Револуцијата што се претвори во кошмар
11 февруари 2019Кога исламската револуција пред 40 години успешно го протера Шахот, јас имав одвај седум години. Но, присуствував на демонстрациите на кои одев со семејството. Поточно кажано, оној дел од семејството кој ја поддржуваше револуцијата. И нашата фамилија, како и многу други, се подели во два табора - мнозинството кои беа против Шахот и помал дел кои беа против револуцијата.
Првите месеци политичките дебати беа составен дел од секојдневието и разговорите на улица. Во училиште моравме да рецитираме пароли во чест на Ајатолахот и неговите приврзаници, но на улица се случуваше да сретнеме приврзаници на други движења кои ќе нѐ истепаа и натераа да кажуваме критички ставови за духовните лица кои ја преземаа власта во земјата. Дома набрзо почнаа да нѐ подучуваат да бидеме претпазливи и да се чуваме од неволји.
Прашањето на која страна треба да бидеш, наскоро веќе и не се ни поставуваше: од училиште нѐ вадеа за да гледаме како ги бесат „непријателите на револуцијата“. Таквиот епитет до ден-денешен им се лепи на противниците на Исламската република и е доволен за да оправда особено тешки казни. Егзекуции, затвори, протерување во егзил се омилените инструменти на лидерите на Исламската република во случаи на политички конфликти. Тоа почна со егзекуциите на офицери од иранската армија и владини соработници на Шахот непосредно по преземањето на власта од страна на револиционерите. Во 1980-те години илјадници поранешни противници на Шахот, кои застанаа против режимот на Хомеини, беа ликвидирани, најчесто без процес. И подоцна владетелите не се воздржуваа да пукаат врз демонстрантите, како во 2009 и 2018 година.
Насилство против непријателите на системот
Еден друг настан, со кој беше јасно дека режимот со сите сили сака да остане на власт, беа таканаречените сериски убиства, меѓу другото и на писатели. Тогаш бев новинар и член на иранското здружение на писатели. Есента 1998 година во нивниот дом беа пронајдени масакрирани телата на Дариуш и Парване Форуар , двајца национално наклонети политички активисти. Два дена подоцна, во пустината во околина на Техеран беа пронајдени и телата на уште двајца писатели, Мохамад Моктари и Мохамад Џафар Пујандех, исто така членови на здружението на писатели. Кратко претходно имаше обид автобус во кој патуваа дваесетина писатели да биде турнат во провалија.
Ако нашите средби набиени со доза на страв беа ново искуство за младите членови како мене, постарите меѓу нас се сеќаваа на атмосферата во првите години по револуцијата - на едно време во кое левоориентиран писател беше уапсен на неговата свадба и кратко потоа застрелан.
Иако по инсистирање на реформаторскиот претседател Катами беше утврдено дека убиството е извршено по наредба на соработници на озлогласеното министерство за безбедност МОИС и следеа казни, системот не беше разнишан. Напротив, цензурата на печатот беше засилена и имаше редица апсења против реформски ориентирани новинари и автори.
Нови политички фронтови
Постојаната и долготрајна репресија речиси и да не ѝ даде шанса на опозицијата да се реорганизира. Истовремено, во пресрет на четириесетгодишнината од револуцијата се забележуваат промени во политичкиот пејзаж, што може да доведе до вистински политички промени во иднина.
Во средиштето на владиниот апарат има поделба на табори - засега на „хардлајнери" против „реформатори" - толку нејасна, како никогаш досега во изминативе децении.
Но како што се намалува надежта за излез од безнадежната економска ситуација, така и поддржувачите на промена на системот се дистанцираат и од бескомпромисните заштитници на системот, но и од реформаторите.
Со други зборови: има два нови табора кои за првпат на протестите низ земјата на крајот од 2017. и почетокот на 2018. стоеја на спротивставени страни. На една страна бранителите на статус кво и Исламската република, од другата поборниците за длабоки промени што во крајна линија би значело соборување на владејачкиот систем.
Во изминативе дваесет години откако го напуштив Иран, пријателите или во интервјуа често ми го поставуваат прашањето што ќе се случува во Иран понатаму. Но, и сега велам: навистина не знам. Ситуацијата денес е сосем слична со онаа од пред 40 години - и тоа што се случи тогаш, ги надмина очекувањата на многумина.