1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Индустријата алармира за откази

Костадин Делимитов
23 април 2022

Македонската автоиндустријата е соочена со сериозни проблеми кои може да ескалираат ако не се превенира. Експертите предупредуваат на внимателност и апелираат за крај на синдикалните уцени за повисоки плати.

https://p.dw.com/p/4AKRn
Индустриска зона Кавадарци
Индустриска зона КавадарциФотографија: Dimitar Murdzev

Додека власта и синдикатите се во војна за повисоки плати, индустријата тоне во криза која може да има сериозни последици врз перформансите на македонската економија. Критично е секаде, но периодов тоа е најизразено во автомобиласката индустрија, која важи за еден од главните двигатели на економскиот раст. Овој сектор кој вработува околу 30 илјади луѓе е соочен со сериозни последици од глобалните случувања. Податоците се загрижувачки. Само во март продажбата во земјите од ЕУ е намалена во просек за околу 20% без изгледи за подобрување во наредниот период. Ова создава голем притисок врз производителите, кои доминантно се зависни од нарачките на автоконцерните: 

„Девет месеци по ред сме соочени со континуиран пад на продажбата. Ова трае уште од јули а ескалира во февруари пред стартот на војната во Украина. И што е најлошо тешко дека ќе запре“, изјави за Дојче веле Виктори Мизо, директор на германски Костал и претседател на асоцијацијата на странски производители со напредна техноклогија.

Главна главоболка- војната во Украина

Ако до неодамна главниот проблем беа чиповите, клучната главоболка сега е Украина и последиците од тамошната војна:    

„Од 24 февруари наваму работите се сменија. Проблемот со чиповите е актуелен и ќе продолжи до 2024 година, но сега има недостаток на компненти кои се произвдеуваат во Украина каде имаше 38 фабрики добавувачи со 80 илјади вработени. Се е нарушено, паднати се нарачките но и побарувачката како последица на стравот од проширување на конфликот, инфлацијата, економската несигурност“, укажува Мизо. 

Kostal
Фотографија: Kostal

Нарушениот пазар веќе ги дава негативните ефекти. Поголем дел од производителите веќе испратиле дел од работниците на принуден одмор, укинати се дел од смените, а не се работи за викенди и празници. Клучниот предизик е да не дојде до откази што би бил сериозен удар.

„ Загубата на работната сила за нас како пософистицирана индустрија би бил огромен удар затоа што добар дел од тие луѓе се обучени, вложени се пари, време и средства во нивното знаење. Знаеме каков е пазарот на работна сила, дека нема лесно да се најдат луѓе. Затоа и во континуитет бараме од државата времено да ни помогне. Уште во октомври испративме барање за помош за задржување на работните места. Барем преку минимална плата со лимит на одреден број луѓе на одредени компании. Ние не сакаме и не планираме да штрајкуваме, но многу е важно да се задржат луѓето оти ние сме единствена индустрија која можеме брзо да ја повлечеме економијата. Тоа што го бараме не го бараме тенденциозно, туку едноставно да останеме во кондиција, ништо повеќе, укажува Мизо.

Опасни натегања за платите

Барањето на производителите е слично како она од април 2020 кога државата времено помогна за задржување на работните места. Од Владата велат дека се во постојани контакти со оваа но и останатите индустрии и генерално се отворени за поддршка. Но освен декларативна заложба, засега нема ништо поконкретно. Можеби и очекувано со оглед на она што се случува на терен со штрајкот на СОНК, синдикатот за образование кој и натаму го блокира образовниот процес и не отстапува од барањата за зголемување на платите за 18,4%. Дополнителен проблем се и останатите синдикати кои се надвор од Сојузот на синдикатите на Македонија, а кои најавуваат протести од вторник ако нема зголемување на платите во јавниот сектор, паралелно со зголемувањето на минималецот.

Експертите предупредуваат дека уцените и натегањата се многу опасни во услови кога буџетот е безмалку празен, а економијата на стаклени нозе.

