркационата линија.

Pakistan Treffen Nawaz Sharif Narendra Modi
Хаваз Шариф и Нарендра МодиФотографија: picture-alliance/dpa/Handout

Индија бомбардира цели во Пакистан (2019): Индија спроведе воздушни напади врз наводен терористички камп на групата Џаиш-е-Мохамед во регионот Балакот во Пакистан. Бомбардирањето следуваше само неколку дена откако терористичката група ја презеде одговорноста за убиството на 40 индиски војници во самоубиствен напад во Кашмир. Еден ден подоцна, Пакистан соопшти дека го соборил двајца индиски воени авиони во знак на одмазда.