ИПА програмата се’ поинтересна за македонските општини
4 ноември 2012Инструментот за претпристапна помош попознат како ИПА, кој стапи во сила на почетокот на 2007 година, главно се распределува преку програмите ФАРЕ и КАРДС. ИПА помошта која се обезбедува за периодот 2007/2013, преку петте компоненти на ИПА изнесува 622,5 милиони евра. Петте компоненти на ИПА се: регионален развој, рурален развој, градење на административни капацитети на институциите, развој на човечките ресурси и за прекугранична соработка. Токму за оваа се’ поинтересна компонента за пограничните општините во Македонија, подетелни информации побаравме од одговорните лица во ЕУ инфо точка во Македонија.
Најмногу проекти за прекугранична соработка на Македонија со Бугарија
Во писмениот одговор од одговорните за информирање во ЕУ инфо точката на Македонија во Скопје до ДВ се појаснува: Досега во рамките на ИПА програмата за прекугранична соработка 2007/2013, Македонија склучила вкупно 103 договори вредни 11 милиони евра. Од нив 22 договори на Република Македонија се со Република Албанија од 1 милиони и 250 илјади евра. На Република Македонија за прекугранична соработка со Република Грција се 18 договори од 1 милион и 850 илјади евра. Со Република Бугарија се најмногу, 53 договори односно проекти вредни 7,5 милиони евра, а десет договори се за Југоисточна Европа за Транснационалната програма за соработка, а во вредност од 259 илјади евра.
И најново на 19 октомври годинава беше потпишан финансиски договор за ИПА прекугранична соработка на Македонија со Косово, кој е вреден 600 илјади евра. Потенцијални корисници на програмата се непрофитабилни организации, локални и регионални власти, асоцијации, фондации и стопански комори. Како што потенцираат од Мисијата на ЕУ во Македонија: „Оваа програма има за цел да го промовира одржливиот развој на прекуграничните региони со поддршка на заедничките активности и прекугранични проекти кои би имале влијание врз социјалната и економската состојба на населението, подобрување на заедничкото управување и валоризација на човечките, природните и културните ресурси и зајакнување на имиџот и кохезијата на регионот‘‘.
Се’ повеќе погранични општини во Македонија можат да се пофалат со практично реализирани се’ поголем број ИПА проекти за прекугранична соработка. Така во Општина Гевгелија моментално се финансираат три погранични проекти со соседна Грција. Како што појаснуваат од Општина Гевгелија: „Првиот што е многу значаен има за цел да го заштити пограничниот регион од поплави. Вториот е за Е-аукција на прехранбени производи во пограничниот регион и со третиот се опфаќа заштита и унапредување на јавното здравство. Тука водечки партнер е болницата во Кукуш, а финансиски партнер е болницата од Гевгелија“.
Во Струмица се доделени 700 илјади евра. Од Општина Струмица појаснуваат: „Првиот е изградба на трим патека во Банско во партнерство со регионот на Северна Грција, второт е за енергетска ефикасност и енергетска независност на ОУ ’Сандо Масев’ и третиот за реставрација и конзервација на бедемите на Цареви Кули“.
Арсен Алексовски, градоначалникот на Општина Крива Паланка, општина каде моментално се реализираат четири проекти од ИПА програмата за прекугранична соработка со соседна Бугарија за ДВ потенцира: „Овие програми придонесуваат за подобар живот на жителите од македонските и бугарски погранични општини. Тоа се големи финансиски средства, а кои без помошта од ИПА ние како општини сами, тешко би ги обезбедиле‘‘.
ИПА програмата, одличен инструмент за јакнење на добрососедските односи
Од ЕУ мисијата во Македонија за ДВ потенцираат: „ИПА програмата за прекугранична соработка се покажа како одличен инструмент за јакнење на добрососедските односи и заедничкиот пристап на соседните земји за финансирање од ЕУ можностите за подобро живеење на луѓето од двете страни на границата. Ние сме многу задоволни од досегашната, а очекуваме уште поголема соработка и уште повеќе нови заеднички проекти меѓу соседите во регионот на балканските земји меѓу кои и голем дел нови проекти во Македонија“.