Иран и натаму одбива пристап на МААЕ до Парчин
23 август 2014Иран и натаму одбива да овозможи пристап на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во воената база Парчин. Министерот за одбрана Хосеин Дехган за новинската агенција Исна денеска (23.08) изјави дека експертите на ОН повеќе пати извршиле инспекција на воената база крај Техрен пред 2005 година и земале проби, но не пронашле ништо нелегално. Немало никаква причина за нова посета на Парчин, бидејќи таму по последната инспекција не се случило ништо ново.
МААЕ повеќе пати побара инспекција на Парчин, поради сомневање дека таму се спроведуваат тестирања на конвенционални експлозиви, кои може да се употребат во развивање на нуклеарната програма. Иран негира и опстојува на тоа дека МААЕ нема право да бара пристап до воената база, бидејќи не станувало збор за нуклеарна постројка.
Генералниот директор на МААЕ Јукија Амано во јуни меѓутоа изјави дека инспекцијата на Парчин била есенцијална, за да може да се потврди мировниот карактер на иранската атомска програма. Амано, освен тоа, рече дека сателитски снимки од февруари годинава укажувале дека во воената база повторно имало „активности“.
Западот со години го сомничи Иран дека тајно развива атомско оружје. Техеран негира и настојува на правото за мировно користење на атомската технологија. Во моментов во тек се меѓународни преговори за надминување на спорот, поради кој се воведени строги санкции против Иран.
Иран е повикан до понеделник (25.08) до МААЕ да достави одговор на прашањата за можната воена димензија на атомска програма на земјата. Разјаснувањето на овие прашања значително би го олеснило спорот. Амано мината недела беше на разговори во Техеран.