1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интеграцијата како трка со пречки: првата пред Уставот

25 јули 2022

Основниот проблем меѓу Бугарија и Северна Македонија е взаемната недоверба, оценува германскиот новинар Михаел Мартенс

https://p.dw.com/p/4EaY3
Nordmazedonien und EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Има ли време, можност и волја, условувањата да паднат, да ѝ отстапат место на довербата меѓу Скопје и Софија? Покрај многуте домашни реакции за условите во преговарачкиот пакет, најдлабокиот извор на недоверба доаѓа од условувањето на реалниот почеток на преговори меѓу РСМ и ЕУ - со  внесување на Бугарите во македонскиот Устав.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ ништо не е завршено и лидерот Христијан Мицкоски не отстапува од идејата  граѓаните преку референдум  да го искажат своето мислење за Преговарачката рамка со Бугарија.

„Во периодот што следи ќе продолжат консултациите со експертите, со јавноста, околу тоа каква форма ќе биде референдумот - задолжителна, консултативна, кога би се одржал тој референдум, кој би го поднел, дали пратениците, дали тоа ќе бидат 150 илјади граѓани, дали ќе биде референдум претходен или последователен, дали ќе се однесува на Преговарачката рамка или на делот на Преговарачката рамка кој што се повикува на билатералниот договор со Бугарија и изворот на проблемите - а тоа е Протоколот“, рече вчера Мицкоски.

Пратениците од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ пред десетина дена со нотарски изјави (симболично) и суштински - со јавно даден збор, се обврзаа дека „нема да гласаат да се промени македонскиот Устав, ниту ќе поддржат каква иницијатива, предлог или заклучок кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава“.

Идеја има, но дали и реализиција?

Може ли нешто да се промени на тој план во периодот додека трае скринингот? Промената на Уставот како „следна пречка“ ја гледа и германскиот новинар Михаел Мартенс, долгогодишен дописник на Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) од Југоисточна Европа и добар познавач на состојбите на Балканот. Компромисниот предлог за паѓањето на ветото на Софија тој неодамна го нарече „француско-бугарски рекламен трик“.

„За само неколку месеци, Северна Македонија ќе се соочи со следната пречка, бидејќи парламентот во Скопје го нема потребното мнозинство за промена на Уставот, во кој треба да бидат внесени Бугарите. Сепак, има една идеја што можеби ќе го одблокира процесот на интеграција. Станува збор за промена на Уставот и впишување на Бугарите, но под услов таа промена да стапи на сила на денот на  приемот на Северна Македонија во ЕУ  или барем при нејзиното вклучување на заедничкиот европски пазар. Таа идеја ми се чини како разумна, бидејќи главниот проблем меѓу двете соседни земји всушност е меѓусебната недоверба. Во Скопје стравуваат дека по промената на Уставот Бугарија може да постави нови услови. Затоа, Северна Македонија сака да добие некаква гаранција дека доколку се исполни овој услов, нејзината интеграција ќе продолжи. Оваа идеја ми изгледа добра, но не можам да тврдам дека ќе може да се реализира“, вели Мартенс во разговор за БНР.

Запрашан, не гледа ли никакви разумни барања на Бугарија, тој вели дека има такви - на пример, барањето Бугарија да добие пристап до архивите на Северна Македонија.

„За земја која е кандидат за членство во ЕУ во 21. век не би требало да биде проблем да обезбеди пристап до нејзините архиви за да можат историчарите да ги проучуваат. Тоа треба да важи и за другата земја, но не знам дали бугарските архиви се достапни. Има и други разумни барања на Бугарија. Вклучувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија е такво, тоа не е антиевропско или националистичко. Меѓутоа, проблемот е поинаков и не се однесува само на Софија и Скопје, туку и на другите земји од ЕУ. Тоа е убедувањето дека историски комисии можат да востановат  објективна историска вистина  која ќе биде наложена како државна политика. Не мислам дека таквото убедување има место во отворена Европа во 21 век“, го пренесе БНР ставот на германскиот новинар.

Bulgarien Flagge
Има ли разумни барања од Бугарија?Фотографија: Getty Images

Интеграција на заедничкиот пазар

Мартенс деновиве предупреди дека токму по примерот на Бугарија, и во Хрватска почнува дискусија дали таа да ги постави нејзините услови пред Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, што според него го загрозува процесот на проширување. Сепак, без оглед што Скопје и Софија сега се многу присутни во медиумскиот фокус, според Мартенс, не се проблем државите од Западен Балкан, туку самата ЕУ.

„Се согласувам со францускиот претседател Емануел Макрон, дека ЕУ не може да се прошири пред да се реформира. Со 27 земји-членки во моментов, Унијата тешко носи одлуки, а замислете си што ќе се случи ако станеме 32 или 33? Ние и сега имаме проблеми со одделни земји-членки, како на пример Унгарија, која се согласи на санкции против Русија само поради огромните отстапки што ги направи Брисел. ЕУ се гуши поради барањето за едногласни одлуки во надворешната политика. Кога во Унијата членуваа само 6 држави, тоа можеби беше работна формула. Но сега? Сега секоја земја има право на вето и може да блокира каква било одлука. Затоа Макрон, но и другите европски лидери се залагаат за реформа, вклучително и за укинување на барањето за едногласни одлуки. Но таа реформа, според мене, нема да се случи, бидејќи треба да биде гласана од сите 27, вклучително и од оние земји-членки кои се против отстранувањето на нивното право на вето. Затоа мислам дека реформата и проширувањето на ЕУ се како сврзани садови. Без едното, нема да го има другото“, оценува Мартенс.

Во тој контекст, враќајќи се на тезата дека спорот меѓу Скопје и Софија е најмал проблем на проширувањето, тој смета дека треба да се размислува за излез од сегашната ситуација.

„Во оваа смисла, има една идеја што ми изгледа остварлива - интеграција на земјите кандидати на заедничкиот пазар, каде што е загарантирано слободното движење на луѓе, стока и капитал. Ова значително би го променило секојдневнието на граѓаните на Северна Македонија, Србија или Црна Гора, бидејќи нивните права ќе се изедначат со оние на граѓаните на ЕУ. Единствената разлика ќе биде што овие земји нема да имаат право на вето на одлуките во Брисел и нема да испраќаат свои еврокомесари. Сигурен сум дека за 99 проценти од луѓето ова е од второстепена важност“, смета Мартенс.

Ова во голема мера се совпаѓа со предлогот на францускиот претседател за формирање на т.н. Европска политичка заедница, идеја што земјите аспиранти и кандидати за ЕУ ја доживеаја како покана за учество во европска „втора лига“. Во домашната јавност доминираа ставовите дека не треба да се отфрла никаква соработка, но оти таа никако не смее да биде замена за полноправно членство во Европската Унија.