Интервенцијата на НАТО во Србија, 20 години потоа
Бомбардирање на НАТО на Југославија (Србија и Црна Гора) во 1999 година му стави крај на насилството врз косовските Албанци. Но и 20 години подоцна, нападите извршени без одобрение на ОН, остануваат контроверзни
Траги од војната
Косовскиот конфликт се интензивираше во втората половина на 1990-те. Десетици илјади луѓе беа раселени. Кога сите напори да се постигне мир во регионот пропаднаа, НАТО започна воздушни напади врз воени и стратешки цели во Србија на 24 март 1999 година. По 11 недели, српскиот претседател Слободан Милошевиќ капитулираше.
Неуспех на ненасилниот отпор
Состојбата во Косово почна да зоврива уште на почетокот на 1980-те кога Албанците почнаа да бараат поголеми права. Состојбата ескалираше во 1990 а со неа и српската репресија врз населението. Ибрахим Ругова, кој го предводеше ненасилното движење од 1989 година се обидуваше да го убеди Слободан Милошевиќ да го смени курсот- но попусто.
Герилска војна
Кон средината на 1990-те се формираше вооружен отпор, а самопрогласената Ослободителна војска на Косово (УЧК) започна брутална герилска војна. ОВК започна напади против Срби, но и Албанци кои ги сметаше за соработници. Србија возврати со палење куќи и уништување бизниси. Насилството ескалираше.
Систематско исфрлање
Војната стана исклучително брутална, а српските сили ги засилија нападите врз цивилното население во обид да ја уништат УЧК и нивната мрежа на поддржувачи. Илјадници луѓе побараа прибежиште во околните планини и шуми. Подоцна, откако почнаа НАТО нападите, дојде и до масовно етничко чистење. Стотици илјади луѓе ја напуштија земјата, а честопати им беа одземани и сите лични документи.
Последен обид за договор
Во февруари 1999, САД, Велика Британија, Франција Русија и Германија ги повикаа двете страни во Рамбује, Франција. Преговорите пропаднаа откако обете страни, и официјален Белград и Приштина, останаа тврдо на своите позиции. Србија го одби и предлогот за автономија на Косово, иако истиот не им беше по волја ниту на косовските Албанци.
„Хуманитарна интервенција“
На 24 март 1999 година, НАТО започна со напади врз воени и стратешки цели во Србија и Косово. Германија исто така учествуваше во бомбардирањето. „Операцијата Здружени сили“ беше прва во 50-годишната историја на НАТО и беше изведена без одобрение на Советот за безбедност на ОН. Русија остро ја критикуваше интервенцијата.
Уништена инфраструктура
Освен воени цели, НАТО бомбардираше патишта, железници и мостови. Во тие 79 дена, сојузничките сили извршија 37 илјади летови над Србија, а врз земјата беа фрлени над 20 илјади бомби и ракети. Според српски извори, убиени беа над 2.500 цивили, а според меѓународни околу 500 луѓе. НАТО истите ги нарекуваше „колатерална штета“.
Отровен облак над Панчево
Индустријата исто така беше цел на напади. Во Панчево, во близина на Белград, бомбите на НАТО ја погодија хемиската фабрика. Огромни количества хемиски супстанци се излеаја во водата и почвата, доведувајќи во опасност илјадници цивили. Србија го обвини НАТО дека користи бомби со осиромашен ураниум, како и забранети касетни бомби.
Напад врз пропагандната машина
Целта на нападот врз зградата на РТС беше да се уништи пропагандната машинерија на Слободан Милошевиќ. Но во него страдаа невини цивили и новинари. Контроверзниот напад остави дамка врз кампањата на НАТО, иако српските власти биле предупредени за него, но не сториле ништо за да ги заштитат вработените. 16 луѓе загинаа во нападот.
Ужасната цена на војната
На почетокот на јуни, Милошевиќ сигнализираше дека може да се предаде. НАТО ги прекина нападите на 19 јуни, а Србија потпиша капитулација во Куманово. Крајниот цех на војната: илјадници мртви и 860 илјади бегалци. Српската економија и голем дел од инфраструктурата беа уништени. Косово беше ставено под администрација на ОН, а српските сили го напуштија.