„Владата не е на два огна, туку јас би рекол дека таа се пече на огин. Оти прво и основно јас сум за покачување на минималецот што се направи, без разлика што тоа не е пазарна законитост, но сепак долната граница беше катастрофална. Тоа нормално повлекува усогласување за да нема т.н. урамниловка, но синдикатите ова го искористија би рекол и безобразно, прават уцена и покрај понудата од зголемување на платите за 10%. Основното е што понудата е фер и Владата не се откажа од тоа дека нема повторно да ги покачи платите.  Но треба да преземат и тие одговорност, посебно кога гледаме дека има и други индустриии на кои им е  потребна помош“, предупредува во изјава за Дојче веле, Руди Лазаревски, економист и финансиски советник.

Училниците во македонските училишта со денови се празни поради штрајкот на СОНК
Училниците во македонските училишта со денови се празни поради штрајкот на СОНКФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во буџетот нема пари

Ваквата игра на нерви но и на сила според експертите е уште попроблематична со оглед на случувањата на глобално ниво кои никој не може да предвиди до која мера би се развивале:

„Никој не може да направи проекција до крајот на годината како ќе биде инфлацијата, тоа би било арогантно. Никој не може да направи проекција за долготрајноста на војната во Украина, ниту пак дали во јули ќе имаме преговори со ЕУ. Тоа се три компоненти кои што покрај сегашната ситуација со буџетот, со енергетската криза може да направат хаос во државата“, укажува Лазаревски.

Оттука според него е најдобро и најкомпромисно да се прифати понудата на Владата:

„Ако тоа не се направи ќе имаме големи проблеми. Во буџетот нема пари да се попушти бидејќи тој е перфориран, и затоа сум против уцените што се прават. После образованието ќе се јави и друг сектор и проблемите не се решаваат со тоа. А пари може да се добијат само од банките кои ќе ги зголемат каматите и кои се возат на каматите на депозитите, со пласирање на државни обврзници, еврообврзница, според тоа ситуацијата е многу сериозна. Ако ова предизвика домино ефект а веќе се гледа дека се подготвува тогаш ќе биде многу лошо. Мора да се има сенс и општествена одговорност, оти ќе има отпуштања во приватниот сектор“, реагира Лазаревски.

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Од Владата веќе најавија ребаланс на буџетот кој треба да овозможи простор и средства за помош во кризата. Најавите се дека ќе се крати секаде каде што е можно, за сметка на покривање на потребите на граѓаните и стопанството. За покривање на актуелните дупки, потребни се најмалку 600 милиони евра. До вчера, главната опција беше поголем дел од овие средства да се обезбедат преку издавање еврообврзница, која во меѓувреме отпаѓа како опција, барем за одредено време, поради повисоките камати на меѓународните пазари. Најновото е дека државата бара аранжман со Меѓународниот монетарен фонд и користење на двегодишна линија за претпазливост и ликвидност. 

Можна опасност: ковид-карантинот во Шангај?

Оваа кредитна линија според министерот за финансии Фатмир Бесими е достапна за земјите-членки со здрави економски основи, а се користи за ситуации кога има неизвесност како што е во моментов економската криза како резултат на инфлацијата и енергетската криза особено по војната во Украина. Станува збор за кредитна линија со камата од 1%:

Ова се значително поповолни услови за нас, во смисла на искористување на овие средства за поддршка на буџетот. Воедно дел од средствата од оваа програма се користат за претпазливост, што значи дека ние ги имаме тие средства, но не ги користиме туку ни служат за зајакнување на нашата позиција на финансиските пазари“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими, од Вашингтон каде присуствуваше на пролетната сесија на ММФ и Светска банка. 

Освен војната во Украина, сериозен проблем за европската економија може да предизвика и актуелната состојба со Ковид-19 во Кина. Градот Шангај е четири недели во карантин, заедно со уште 45 други градови, делумно или целосно со близу половина милијарда популација. Ова според упатебните само уште повеќе ќе го усложни процесот на набавка на репроматеријали за индустријата, како и чипови за автомобилските фабрики вклучително и за оние кои функционираат на македонскиот пазар.

Проширувањето на ескалацијата ќе влијае негативно врз плановите за проширување на инвестициите, производството и вработувањата. Но од друга страна може и да значи шанса за преселба на дел од производствените капацитети во регионот. Ова е опција и за македонската економија, која во последниот квартал бележи раст на извозот од Технолошко индустриските развојни зони. Сепак овој тренд главно е резултат на поголемата вредност на извозот, како директна последица на поскапите репроматеријали, а помалку на обемот на производството.