1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Институциите - невидлив фактор за расветлување на случајот „Актор“

Катерина Блажевска11 март 2014

Случајот „Актор“, според експертите, ги става на силен тест институциите - дали и натаму ќе молчат или ќе преземат мерки од својата надлежност?

https://p.dw.com/p/1BN8r
Фотографија: picture-alliance/dpa

Три дена по обвинувањата од опозицискиот СДСМ за индиции за инволвираност на македонската влада во незаконско извлекување на 3,5 милиони евра од европските пари наменети за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, нема реакција од институциите задолжени да реагираат во вакви случаи и да ги проверат посочените наоди.

„Зошто за ниедна државна институција не е предизвик или не смее да се занимава со случајот 3,5 милиони евра кеш во приватни џебови?“, праша портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Одговор од институциите не доби ни тој, ниту медиумите. СДСМ пред два дена обелодени документи, според кои, од сметката на грчката компнија „Актор АДГ Грција - подружница Скопје“ масовно се извлекувала готовина од грчки државјани, која не се изнесува од Македонија. За кого се наменети парите - прашаа социјалдемократите.

„Од сметката на фирмата Актор АДГ Грција – Подружница Скопје, на која се легнати 32 милиона евра пари на граѓаните на Македонија, се одлеваат кеш суми и кај цели фамилии, државјани на Грција. Податоците од трансакциите направени во Македонија покажуваат дека 9 лица со презиме Константинос подигнале 313.000 евра во поединечни исплати во висина од 20, 40, 80 илјади евра. Грчките државјани кои го земаат кешот, го даваат исклучиво на едно лице, а тоа е сметководителката на ’Актор’ Атина Зиога, а по завршената работа си заминуваат за Грција. Подигнатите суми во стотици илјади евра не излегуваат од Македонија. Управата за финасиско разузнавање отворила случај, но по нечиј налог постапката е стопирана. Офицерите на филијалата на ’Стопанска банка’ во Неготино, преку која оделе извлекувањата на парите, пријавиле подигнување кеш во огромни суми, над 15.000 евра, што Управата за финансиско разузнавање била должна да го испита. Посебно, кога станува збор за пари кон странски државјани, за кои не е пријавено дека ги изнесле парите надвор од Македонија“, рече Шилегов.

Politik Skopje, Mazedonien
СДСМ ја обвинува ВладатаФотографија: Petr Stojanovski

По молкот на институциите, преку соопштение се огласи само владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Заради јавноста, а не заради СДСМ, би сакале да повториме дека при спроведување на целата постапка се почитувани сите европски правила и сите македонски законски постапки. Целокупната постапка и објавувањето на јавен повик за изградба на овој автопат беа одобрени од Европската комисија, во координација со Европската инвестициона банка и ЕБРД. На месечни состаноци со претставници на Европската комисија се констатира финансискиот и физички прогрес на целиот проект. Ваков тип состаноци, на секои шест месеци, се одржуваат и со претставници на ЕИБ и ЕБРД. Каде и како фирмата, избрана во транспарентна постапка, ги троши парите, дали за работници, дали за опрема, машини или градежни материјали, господинот Шилегов треба да си ја праша фирмата која го добила тендерот. Тендер кој е верификуван од сите релевантни европски институции. Доколку се сомнева во нивната работа, секако дека има начин тоа да го пријави до институциите, а институциите ќе си постапат", одговори ВМРО-ДПМНЕ.

Каде е јавниот обвинител?

Но, засега нема ни најава за институционална разврска на случајот. Европската Комисија во сите извештаи за напредокот на Македонија ја нотира важноста од јакнење на институционалните капацитети на земјата. Тој процес стагнира или бавно напредува, а според експертите, причина за тоа се, пред се‘, партиските влијанија кои ја кочат можноста за нивно професионално и независно функционирање. Професорот и поранешен шеф на воената служба за безбедност и разузнавање, д-р Владимир Пивоваров, вели дека ако Македонија е правна држава, веднаш требаше да се огласи Јавниот обвинител и тоа по службена должност ex oficio, применувајќи го начелото за проверка на дознаените податоци – по допрен глас.

„Владејачката партија се повикува на институции, па ако тие постојат, веќе ќе реагираа за да утврдат за што точно се работи. Ако се работи за лица кои подигале финансиски средства во толкав износ, а како што се наведува не биле вработени во компанијата ’Актор’, се поставува прашањето каде завршувале толкави финансиски средства. За да ги изнесат надвор од Македонија, тоа може да се случи само во износ до 10.000 евра со нивно пријавување на излез од земјава и на влез во Грција. Вакво нешто никој не потврди. За толку големи исплати на лична сметка на лица, банката со закон е должна да ја извести Управата за финансиско разузнавање, која во соработка со МВР или самостојно го проверува потеклото на парите, нивното оданочување, лицата на кои им се трансферираат и законитоста на трансферот, со што се утврдува дали постои прекршување на законот. Може да извршат проверки и преку меѓународна размена на податоци, бидејќи се работи за странски државјани“, укажува Пивоваров.

