1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Иран се заканува со повлекување од атомскиот договор

ЖА
15 август 2017

По минатомесечните нови американски санкции против Иран, Техеран отворено се заканува со напуштање на атомскиот договор.

https://p.dw.com/p/2iE8F
Iran Präsident Ruhani Rede im Parlament
Фотографија: Mehr

Иран се закани со повлекување од атомскиот договор, во случај на воведување на натамошни американски санкции. Техеран може „во рок од неколку часа“ да најави истапување од договорот, ако Вашингтон продолжи со својата политика на „санкции и принуда“, предупреди иранскиот претседател Хасан Рохани во телевизиски пренесуван говор во Парламентот. Искуството на неуспех на санкциите и принудата беше причината која ја доведе американската влада на преговарачка маса, рече Рохани: „Ако Американците сакаат враќање кон такво искуство, ние уште посилно ќе се вратиме кон нашата поранешна ситуација“, предупреди тој, истакнувајќи дека атомскиот договор од 2015 година, постигнат со вето-силите од ОН, ЕУ и Германија, е симбол на дипломатија и мир. Токму поради тоа Иран во досегашниот период ја почитуваше постигнатата спогодба и ја применуваше. „Ние претпочитаме тоа да го правиме и натаму, но тоа не значи дека немаме и други опции“, рече Рохани. 

Неговата закана во прв ред е насочена кон американскиот претседател Доналд Трамп. Според иранскиот претседател, Трамп на светот му покажал дека не е добар партнер, а САД повеќекратно извршија кршење на своите обврски и ветувања во поглед на атомскиот договор: од преземањето на претседателската функција на Трамп во јануари, „САД веќе не се доверлив партнер за преговори“.

Трамп е остар критичар на склучениот меѓународен атомски договор со Иран. Од неговото стапување на должност, односите меѓу САД и Иран видно се влошени. САД оттогаш воведоа во неколку наврати нови санкции против Иран.

Иранскиот парламент во неделата едногласно усвои предлог-закон за зголемување на буџетот, меѓу другото  за ракетната програма на земјата и за потребите на Револуционерната гарда. Станува збор за вкупна сума од преку 500 милиони евра, половина предвидена за наведените две ставки, а другата половина од нив наменета за министерствата за надворешни работи и за одбрана, како и за тајните служби. Медиумите тврдат дека донесениот закон претставува одговор на најновите санкции од страна на САД.

Атомскиот договор беше склучен меѓу Иран и петте вето-сили во ОН, ЕУ и Германија. Тој го обврзува Техеран на драстично редуцирање на облагородувањето ураниум и дозвола да се вршат засилени меѓународни контроли на неговата атомска програма. За возврат етапно се укинуваат санкциите против Иран.