Ирак прогласи конечна победа над Исламска држава
9 декември 2017По повеќе од тригодишни борби, ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади денеска прогласи победа над џихадистичката милиција Исламска држава во Ирак и објави дека безбедносните сили ја вратиле целосно под своја контрола ирачко-сириската граница.
„Нашиот непријател сакаше да ја уништи нашата култура. Го победивме за кратко време“, рече Ал Абади во Багдад.
Исламска држава во 2014 година под своја контрола стави една третина од Ирак и во северноирачкиот град Мосул прогласи Калифат, кој зафаќаше и големи делови на Сирија. Во текот на изминатите месеци ИД беше континуирано потиснувана и на крајот контролираше само неколку појаси близу границата. Ирачките трупи во својата анти-ИД борба имаат поддршка од меѓународни сили, предводени од САД.
Американската армија на почетокот на неделава соопшти дека во Сирија нема повеќе од 3000 борци на ИД. Руското министерство за одбрана во четвртокот прогласи победа над ИД во Сирија.