Но, за наводите засега не се изјасни ни банката, ни Управата за финансиско разузнавање, ни Јавниот обвинител. Директорот на Управата за финансиско разузнавање ни вчера не беше достапен за одговор, поради „презафатеност со состаноци“, како што соопштија за ДВ од неговиот кабинет. Вработени од оваа институција за други медиуми изјавиле дека не се запознати што се пишува за случајот „Актор“, бидејќи немале интернет. Молк за случајот владее и во Обвинителството. Пивоваров потсетува дека кривично дело се врши и со непреземање на мерки кои согласно со законот институциите требало да ги преземат, а не го сториле тоа.

„Непреземањето на институционални мерки во јавноста остава простор за шпекулации, што не е добро. Најчестите шпекулации во јавноста се врзани за сомнеж за перење на пари, преку извршување низа тешки кривични дела, со крајна цел - нивна употреба за изборни манипулации. За да нема вакви или други шпекулации, надлежните институции треба поскоро да реагираат за да се обелодени вистината. Бидејќи се работи за дел од средства добиени како грант од ЕУ, треба да се очекува и нивно барање за објаснување за она што се случило со наведените финансиски средства. Во ваква ситуација имаме два избора: да го расчистиме случајот јавно и транспарентно, а ако тоа не се случи, лесно ќе бидеме ставени на црната листа на земји кои овозможуваат перење на пари“, предупредува Пивоваров.

Deutschland Kursgewinne treiben Geldvermögen weltweit auf Rekordhöhe
Бидејќи се работи за дел од средства добиени како грант од ЕУ, треба да се очекува и нивно барање за објаснување за она што се случило со наведените финансиски средства, вели ПивоваровФотографија: picture-alliance/dpa

Потребна сериозна истрага

Законски гледано, институциите немаат обврска да излезат со соопштение во јавноста за преземените оперативно-тактички мерки и дејства, особено не во раната фаза на прибирање на чувствителни информации за еден ваков случај, каде што треба да се проверат многу детали“, вели Миодраг Лабовиќ, професор и поранешен директор на Управата за финансиска полиција.

„Не знам дали институциите веќе работат на расветлување на случајот, но од аспект на професионално, етичко и одговорно постапување, по такви обвинувања потребно е да се излезе во јавноста и да се каже дека институциите во рамките на нивните надлежности ќе ги преземат сите потребни мерки за расветлување на случајот. Тоа не само што ќе ги смири бранувањата во јавноста, туку ќе придонесе за градење на имиџот на Македонија како земја во која функционират институциите и се почитува принципот на владеењето на правото. Расветлувањето на случајот најмногу ќе и‘ користи на владејачката партија за да ги отфрли сомнежите свртени кон неа. Се работи за пари од европските банки и грантови кои се наменски пуштени за грчката фирма ’Актор’, која го доби меѓународниот тендер под услови и критериуми кои однапред ги исклучија нашите градежни фими. Колку што сум информиран, нема ниту македонски подизведувачи, така што, според мене, во ваква ситуација малку е веројатна некоја домашна финансиска 'ујдурма'. Предистражните дејства треба да бидат насочени кон утврдување на факти - по која основа се вршени исплатите на физички лица, грчки државјани, дали се работи за фиктивни финансиски трансакции или не, дали грчките државјани ја напуштиле Македонија. Ако не, значи дека парите се во Македонија, ако се овде - каде завршиле. Можни се разни варијанти - од избегнување даноци во сопствената држава и давање фиктивни позајмици на фирмата-исплатувач, до разни други комбинации за кои не треба да се шпекулира во оваа фаза јавно, туку сите можни опции да бидат проверени, по што целосно ќе се расветли случајот“, објаснува Лабовиќ.

Довербата расте?

Пивоваров се сомнева дека ќе има институционална разврска на овој случај. Таквиот песимизам го темели врз основа на претходните (не)постапувања на надлежните институции.

„Како пример ќе го наведам текстот во неделникот „Фокус“, во кој пред неколку месеци професорот Самоил Малчевски тврдеше дека никогаш нема уплатено 500.000 денари како донација на владејачката партија, иако на списокот донатори фигурира неговото име. Случајот е толку лесен за проверка на утврдување на вистината, дури и за студент почетник на катедрата за криминалистика. Само требаше да се изврши графолошко вештачење на ракописот (спорен) на уплатницата и неспорниот ракопис на професорот Малчевски. Но, тоа не се случи“, потсетува Пивоваров.

Минатогодишното истражувањето спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) покажа дека довербата во институциите е во пораст по забележаниот пад во 2010 година. Истражувањето утврди значителен растот на довербата во образованието, здравството и полицијата, а најмала доверба граѓаните покажеле кон судиите (43,1 проценти) и цариниците (36,5 проценти). Довербата тешко се стекнува, а лесно се губи. Случајот „Актор“ ги става институциите на нов тест.