1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран- меѓу еуфорија и претпазливост

Шора Азарнуш/бг25 јануари 2016

Во Иран владее еуфорија по отворањето на новата економска ера. Но, по долгоочекуваното укинување на санкциите, прашање е дали е земјата подготвена за бизнис на меѓународно ниво?

https://p.dw.com/p/1HjYu
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Taherkenareh

Иранскиот претседател Хасан Рухани дојде во прва посета на Европа по укинувањето на санкциите против неговата земја. Со години, Иран страдаше поради санкциите наметнати од САД, ЕУ и ОН во обид да се спречат неговите нуклеарни активности. Откако главните санкции беа укинати, се јави голема возбуда како меѓу инвеститорите така и меѓу иранските бизнисмени поради отворањето на нови пазари.
„Иранската економија толку многу опадна поради санкциите и други проблеми што секое отворање, без разлика колку мало, ќе направи позитивна разлика“, вели Фархад Алави, американски адвокат од иранско потекло кој работи за адвокатска куќа од Вашингтон која се занимава со законите за трговски санкции.

„Во моментов постои голема возбуда но ќе биде потребно долго време пред да видиме навистина длабока промена во економската и трговската ситуација на Иран“, вели Алави.

Потенцијален пазар

На хартија, Иран на многу полиња е сон за секој инвеститор. Со второ по бројност население на Блискиот исток, по Египет, земјата нуди голем потенцијален пазар. Освен големото богатство во природни богатства, Иран поседува и млада, технички оспособена и едуцирана популација. Според проценките на Светска банка, земјата го има вториот најголем број на корисници на интернет во регионот, зад Турција.
Но слабите транспортни и сместувачки капацитети претставуваат проблем за меѓународните инвеститори, а комплексната економска структура, од кои голем дел поседува државата, се тешки за снаоѓање.

Galerie Iran - KW 48
Околу 60 проценти од населението е помладо од 30 годиниФотографија: MEHR

Укинувањето на санкциите нема автоматски да ги реши локалните проблеми како корупцијата и недостатокот на транспарентност во регулативата- фактори кои мора да се подобрат доколку иранската влада сака да ги оствари амбициозните цели за 8-процентен годишен раст во следните пет години.

Финансиски и политички предизвици

„Иран практично нема надворешен долг, па тоа го прави клиент од соништата за меѓународните банки“, вели Михаел Токус, извршен директор на германско-иранската трговска комора во соопштение.

Но токму банкарскиот сектор претставува најголем предизвик за меѓународната трговија. По нуклеарниот договор, американското министерство за финансии објави насоки, потсетувајќи ги Американците дека на „државјани на САД, вклучително и на компании, и натаму им е забрането да работат со Иран или со неговата влада“.
Тоа значи дека и сервисите за плаќање со седиште во САД- без оглед дали кредитни картички или онлајн сервиси како Пејпал, во најголемиот број случај не можат да бидат користени во бизнисот со Иран.

Bildergalerie Wie geht der Iran mit Sanktionen um
Остануваат тензиите во односите со САДФотографија: Linda Dorigo/Transterra Media

Политичките тензии исто така играат улога. „Што доколку актуелниот политички курс меѓу двете земји драматично се промени по претседателските избори во САД?“, прашува Алави. Републиканската партија која го контролира Конгресот е жесток противник на договорот.

Во Германија, со големо исчекување се гледа на можноста повторно да се соработува со некогаш добриот партнер- Иран. Пред санкциите, Германија беше вториот најголем трговски партнер на Иран по Обединетите арапски емирати. Но откако ЕУ се согласи на санкциите, Кина брзо ја пополни дупката на иранскиот пазар. Сепак, од Германската стопанска комора очекуваат извозот во Иран да се зголеми на 5 милијарди евра во следните години. На долг рок, проекциите се дека таа сума треба да се удвои.

Но, постои и загриженост дека иранските амбиции се во спротивност со очекувањата на потенцијалните партнери.
„Германија повеќе е насочена кон извоз на добра во Иран наместо да инвестира во производство во земјата“, вели Голверди Голестани, претприемач од Техеран.
„Од друга страна, Иран би сакал да го зголеми домашното производство, да отвори работни места за своите млади луѓе и да ја подобри индустријата“, вели Голестани за ДВ.